Видео: Што навистина значи зборот „орвеловски“?

Џорџ Орвел и неговото најпознато дело, „1984“, извршија невидено влијание, не само во книжевноста, туку и во културата. Книгата „1984“ зборува за животот во Океанија, за животот во едно тоталитарно општество, каде што дури и слободата на мисла е забранета и можете да бидете уапсени за погрешни мисли.

Големиот брат нè гледа сите и не можеме да избегаме од неговото будно око. Можеме да се обидеме, но никогаш нема да успееме да го надмудриме. „1984“ не е само обично книжевно дело, „1984“ е значаен културолошки феномен.

Пред одредено време, на блогот напишав пост за неколку интересни факти поврзани со оваа книга. Факт е дека Орвел и „1984“ станаа референца за многу настани, а со тек на време, благодарејќи на неговата книга, луѓето почнаа да го користат терминот „орвеловски“ за најразлични работи.

Најчесто, кога луѓето велат за некоја ситуација дека е „орвеловска“ или дека нешто е „орвеловско“, обично мислат дека тоа е во духот на авторитаризмот и тоталитаризмот.

Со тек на време, луѓето почнаа да го користат терминот „орвеловски“ за многу работи. Шпионирањето и прислушувањето се „орвеловски“ начини за владите низ светот да го контролираат населението, одредени закони се „орвеловски“, итн. Толку лесно почнаа луѓето да се расфрлаат со овој термин, дури веќе стана и вистинска забуна за тоа што истиот значи.

Во видеото кое можете да го погледнете подолу, Ноа Тавлин дава одлично објаснување за тоа што значи зборот, кога и како започнал да се користи и како со текот на времето зборот сосема го изгубил своето првично значење. Одличната нарација заедно со интересната анимација ќе го привлечат вашето внимание од почеток до крај.

Во видеото се вели дека терминот го користиме за да опишеме нешто авторитативно, но користењето на овој збор само во таа насока, не само што не ја пренесува во целост пораката на Орвел, туку и ризикува да го направи токму она од коешто стравувал Орвел.

Една од најважните теории на Орвел е фактот дека јазикот кој го употребуваме има огромна важност и влијание врз формирањето на нашите мисли и ставови. Во „1984“, власта во Океанија комплетно ја контролира слободата на говор. Не само што слободата на говор е комплетно контролирана, но и слободното движење и секоја постапка се набљудувани и контролирани.

Но, власта во Океанија не запира тука, тие постојано користат пропаганда составена од измислени факти и лаги за да им го перат мозокот на жителите на Океанија.

Во „1984“ година, Орвел ни го презентира и јазикот кој го користат во Океанија, а тоа е Новоговорот, кој има за цел и комплетно да ги уништи мислите на луѓето. Власта во Океанија брише цели зборови од англискиот јазик, бидејќи на тој начин, луѓето нема да можат да ги оформат своите мисли.

1984_still4-1240x675

Иако изгледа дека ова може да се случи само во авторитативни и тоталитарни општества, Орвел предупредува дека истото може да се случи и во демократски општества, па оттука не може да се стави равенство помеѓу „орвеловски“ и „авторитарно“ или „тоталитарно“.

Во неговиот есеј „Политиката и англискиот јазик“, Орвел вели:

„Политичкиот јазик е создаден за да направи лагите да изгледаат вистинито и убиството да изгледа достојно за почит. И воедно на ветерот да му даде изглед на нешто стабилно.“

Во видеото се даваат и други интересни примери за тоа што значи „орвеловски“ и како се користи јазикот како манипулација.

Како заклучок, Тавлин вели: „Следниот пат кога некој ќе го искористи зборот „орвеловски“, слушајте многу внимателно. Ако го користат за да ја опишат злоупотребата на јазикот за измама и манипулација, тогаш се движат во правилна насока.

Ако зборат за шпионирање и прислушување, како и за власта која сака да навлезе во животите на луѓето, тогаш тие опишуваат нешто кое Е авторитативно, но не мора да значи дека е и „орвеловско“. А ако го користат зборот „орвеловски“ буквално за секоја идеја која не им се допаѓа или за секој став кој не го оправдуваат, тогаш нивните изјави се „поорвеловски“ од она што го критикуваат, а тоа е токму исходот кој Орвел го предвидел.“

Погледнете го во целост видеото и слушнете ја интересната презентација:

Leave a comment