Блаже Конески е еден од доајените на македонската книжевност и учествувал во кодифицирањето на современиот македонскиот литературен јазик. Неговото влијание врз македонскиот јазик и книжевност е огромно и тој со право се смета за еден од најважните ликови во создавањето на македонскиот јазик онаков каков што го знаеме денес. Освен тоа, неговата поезија и ден денес не остава никого рамнодушен.
На ЈуТуб пронајдов едно постаро интервју со Блаже Конески направено за МТВ. Се работи за едно исклучително интересно интервју и сметам дека треба да допре до што повеќе луѓе.
Во интервјуто можете да слушнете многу интересни размисли и одговори кои ги дава Блаже Конески, како на пример дека до терминот изневера дошол работејќи врз текстовите на Марко Цепенков. Покрај тоа, во еден дел од разговорот, околу 36 минута, можете да чуете и како Блаже Конески ја рецитира својата песна „Снег“.

Интервјуто е малку подолго, трае 51 минута и 29 секунди, но секоја секунда вреди! Чисто како поттик да го погледнете интервјуто, издвоив неколку интересни мисли кои Блаже Конески ги кажува за време на разговорот:
„Детството знаеме дека се одликува со свежост на впечатоците. А мислам дека свежоста е многу потребна за поезијата, па според тоа поетот треба да задржи нешто од детското гледање и восприемање на светот.“
„Јас навистина само еднаш сум го видел Рацин за неколку минути на железничката станица во Велес. Можам веднаш да Ви кажам дека влијанието кое тој го изврши на нашата генерација, беше навистина големо. За нас беше многу важно тоа што при крајот на 30-тите години и во Југославија почнаа да се објавуваат песни на македонски јазик, а тие песни кога беа најдобри беа потпишувани со името Рацин. Ги читавме нив во списанија, а во 1939 година вистински настан за сите нас беше издавањето на збирката „Бели мугри“. Рацин одбежела една епоха во создавањето на современата македонска литература.“
„Јас мислам дека првенствено играа тогаш улога општите промени. Јас веќе реков дека непосредно по војната, тешко можеше и да се замисли да се пишува некоја интимна поезија. Мислите на луѓето беа доста одалечени од тоа, реалноста беше таква. Настанаа крупни промени во нашиот општествен и политички живот и тие промени доведоа и до многу важни поместувања и во областа на поезијата и општо и во литературата. Јас бидејќи почнав да пишувам порано, тие промени не ги доживеав толку драматично како некои луѓе кои дури тогаш во 50тите години влегуваа во литературата. Јас веќе имав извесен свој литературен опит.“

„Како што животот поставуваше некои задачи и исфрлаше некои теми и проблеми, така се ориентирав и јас самиот. Јас мислам дека во крајна сметка, за мене нема да се применуваат некои етикети што важеле поради други причини за некое време и кои ја одбележале литературната клима.“
„Ние имаме една една млада литература и 50тите години донесоа нова гарда на наши писатели и поети, се почувствува нивното присуство. Литературниот живот беше доста интензивен и интересен. Мене малку ми пречеше тоа што премногу се делеа некои блокови. Не гледав вистински мотив за таквата поделба. Јас дури и пишував во својата статија за македонската литература, дека нашата задача е сосема подруга, бидејќи сме млада литература и дека таа задача се исполнува и преку нас самите и кога за тоа не сме ние за тоа свесни.“
„Паметам еден момент, веројатно имав околу 15 години, доживеав една возбуда од зајдисонцето и напишав за тоа песна и можеби таа возбуда, доста карактеристична, проследена со едно пријатно чувство, беше и знак за тоа дека се буди во мене наклоноста за пишување поезија.“
„Лектор во Македонскиот народен театар, тоа беше мојата прва служба. Треба да дадам едно појаснение, терминолошко. Тогаш тоа беше нешто како драматург, читач на текстови, не само како јазичен лектор. И мислам дека е голем недостаток тоа што во ред наши институции, издавачки проекти, недостига учеството на лектори коишто би воделе грижа за јазичниот облик. Сигурно дека е потребно и дека тоа би придонесло за дефинитивно поголем впечаток за текстот. А сите знаеме дека и во поразвиени земји со стари литературни јазици таа служба на лектор и денес функционира.“
Во продолжение погледнете го целосното интервју!
