„Мајсторот и Маргарита“ на Булгаков ќе оживее на сцената на МНТ!

Еден од најдобрите романи на 20 век, „Мајсторот и Маргарита“, на легендарниот и уникатен Михаил Булгаков, ќе оживее на театарската сцена на Македонскиот народен театар.

Претставата чијшто режисер е Иван Поповски и којашто подолго време беше најавувана, конечно ќе ги доживее своите премиери на 1 и 2 декември, додека пак претпремиерата ќе се одржи на 30 ноември.

„Мајсторот и Маргарита“ е книга која се смета за една од најдобрите книги на 20-тиот век и која преку сатира и хумор го исмева режимот на Сталин, општеството во коешто живеат и советската бирократија.

11693938_520045688144894_2377518105045909455_n

Ѓаволот доаѓа да ја посети Москва, а потоа… потоа читателот сосема навлегува во светот кој ни го доловува Булгаков и тешко ќе може да излезе од него дури и по завршување на книгата.  Оваа книга е полна со црн хумор и апстрактни сцени и многу метафори, преку кои писателот ни’ дава многу точен и интересен приказ на режимот на Сталин.

Булгаков не доживува да ја види својата книга издадена. Таа ја гледа светлината на денот дури во 1966 година. Палена, забранувана, непријател на еден цел режим, но сепак, како што Булгаков во самата книга пишува: “Ракописите не горат“! Идеите не можете да ги уништите, а оваа книга е доказ за тоа!

Токму поради уникатноста, магичноста и посебноста на оваа прекрасна книга, ќе биде навистина интересно и инспиративно да се погледне како ќе изгледа тоа на штиците што живот значат. Како љубител на книгата и театарот, морам да признаам дека ќе ми биде искрено задоволство да ја погледнам претставата и со нетрпение чекам да ја гледам.

Покрај тоа, актерската екипа е навистина одлична.

Во улогата на Мајсторот ќе го видиме Дејан Лилиќ, додека пак улогата на Маргарита ќе ја толкува Драгана Костадиновска. Никола Ристановски ќе го видиме во улогите на Воланд и Афраниј, а Понтиј Пилат ќе го толкува Јордан Симонов.

Ликот на Каровјев ќе го толкува Оливер Митковски, Сашко Коцев ќе го видиме како  Иван Николаевич – Бездомни, а актерот од Народниот театар од Битола – Петар Мирчевски  ќе го толкува ликот на мачорот Бегемот. Меѓу другите ќе настапат и: Ѓорѓи Јолевски, Ана Стојановска, Кирил Коруновски, Емил Рубен, Катина Ивановска и други.

Иван Поповски е автор и на драматизацијата, а негов е и изборот на музиката. Асистент на режија е Ангелчо Илиевски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, илузионист Гаетано Триџано, додека кореографијата е на Искра Шукарова и Нина Деан.

Ова е претстава која дефинитивно не треба да ја пропуштите! Купете си карти навреме! Погледнете ја и најавата за претставата!

Leave a comment