Подари љубов, подари книга!

Велат дека среќата најмногу се зголемува тогаш кога ќе се подели со другите. Вљубениците на книгите знаат дека книгата подарува неизмерна среќа и книгата е пријател во нашите најдобри, но и најтешки моменти.

Секој човек на своите полици има купишта книги кои фаќаат прашина и книги кои стојат така осамено на полиците. Зошто да не ги подариме на оние на кои највеќе им е потребна книга и поддршка?

Во таа насока, Тихомир Јанчовски и тимот на „Децата од нашата улица“, организираат една прекрасна и благородна акција под слоганот „Подари љубов, подари книга“.

Во сабота (26.12.2015) година, од 11 – 15 часот, во кафе-книжарницата „Децата од нашата улица“ (поранешна Ленинова, спроти Бастион), ќе има попладневно дружење, каде секој ќе има можност да подари неколку книги од своите полици со цел да се формира библиотека за пациентите на болничкиот оддел на УКРО – Универзитетската клиника за радио – терапија и онкологија во Скопје.

Верувам дека оваа акција ќе допре до што повеќе луѓе и ќе им овозможиме на пациентите на болничкиот оддел за радио-терапија и онкологија да се опуштат и препуштат на магијата на убавиот пишан збор и донесе позитивна енергија и среќа во нивната тешка и жестока битка! Книгата е навистина верен пријател и одлична поддршка во тешките моменти!

12369160_1540341826291583_2602099529948447966_n

Со цел да подариме љубов, книги и насмевки на оние на кои тоа најмногу им е потребно, во сабота подарете книга, а во замена за ваша подарена книга, ќе бидете послужени со кафе, чај или чаша вино, а ќе има и соодветна музика која ќе ви овозможи да имате исполнето попладне.

Медиумски поддржувач на овој настан е Радио Бубамара.

Останати поддржувачи на настанот се: Борка • Здружение за борба против рак и Првото Антиканцер здружение „Животна искра“.

Издавачките куќи „Или – или“ и „Матица“ исто така ќе се вклучат во акцијата со тоа што ќе донираат книги за библиотеката.

Тука можете да го најдете и официјалниот настан на Фејсбук.

Оваа прекрасна акција ја заслужува нашата поддршка!
Се гледаме во сабота!

Leave a comment