На денешен ден во 1775 година се родила Џејн Остин, една од најпознатите и најлегендарните британски писателки.
Џејн Остин е писателката која ни ја подари „Гордост и предрасуди“, една од најдобрите книги во историјата на книжевноста. Книгата којашто го создаде господин Дарси, еден од најпосакуваните измислени ликови.
Таа е родена во Хемпшир, Англија. Нејзиниот татко и постар брат ја поттикнувале постојано да чита и да се образува. Тие, заедно со нејзината сестра Касандра, со која била многу блиска, биле нејзината најголема мотивација и причината поради која се одлучила целосно да се посвети на пишувањето, во време кога тоа било навистина тешко за жените.
Првата книга што ја издала била книгата „Разум и чувстителност“ (1811 година) и тоа го прави под псевдоним. На оригиналното издание пишува дека е издадено од „една дама“.

(Насловната страница на првиот роман на Џејн Остин)
Во 1813 година ја издала „Гордост и предрасуди“, која денес се смета за едно од најдобрите дела во англиската и светската книжевност. Потоа следува „Паркот Менсфилд“ која била објавена во 1814 година, додека во 1815 година во продажба излегла „Ема“, последната книга што излегла во продажба додека е жива.
За жал, Џејн Остин починала во 1817 година, на 41 година. Сè уште има дебата околу болеста од која страдала и поради која починала. Некои велат дека се работело за Адисонова болест, додека пак некои велат дека причината за нејзината смрт била предизвикана од Хоџкинов лимфом. Џејн Остин никогаш не се омажила и се посветила исклучиво на пишување.

По нејзината смрт, во продажба излегле и „Опатијата Нортангер“ и „Убедување“.
Навистина може многу да се зборува за животот и творештвото на Џејн Остин и во текот на наредниот период ќе се обидам да опфатам најразлични делови и аспекти од нејзиниот живот кои верувам дека ќе бидат интересни за оние што веќе се запознаени со нејзиниот лик и дело, а ќе ги поттикнат оние кои не ја читале Џејн Остин да започнат да ги читаат нејзините дела.
Да не должам многу, во чест на денот на нејзиното раѓање, решив да издвојам неколку интересни и мотивирачки мисли од Џејн Остин. Такви ги има премногу и навистина ми беше тешко да одвојам мисли кои би ги издвоила за оваа објава.
Сепак, некои од нив ќе ги оставам и за следната прилика, затоа што верувам дека на светот никогаш нема да му биде доста од нејзините прекрасни мисли.
~ Најубавите цитати од Џејн Остин ~
~ „Личноста, без разлика дали е маж или жена, која не ужива во добра книга, мора да е неподносливо глупава.“ – „Опатијата Нортангер“
~ „Фантазијата на жената е многу брза; за само еден момент може да скокне од почит во љубов и од љубов во брак.“ – „Гордост и предрасуди“

~ „Колку повеќе го запознавам светот, толку повеќе сум убедена дека нема да најдам маж кој навистина ќе го сакам. Јас навистина многу барам!“ – „Разум и чувствителност“
~ „Ако книгата е добро напишана, секогаш имам чувство дека е премногу кратка.“
~ „Суетата и гордоста се две различни работи, иако се користат како синоними. Човек може да биде горделив без да биде суетен. Гордоста повеќе е поврзана со тоа што мислиме за себе, а суетата со тоа што другите мислат за нас.“ – „Гордост и предрасуди“

~ „Не сме дефинирани од тоа што го мислиме или зборуваме, туку од тоа што го правиме.“ – „Разум и чувствителност“
~ „Можеби го загубив своето срце, но не и мојата самоконтрола.“ – „Ема“
~ „Дајте ѝ на една девојка образование и правилно запознајте ја со светот и ќе има можност да живее одлично, без да биде на трошок на другите.“
~ „Да сакаш да танцуваш, тоа е првиот чекор кон заљубување.“ – „Гордост и предрасуди“
~ „Мојата идеја за добро друштво е друштво кое е составено од паметни, добро информирани луѓе, кои знаат да разговараат.“ – „Убедување“

~ „Јас секогаш го заслужувам најдобриот третман, затоа што не се помирувам со ништо помалку.“ – „Ема“
~ „Треба да научиш нешто од мојата филозофија. Мисли на минатото како спомен кој ти носи само задоволство.“ – „Гордост и предрасуди“
~ „Ништо не ме онерасположува, освен кога треба да правам нешто што не ми се допаѓа.“
~ „Тој е џентлмен, а јас сум ќерка на џентлмен. Сега засега, ние сме еднакви.“ – „Гордост и предрасуди“
~ „Познавај ја сопствена среќа. Немој да посакуваш ништо освен трпение или ако сакаш дај му уште пофасцинантно име – наречи го надеж.“ – „Разум и чувствителност“
~ „Ако те сакав помалку, ќе можев да зборувам повеќе.“ – „Ема“

