Светлана Алексиевич е добитничка на Нобеловата награда за книжевност за 2015 година!

Белоруската новинарка и писателка Светлана Алексиевич е добитничка на овогодинешната Нобелова награда за литература. Таа е четиринаесеттата жена која ја добива оваа награда. 198 кандидати и кандидатки беа номинирани за оваа награда, а номинациите беа поднесени од стотици официјални предложувачи, меѓу кои и поранешни добитници на Нобеловата награда за книжевност, членови на Шведската академија и професори по книжевност.

Претставник на Шведската академија изјави дека Алексијевич е избрана „заради нејзините полифонични пишувања кои се споменик за страдањето и храброста на нашето време.

Реакцијата на Алексијевич кога дознала дека е добитник на Нобеловата награда била преточена со само еден збор: „Фантастично!“

За читателите кои не се запознаети со нејзиното творештво, едно од најпознатите дела на Светлана Алексиевич е „Војната нема женско лице“, книга која е заснована на интервјуата со стотици жени од Советскиот сојуз кои учествувале во Втората светска војна. Алексиевич ги овековечи гласовите на овие жени.

Оваа книга беше првата книга од циклусот книги на Алексиевич, познати како „Гласовите на Утопија“, во кои таа го опишува Советскиот Сојуз од перспектива на поединецот. Овој револуционерен историски метод, таа подоцна го искористи за да ги собере различните човечки приказни од катастрофата во Чернобил („Чернобилска молитва“) и војната на СССР во Авганистан („Цинковите момчиња“).

Според зборовите на претставничката на Шведската академија, Алексиевич го проширила концептот на книжевноста и има развиено сосема нов книжевен жанр и со тоа постигнала брилијантни резултати и во форма и во материја. Таа нуди историја на емоциите, историја на душата.

Светлана Алексиевич е родена во 1948 година во Украина. Нејзината мајка е Украинка, а нејзиниот татко е Белорусин. Семејството се преселило во Белорусија, откако завршила воената служба на нејзиниот татко. Светлана по завршување на образованието работела како учителка и истражувачка новинарка во Белорусија.

vojnata20nema20zensko20lice-500x500

Таа често го критикувала белорускиот политички систем и режим и поради тоа во одредени периоди од својот живот живеела во Италија, Франција, Германија и Шведска.

112 писатели досега ја имаат добиено Нобеловата награда за книжевност.

Leave a comment