Омилените книги на Ема Вотсон!

Ема Вотсон е една од водечките млади дами во Холивуд. Ѕвездата од „Хари Потер“, која заедно со Обединетите Нации е прилично активна во борбата за родова рамноправност, се смета за една млада, талентирана и интелигентна дама и заради тоа ужива огромна популарност.

(Извор на сликата: Vanity Fair)

Како и нејзиниот лик во „Хари Потер“, Хермиона, познато е дека Ема Вотсон ужива да чита, па затоа во денешниот текст ги издвојувам нејзините омилени книги кои таа сака да ги препорачува.

Пред да започнеме со листата, најпрво да споделиме интересен факт, а тоа е дека освен во „Хари Потер“, таа глумеше и во уште една екранизација на книга, а тоа е „Предностите на еден молец“, одлична книга која со драго срце јас ви ја препорачувам.

Да не должам многу, ова се омилените книги на Ема Вотсон:

1. Грешката во нашите ѕвезди“ – Џон Грин

За што се работи: Ова е една потресна љубовна приказна за Хејзел Грејс, која боледува од рак, и Аугустус Вотерс, кого го запознава во групата за поддршка за болни од рак. Тие се запознаваат и сфаќаат дека ги врзува една посебна емоција. Приказна за првата љубов, но и за тоа дека животот некогаш прерано ни дава претешки лекции.

Коментарот на Ема Вотсон: Толку се навлекла на книгата, што во разговор со Џон Грин на Твитер, му рекла дека останала будна до четири часот наутро само за да ја заврши.

2. .  ГДЏ“ – Роалд Дал

За што се работи: Едно младо сираче Софи се среќава со Големиот добар џин или попознат како ГДЏ кој ја носи со себе во Земјата на џиновите. Наскоро таа сфаќа дека се наоѓа во опасност заради другите џинови кои се канибали и крадат од луѓето. Софи и ГДЏ треба да го спасат човештвото од злобните џинови.

Коментарот на Ема Вотсон: „Кога бев помала, татко ми ми ја читаше „ГДЏ“ од Роалд Дал. Навистина многу ја сакам таа книга.“

3. Малиот принц“ – Антоан де Сент-Егизпери

За што се работи: Зарем треба голем вовед и опис за една од најпреведуваните и најпопуларните детски книги? Малиот принц ја напушта својата планета за да научи повеќе за животот и за возрасните и учи многу вредни лекции во тој процес.

Коментарот на Ема Вотсон: Како и за претходната книга, така и за оваа, љубовта кон нив доаѓа уште од мали нозе. Кога ги коментирала „ГДЏ“ и „Малиот принц“, изјавила: „Сакам книги кои не се само убави, туку во себе имаат и спомени. Исто како и некоја песна, земајќи повторно одредена книга во раце, може да ве врати назад во друго време и друго место.

4. Мама и јас и мама“ – Маја Ангелоу

За што се работи: Оваа книга истовремено е биографијата на Маја Ангелоу, но и првата нејзината книга каде што таа зборува за нејзиниот однос со мајка ѝ. Во неа, таа ја зачувува традиционалната форма на нејзиното пишување и воедно се потсеќаме на анегдотите од нејзината најпопуларна книга „Знам зошто пее птицата во кафез“.

Коментарот на Ема Вотсон: Кога Маја Ангелоу почина, Ема Вотсон на својот профил на Твитер напиша: „Секогаш ќе ги чуваме твојот живот и твоите зборови. Навистина длабоко те сакаме.“ Заедно со овој коментар, таа ја сподели и корицата токму од оваа книга.

5. Спротивно од осаменост“ – Марина Киган

За што се работи: Пред да започне да работи во „Њујоркер“ и во екот на продукцијата на нејзината драма во Њујорк, Марина Киган го загуби својот живот. Постхумно објавените есеи и приказни зборуваат за нејзините надежи и соништа и ги опишува тешкотиите и предизвиците со кои таа се соочувала.

Коментарот на Ема Вотсон: Откако ја прочитала книгата, Ема на Твитер започна дискусија со останатите кои ја прочитале книгата, зборувајќи за тоа колку оваа книга допрела до нив.

6. Величествениот извор“ – Ејн Ренд

fountainhead1994

За што се работи:  Оваа книга е вистинско олицетворение на филозофијата на Ејн Ренд, Објективизмот. Приказна за поединецот кој оди против цел свет само за да работи како што тој сака, по негови правила и врз основа на неговиот разум. Архитектот Хауард Рорк попрво би пропаднал отколку да ја компромитира својата визија.

Коментарот на Ема Вотсон: „Знам дека е еден вид на култ. Не би одела толку далеку, но навистина ми се допадна.

7. На крајот на денот“ – Казуо Ишигуро

378_28_58_11__8__2_2017na_krajot_na_denot

За што се работи: Оваа книга, која има добиено и награди, зборува за односот помеѓу Стивенс кој работи како батлер и неговата поранешна колешка, госпоѓа Кинтон. Книгата во 1993 година беше и екранизирана.

Коментарот на Ема: Ема уживала во оваа книга заради тоа што „отворено зборува за последиците од дискрецијата.“ Таа понатаму вели: „Дел од мене навистина не го сака тој дел од британскиот менталитет кој се врти околу тоа дека не е добро да се изразуваат чувства од каков било тип – дека не треба да се биде храбар. Но, истовремено и го ценам.

8. Тишина“ – Сузан Кејн

За што се работи: Писателката Сузан Кејн зборува за тоа дека општеството ги потценува интровертите и дава преголемо значење на екстровертите, иако барем 1/3 од луѓето покажуваат интровертни карактеристики. Оваа книга застанува во одбрана на интровертите и е наменета за оние кои се чувствуваат како интроверти, но и за оние кои имаат интровертни пријатели и сакаат подобро да ги разберат.

Коментарот на Ема Вотсон: „Оваа книга зборува за тоа како екстровертите во нашето општество се ставени на пиедестал и дека ако сте било што друго освен екстроверт, ќе ви се наметне чувството дека нешто не е во ред со вас. Тоа е на некој начин приказната на мојот живот. Кога го сфатив тоа за мене, добив просветлување, затоа што секогаш мислев: Боже, нешто мора да не е во ред со мене затоа што не ми се излегува и не сакам да го правам она што сите мои пријатели сакаат да го прават.”

9. Љубовни писма за мртвите“ – Ава Делаира

За што се работи: Лорел добива домашна задача, а тоа е да напише писмо наменето за мртва личност. Од една задача, целата работа се претвора во едно патување за развојот на нејзината личност додека искусува триумф, болка и сопствени откривања. Оваа задача не само што ја поврзува Лорел со нејзината почината сестра, но ја поврзува и со вистината за нејзиното болно минато.

Коментарот на Ема Вотсон: Откако ја завршила книгата, Ема напишала твит со порака до авторката, во кој вели дека многу и се допаднала нејзината книга!

10. Само деца“ – Пети Смит

За што се работи: Мемоарите на познатата пејачка Пети Смит даваат поинтимна слика за нејзината врска со фотографот Роберт Мејплтроп кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години на 20-тиот век. Она што ги прави овие мемоари различни од другите е фактот што читателите можат да уживаат во длабоката емоција на прозата на Смит и контрукцијата на нејзиниот поглед за животот пред славата.

Коментарот на Ема Вотсон: „Книгата е толку искрена и храбра. Многу ми се допадна начинот на кој таа го гледа светот. Навистина почувствував дека животот е поубав откако ја прочитав книгата и некако бев полна со повеќе надеж.“

11. „Сенка на ветрот“ – Карлос Руиз Зафон

За што се работи: Дејството на оваа книга е во Барселона, за време на Шпанската граѓанска војна. Еден продавач на книги наоѓа една книга која се вика „Сенката на ветрот“ и сфаќа дека постои човек кој ги уништува сите книги кои авторот на книгата ги напишал. Потрагата на Даниел е исполнета со интриги, лудило, убиство и пропадната љубов.

Коментарот на Ема Вотсон: Зафон е еден од нејзините омилени писатели и во едно интервју од 2007 година, изјави дека „Сенката на ветрот“ е една од нејзините омилени книги.

12. Нули и крстови“ – Малори Блекман

За што се работи: Ова е првиот дел од серијалот за млади „Нули и крстови“. Приказна за дистописко општество каде што човековата историја не наликува на нашата. Главните теми на оваа книга се расизмот, борбата против предрасудите и неочекувани политички сојузи кои ќе ги сменат судбините на ликовите во книгата.

Коментарот на Ема Вотсон: Во 2004 година, во едно интервју за списанието „Животот на девојките“, Ема ја нарече оваа книга најдобрата книга на светот.

13. Малите убави нешта“ – Шерил Стрејд

За што се работи: Оваа книга ги има собрани советите кои ги давала авторката на колумната „Драга Шеќерна“, вклучувајќи и многу одговори кои претходно не биле објавени.

Коментарот на Ема Вотсон: Во период од три недели, Ема прочитала три книги од Шерил Стрејд, вклучувајќи ја книгата „Малите убави нешта“ и „Факел“ и „Дива“. Откако ги прочитала, јавно им се заблагодарила на писателката и на актерката Рис Витерспун која исто така е страстен читател.

Leave a comment