По 50 години, Шведската академија реши да објави листа на писатели што биле во трката да ја добијат Нобеловата награда за книжевност во 1965 година. Листата содржи навистина голем број на еминентни имиња од светот на книжевноста како што се: Хорхе Луис Борхес, Семјуел Бекет, В.Х. Оден, Е.М Форстер, Владимир Набоков, Пабло Неруда и други познати книжевници.
Она што е исто така интересно е дека на листата има и едно познато име од регионот, хрватскиот писател Мирослав Крлежа. Единствениот писател од Балканот кој некогаш ја добил оваа престижна награда е Иво Андриќ во 1961 година.

(Мирослав Крлежа)
Наградата таа година отишла во рацете на Михаил Шолохов, за „уметничката моќ и интегритет, со кои, преку неговиот еп за Донот, дал израз на една историска фаза во животот на рускиот народ.“
Во тоа време, одлуката да му се даде наградата на Шолохов била прилично контроверзна, затоа што Шолохов веќе еднаш жестоко ја критикувал Академијата затоа што му ја дале Нобеловата награда во 1958 година на Борис Пастернак, па многумина верувале дека наградата му била доделена на Шолохов за да се направи еден вид на контра-баланс за да се спушти топката. Покрај ова, откако ја добил Нобеловата награда, Шолохов бил и обвинет дека украл голем дел од неговото прочуено дело „Тихиот Дон“ и тоа од страна на Александар Солженицин и други писатели.
Сепак, како што откриваат документите кои неодамна беа извадени од архивите, изборот Шолохов да биде награден со Нобеловата награда бил едногласен. Сите членови на одборот сметале дека тој треба да ја добие наградата.

(Михаил Шолохов)
Шведската академија има обичај по 50 години од добивање на наградата да ја објави листата со имињата кои биле ставени во потесниот круг на избор и од денешна перспектива, тоа секогаш изгледа интересно да се види. Додека некои од имињата на листата успеале да ја добијат Нобеловата награда, голем дел од нив не успеале да се закитат со најпрестижната награда во светот на книжевноста. Еден од нив е и Борхес, кој во една прилика изјавил: „Недобивањето на Нобеловата награда стана веќе шведска традиција, не ми ја даваат откако сум роден.“
Интересно е да се види дека уште едно големо име од тогашната југословенска книжевна сцена било дел од оваа елитна група на писатели и била разгледувана можноста да му се додели наградата, само четири години откога Иво Андриќ ја добил наградата. Творештвото на Мирослав Крлежа со сигурност е дел од богатата и квалитетна книжевност што излегла од овој регион.
