Кога го започнував овој блог на 4 март 2015 година, имав само една идеја на ум. Да пишувам за книгите онака како што јас сакам да пишувам. Да пишувам за писателите и писателките, за поемите, за прекрасните книги кои постојат и заслужуваат да се зборуваат. Немав некое претходно искуство, не знаев баш како одат тие работи, но имав љубов, ентузијазам, желба и мерак.
Постојано ги читав странските блогови и веб страни и еден ден си реков, а зошто да не отворам блог за своја душа и да пишувам за работите од областа на литературата и книжевноста кои сметам дека недостасуваат во македонскиот интернет простор?
И така, сосема полека и опуштено се создаде Кафе и книги. Срамежливо започнаа да се нижат постовите и статиите и полека, речиси незабележливо, Кафе и книги почна да станува поголем и поопширен блог, а јас уживав во секој момент, секој напишан ред и стих и секоја минута помината во истражување и барање инспирација.
Затоа, кога слушнав дека Кафе и книги е номиниран во категоријата Најдобар блог во доменот на културните работи (литература и сл.) во овогодинешните Твитер и блогираме награди организирани од blogirame.mk, не можев да поверувам. Сепак, убаво ми дојде сознанието дека има луѓе кои го читаат блогот и на кои им се допаѓаат содржините.

Дојде и вечерта на наградите, јас не бев во Скопје. Утредента, сосема случајно, на Твитер ми кажаа дека сум ја добила наградата и не ми се веруваше. Буквално останав без текст.
Навистина бев сосема затечена и не знаев што да кажам. И се уште не знам. Знам само дека навистина ми значи фактот што има луѓе кои го читаат блогот, луѓе на кои им се допаѓаат содржините и луѓе кои се потрудиле да ме номинираат и гласаат за мене, особено заради фактот што Кафе и книги е навистина млад и прилично нов блог во блогосферата.
Ви благодарам од срце! Ова е еден огромен поттик да продолжам да пишувам за мојата најголема љубов – книгите и да продолжам да уживам во секоја секунда.
Верувам дека во Македонија има огромна љубов кон книгите и многу искрени вљубеници во литературата за кои книгата е магија, бегство од реалноста и искрен пријател.
Ви благодарам искрено, најнајнајнајискрено!
Срдечен читателски поздрав од Марија.
