Кога писателите измислуваат нови јазици…

За повеќето луѓе, јазиците кои постојат денес се сосема одличен материјал за пишување/читање книга. Но, има писатели кои не се согласуваат со ова и за потребите на својата приказна измислуваат сосема нови јазици кои не постоеле претходно.

Низ историјата на книжевноста, многу познати писатели развивале сосема нови јазици. Ова е особено случај во научната фантастика и фантазијата. Овие јазици помагаат при создавањето на нов свет и го пренесуваат читателот во друго време и место. Ако сте обожавател на креативната лингвистика,  прочитајте за некои од најпопуларните измислени јазици во книжевноста. Некои од нив дури можете и да ги научите.

1. Јазикот Дотраки од серијалот „Песна за мразот и огнот“ на Џорџ Р. Р. Мартин

Фантастичниот свет на Џорџ Р. Р. Мартин е неверојатно комплетен и целосен, вклучувајќи ги и измислените јазици кои неговите ликови ги користат. Јазикот наречен „Дотраки“ го зборува народот Дотраки од морето Дотраки (кое всушност е пустина). Јазикот одвреме-навреме се појавува во серијалот книги, но стана вистински хит кога телевизиските продуценти ангажираа експерти за лингвистика за да го доусовршат во целосен јазик во телевизиската серија „Игра на тронови“.

2. Јазикот Кенја од серијалот „Господар на прстените“ на Џ. Р. Р Толкин

Секој измислен јазик од жанрот фантастика кој се појавил по легендарниот серијал на Толкин е споредуван со јазиците во „Господар на прстените“. Толкин има измислено неколку јазици, но јазикот Кенја е најпопуларен од сите. Толку добро е развиен, дури има и курсеви каде можете да го научите јазикот.

3.  Змијски јазик во серијалот „Хари Потер“ на Џ.К. Роулинг

На самиот почеток на серијалот „Хари Потер“, има сцена каде што Хари разговара со змија. Веќе во втората книга, „Хари Потер и Одајата на тајните“, дознаваме дека всушност Хари знае да говори змијски јазик кој одредени волшебници го користат за да комуницираат со различни видови змии. За оние кои не го зборуваат јазикот, слушаат само „с’скање“, иако Хари го разбира како англиски јазик.

4. Новоговор во 1984“ од Џорџ Орвел

Новоговорот на Џорџ Орвел е многу повеќе од забавен и футуристички дијалект. Тој е интегрален дел од заплетот и една од најважните поенти на книгата. Новоговорот е јазик кој е создаден од тоталитарната власт на Океанија со цел да се поттисне и ограничи слободната и критичка мисла.

5.  Жаргонскиот говор „Надсат“ во Пеколен портокал“ на Ентони Бурџис

Ликовите во дистопискиот свет на Бурџис зборуваат на англиски јазик, но на многу поинаков начин од сите останати. Англискиот јазик на Бурџис е составен од жаргонскиот говор „Надсат“, кој им дава непознат и злокобен глас на грубите ликови во книгата. Бурџис бил лингвист и тој го искористил тоа негово знаење за да создаде реалистична форма на квази-англиски јазик – нов дијалект врз кој рускиот јазик има директно влијание.

6. Фременскиот јазик во серијалот „Дината“ на Френк Херберт

Фременскиот јазик го зборуваат Фременците, кои живеат на напуштената планета Аракис во универзумот на Френк Херберт. Во книгите, фременскиот јазик лингвистички потекнува од вистинскиот арапски јазик. Визијата на Херберт е неверојатно комплетна, дури постојат и дијалекти од фременскиот јазик и неговата употреба во долгата историја на Дината.

Leave a comment