Со појавата на е-книгите, се појави страв помеѓу издавачките куќи дека книгите со корици, т.е печатените книги полека, но сигурно, ќе почнат да исчезнуваат. Сепак, се покажа дека овој страв е сосема неоправдан. Во 2015 година, продажбата на е-книги забележа огромен пад. Печатените книги дефинитивно доживуваат преродба. Уште една победа за принтаните книги е и фактот дека Амазон, најголемиот дигитален продавач на книги, деновиве ја отвори првата „физичка“ книжарница.

Како голем љубител и поддржувач на враќањето на ударот од страна на печатените книги, денес ви претставувам пет причини зошто печатените книги се подобри од е-книгите!
1. Е-книгите можат да ја намалат способноста за разбирање
Луѓето од Универзитетот „Вест Честер“ направиле истражување помеѓу средношколци и дошле до сознанието дека оние што читаат на iPad имаат пониско ниво на разбирање на тоа што го читаат. Кога на истите ученици им дале печатени книги, нивото на разбирање се зголемило. Во нивното истражување тие заклучиле дека оние што читаат е-книги понекогаш прерипнуваат дел од текстот на сметка на интерактивните додатоци во е-книгите, што укажува на тоа дека одредени мултимедиски додатоци што ги има во е-книгите за деца можат дури и да им наштетат во процесот на читање на книгата. Од друга страна, не е сè толку црно. Сепак, во е-книгите има и одредени додатоци што се специјално создадени за да помагаат при разбирањето на книгите и тие се многу покорисни од интерактивни графици.
2. Е-книгите им го одвлекуваат вниманието на децата
Ова е слично со претходната точка, со тоа што се работи за помали деца. При едно истражување на центарот „Џоан Ганз Куни“, во кое учество земале 32 деца кои требале да читаат и печатени и е-книги со своите родители, се покажало дека е-книгите многу лесно им го одвлекуваат вниманието на децата, особено оние кои имаат интерактивни и мултимедиски додатоци. Истражувањето заклучило дека децата повеќе се вклучуваат физички додека читаат е-книга, но дека повеќе помнат кога читаат печатена книга.

3. Луѓето помнат многу помалку за дејството на книгата доколку читаат е-книга
Истражувањата со возрасни луѓе исто така покажале дека тешко е да се „сварат“ е-книгите. Истражувачите замолиле една група составена од 25 луѓе да прочитаат приказна од 28 страници на Киндл и друга група од 25 луѓе да ја прочитаат истата приказна во печатено издание. Потоа ги замолиле читателите да ги наредат четиринаесетте настани од приказната по хронолошки ред. Оние што ја читале приказната на Киндл имале далеку полоши резултати од оние што ја читале испечатената приказна, иако во сите други области и тестови имале слични резултати.
4. Е-книгите се лоши учебници
Учебниците во електронска форма се поевтини и полесни за носење од обичните учебници. Но, студентите на факултет навистина не ги сакаат е-учебниците. Во неколку најразлични анкети, покажано е дека огромното мнозинство помеѓу студентите се изјаснило дека повеќе сакаат печатени учебници.
5. Е-книгите се заморни
Постојаното гледање во екран е заморно и за очите и за мозокот. Едно истражување од 2005 година во Шведска покажало дека за дигиталното читање е потребна поинтензивна когнитивна работа за разлика од читањето на испечатени страни. Покрај тоа, се покажало и дека гледањето во LED екраните навечер може да го наруши спиењето и да предизвика несоница. Едно истражување од 2014 година, направено од Харвард, покажало дека оние што користат уреди за електронско читање со вградени LED екрани се соочуваат со тешкотии при спиењето, лошо спијат и се поуморни наредниот ден.
