Британската книжевност е една од најзначајните во историјата на книжевноста. Мноштвото од книги за кои се вели дека имале огромно влијание во светот се токму од Велика Британија. Навистина е тешко да се направи листа со најдобрите и секогаш ќе има поделени мислења.
Сепак, при крајот на 2015 година, BBC реши да направи листа со најдобрите книги од Велика Британија. За таа цел, 82 книжевни критичари од целиот свет (освен Велика Британија) беа замолени да достават листа од најдобрите десет книги од Велика Британија според нивна проценка. Услов при гласањето било писателите што ги напишале книгите да се од Велика Британија и да се работи само за романи (што значи нема драми, истражувачки книги, мемоари, епови или кратки раскази).
Според гласовите, ова се најдобрите 25 книги од Велика Британија.
25. „Бели заби“ – Зејди Смит (2000)

~ „Секој момент се случува два пати: одвнатре и однадвор. И тоа се две различни истории.“
На 24 години, Смит го воодушеви книжевниот свет со својата книга преполна со свежина, хумор и интелигенција, добивајќи повеќе вредни награди и признанија. „Белите заби“ е книга чие дејство се случува во Лондон, во 70-ти години на 20 век.
Главните ликови се Арчи Џонс, сосема обичен човек од средната класа на Лондон и Самал Икбал, муслиман од Бангладеш. Тие се пријатели уште од Втората светска војна, бидејќи служеле заедно војска. Тие живеат во северно-западен Лондон. Според Смит, книгата е замислена како утопистички поглед на односите меѓу различни раси и нуди портрет на мултукултурниот Лондон.
24. „Златната тетратка“ – Дорис Лесинг (1962)

~ „Уметноста е огледалото на нашите предадени идеали.“
Ана е писателка, авторка на една многу успешна книга, а која сега води четири тетратки. Во првата, која има црна корица, пишува за нејзиното искуство во Африка од претходната година. Во црвената тетратка таа го запишува нејзиниот политички живот и нејзината зашеметеност од комунизмот. Во жолтата тетратка пишува книга во која хероината живее дел од нејзиното сопствено искуство. Во сината тетратка таа води личен дневник. Кога се заљубува во американски писател и кога се наоѓа под закана од лудило, таа се обидува да ги спои темите од сите четири тетратки и да создаде златна тетратка.
23. „Мрачниот Џуд“ – Томас Харди (1895)

~ „Но, неговите соништа беа огромни, а неговата околина толку мала.“
Последната книга на Харди е една од неговите најсакани книги. Книгата го следи животот на младиот Џуд, кој има амбиции да ги проучува класисиците на факултет. Но, нему му се случува животот и мора да се откаже од своите соништа и своите амбиции. Тој навлегува длабоко во темите како животот, бракот, религијата и слично. Прекрасна книга за тоа како амбициите на еден човек можат да се срушат за миг и неговото справување да живее со она што го има, а не тоа што го сонувал.
22. „Историјата на Том Џонс“ – Хенри Филдинг (1749)

~ „Се надевам дека моите пријатели ќе ми простат кога кажувам дека не познавам ниту еден од нив без да има некоја мана. И ќе ми биде многу жал, ако имам пријател кој не може да ги види моите. Прошката од овој вид, ја даваме и бараме за возврат.“
Том Џонс е заљубен до уши во навидум недофатливата Софија Вестерн, убавата девојка од соседството, иако понекогаш потклекнува на шармот на другите локални девојки. Кога Том ќе го избркаат од дома за сам да заработува, а Софија бега од дома за да избега од договорен брак, тогаш навистина започнуваат авантурите. Книга полна со интриги, опасност, хумор, романса, книга која на интересен и сатиричен начин го опишува британското општество од тоа време.
21. „Срцето на темнината“ – Џозеф Конрад (1899)

~ „Запишано е да бидам лојален на кошмар по мој избор.“
Оваа книга се смета за една од најмистериозните и најдобрите книги на Џозеф Конрад. Приказната ни ја доловува нараторот кој го опишува своето патување во срцето на дивината на Конго, каде што добива нездрава опсесија со човекот наречен Курц, кој е своевиден владетел на жителите таму.
20. „Убедување“ – Џејн Остин (1817)

~ „Не сакам да те слушам како зборуваш за сите жени како да се фини дами, а не рационални суштества. Ниедна од нас не сака цел живот да плива во мирни води.“
27-годишната Ен Елиот е најстарата хероина на Џејн Остин. Осум години пред да започне дејството кое се опишува во книгата, Ен е верена за Фредерик Вентворт, но ја прекинува веридбата затоа што нејзината пријателка Лејди Расел ја убедува дека тој не е човек за неа. Оваа одлука со години ќе ја прогонува Ен која длабоко се кае заради тоа што го направила. Но, осум години подоцна Вентворт се враќа назад во родното место и приказната ни ја опишува повторната средба на Ен и Фредерик, кој се однесува ладно кон неа, но истовреме читателот има чувство дека можеби има остатоци од старата љубов.
19. „Ема“ – Џејн Остин (1815)

~ „Јас секогаш го заслужувам најдобриот третман, затоа што не се помирувам со ништо помалку.“
Уште една книга од Џејн Остин се наоѓа на оваа листа. Главната хероина е Ема Вудхаус, богата, убава, паметна и популарна. Таа е заљубена во љубовта и затоа што постојано се труди да спојува луѓе кои таа мисли дека си одговараат. Сепак, кога едно нејзино спојување тргнува на лошо, Ема ќе научи многу за животот, луѓето, љубовта и другарството.
18. „На крајот на денот“ – Казуо Ишигуро (1989)

~ „Не можам дури ни да кажам дека сам сум ги направил своите грешки. Сериозно, човек мора да се запраша себеси, каде е достоинството во тоа?“
Оваа книга која има добиено и награди, зборува за односот помеѓу Стивенс кој работи како батлер и неговата поранешна колешка, госпоѓа Кинтон. Книгата во 1993 година беше адаптирана во филм. Книга која на своевиден начин е една елегија за Англија во време на акутни промени, на општество кое доживува тектонски промени по двете светски војни и приказна за постоењето и состојбата на умот на современиот маж.
17. „Хауардс Енд“ – Е.М. Форстер (1910)

~ „Таа не можеше да објасни со многу зборови, но таа чувствуваше дека оние што се подготвуваат за сите вонредни работи во животот, се опремуваат на сметка на задоволството.“
Себичното непочитување нажелбата на една жена на смртна постела, импулсивниот обид на една девојка да му помогне на еден осиромашен чиновник и бракот помеѓу идеалист и материјалист. Сите овие работи се среќаваат на еден имот кој се вика Хауардс Енд. Судбината на овој сакан селски дом ја симболизира иднината на Англија во ова дело на Форстер во кое ги истражува економски и филозофските трендови кои се прикажани преку три фамилии. За оваа книга Форстер дава меѓународно признание за длабокиот и зрел портрет на животот на Англија во пост-викторијанската ера.
16. „Бранови“ – Вирџинија Вулф (1931)

~ „Различни луѓе извлекуваат различни зборови од мене.“
„Бранови“ е можеби најексперименталниот роман на Вирџинија Вулф и се смета за нејзино ремек дело. Романот го следи животот на шест деца од нивното најрано детство до средовечна возраст. Нивните излагања се наизменични и сите шест некако се обединуваат околу невидената и молчалива фигура на седмо дете, Персивал. Длабоко мистериозна и филозофска книга која му нуди на читателот нови богатства со секое ново читање.
15. „Искупување“ – Ијан Мекјуан (2001)

~ „Човекот, како и сè останато е материјална работа, лесно може да се скрши, многу тешко да се поправи.“
Оваа прекрасна книга ќе ги допре вашите емоции на најдлабок начин. Дејствие кое се простира во околу шест декади, започнувајќи од 1934 година, кога младата Бриони е сведок на флертувањето на нејзината сестра и соседот, до тоа кога го обвинува соседот за напад во шумата. Обвинение што ќе го смени текот на многу животи. Приказната продолжува во Лондон за време на бомбардирањата и Втората светска војна, како и потрагата на Бриони за искупување и наоѓање мир. По книгата е направен и филм со Кеира Најтли во главната улога.
14. „Клариса“ – Семјуел Ричардсон (1748)

~ „Јас не си го препознавам сопственото срце доколку не е слободно.“
Клариса Харлоу е млада девојка која е под страшен притисок да се омажи со богат маж кој не може да го поднесе. Нејзиното семејство е бескруполозно и не бира средства со кои ја притиска за да го прифати предлогот. Сакајќи да побегне од сè, таа бега од дома со шармантниот и весел Роберт Ловлејс и паѓа во негова заштита. Сепак, се покажува дека Ловлејс не е човек кому може да му се верува и дека сите ветувања му биле празни, пропратени со брутални сексуални авантури. Сепак, Клариса не може да се спаси од неговиот шарм и се заљубува во него. Приказната е раскажана преку комплексна серија од писма, приказна која раскажува за фаталната привлечност на двајца луѓе.
13. „Добриот војник“ – Форд Медокс Форд (1915)

~ „Зошто луѓето не можат да го добијат тоа што го сакаат? Сите работи се тука за да ги задоволат сите, но изгледа сите ја имаат погрешната работа.“
„Добриот војник“ ги истражува комплексните социјални и сексуални односи помеѓу два пара, англиски и американски пари и зголемувањето на свесноста на американскиот наратор Џон Доувел за интригите и страстите позади нивната средена едвардијанска фасада. Ставот на Доувел, неговата збунетост несигурност и неговата хаотична нарација ја прават оваа книга толку мистериозна и моќна. И покрај тоа што во оваа книга се истражуваат најразлични теми како смртта, лудилото и очајот, има и многу смешни моменти.
12. „1984“ – Џорџ Орвел (1949)

~ „Ако сакаш да чуваш тајна, мораш да ја криеш и од самиот себе.“
Зарем некој би помислил дека оваа листа би можела да пројде без еден од најголемите и најдобрите романи на 20 век? Џорџ Орвел го создаде ова ремек-дело кое никогаш не престанува да биде актуелно и подложно на дебата. Ова е приказната за дистопиското општество на Океанија каде секој чекор, поглед и збор се контролирани, каде што дури ни мислите, желбите и стравовите не можете да ги скриете од Големиот брат кој ги гледа и будно ги следи сите. Книга која не смеете да ја оставите непрочитана, книга која длабоко ќе ве наведе да размислувате и да бидете посвесни за светот и општествените уредувања насекаде во светот.
11. „ Гордост и предрасуди“ – Џејн Остин (1813)

~ „Не можам да го определам часот, местото, погледот или зборовите кои го изградија темелот. Тоа беше многу одамна. Бев заплеткан во средина уште пред да бидам свесен дека сум започнал.“
Уште една книга од Џејн Остин која се најде на листата. Џејн Остин со сигурност е една од најсаканите и најквалитетните писателки од Велика Британија. Сепак „Гордост и предрасуди“ е нејзиното најсакано и најпознато дело кое се смета за едно од најдобрите дела во историјата на книжевноста. Приказната за Елизабет Бенет, која е една своеглава, млада и независна девојка и господин Дарси, арогантниот другар на господин Бингли е една од најомилените приказни на сите времиња. Господин Дарси со сигурност е најпосакуваниот фиктивен лик помеѓу жените во светот. Во оваа книга Џејн Остин со многу хумор, иронија и прецизност ни го доловува англиското општество во тоа време, но и ги учи своите ликови на вредни лекции!
10. „Распродажба на суетата“ – Вилијам Текери (1848)

~ „Одмаздата можеби е злобна, но е природна.“
„Распродажба на суетата“ е вистински класик кој не смеете да го оставите непрочитан. Насловот е однесува на една попатна точка при патувањето на аџијата: панаѓур кој никогаш не престанува, а кој се одржува во град кој се нарекува Суета. Во овој град се преставени сите работи кои ја предизвикуваат опседнатоста на човекот кон сите материјални нешта.
9. „Франкенштајн“ – Мери Шели (1818)

~ „Внимавај: Јас сум бестрашен, а со тоа и моќен.“
„Франкенштајн“ е една од книгите кои највеќе влијаеле на модерната популарна култура. Од филмови, до преработки, „Франкенштајн“ не престанува да биде инспирација и до ден денес. Неодамна излезе нова филска екранизација со Даниел Редклиф и Џејмс Мекевој во главните улоги.
Виктор Франкенштајн е млад, посветен научник кој е посветен на науката и обожава се што е поврзано со неа. Но, кога ќе создаде чудовиште кое и самиот нема да може да го контролира, работите излегуваат од контрола. Оваа книга отвора и длабоки прашања за природата на човекот и што значи да се биде човек.
8. „Дејвид Коперфилд“ – Чарлс Дикенс (1850)

~ „Сега знам доволно за светот и речиси ја имам изгубено способноста да бидам изненаден од било што.“
„Дејвид Коперфилд“ е еден од најуспешните романи на Чарлс Дикенс. Самиот писател има зборувано со многу љубов за ова негово дело и има изјавено дека е едно од „неговите омилени деца“. Книгата ги следи патешествијата на еден млад човек и неговата трансформација од дете со несреќно и сиромашно детство до пронаоѓањето на својата љубов во пишување и постигнувањето на успех како признат писател во општеството.
Овој роман го истражува англиското општество за време на индустријализацијата, во време кога се вршело масовна експлоатација на децата и жените. Тој преку романот дава одлична реконструкција која ни дава преглед на условите во англиското општество во тоа време.
7. „Оркански височини“ – Емили Бронте (1847)

~ „Од што и да се направени душите, неговата и мојата се исти.“
И ова е една од книгите за кои не е потребно многу најавување, бидејќи се работи за една од најпознатите љубовни приказни во светот на литературата. Кетрин и Хитклиф се лудо заљубени еден во друг, но судбината си поигрува со нив и Хитклиф си оди од местото. Се враќа по неколку години како нов човек, но сега го очекуваат нови предизвици, а желбата за одмазда го води повеќе од што било. Дали е љубовта посилна од сè?
6. „Мрачна куќа“ – Чарлс Дикенс (1847)

~ „Постојат два типа на добротвори: првите, кои прават малку, а креваат многу врева и вторите, кои прават многу, а не креваат воопшто врева.“
Повторно роман на Дикенс меѓу најдобрите. Овој е еден од најкомплексните и најдобро разработените книги на Дикенс, со плејада на длабоки и комплексни споредни ликови и многу споредни заплети покрај оригиналниот заплет. Главното дејство се врти околу судската парница, случајот Џарднис против Џарднис, кој толку многу се одолговлекувал што имал премногу последици за сите вклучени страни. Во времето кога излегла книгата, адвокатите се бунеле дека судот и вработените во него не се фер претставени.
5. „Џејн Ер“ – Шарлот Бронте (1847)

~ „Јас не сум птица и ниту една мрежа не ме заробува. Јас сум слободно човечко суштество со незаисна волја.“
Ова е дефинитивно еден од најдобрите романи во британската книжевност и не треба да се двоумите да го прочитате во првата прилика. Џејн Ер, хероината по која е именувана книгата, е еден од најдобро напишаните женски ликови во книга. Се работи за девојка која е одлучна, принципиелна и храбра да се носи со животот и сите предизвици и тешкотии кои тој и ги носи. Подготвена да се откаже и од љубовта во име на правилната работа. Многу авантури ја следат Џејн уште од нејзините најрани години и нејзиното справување со животот навистина ќе направат да не можете да ја оставите книгата.
4. „Големите исчекувања“ – Чарлс Дикенс (1861)

~ „Ја сакав наспроти разумот, наспроти ветувањата, наспроти мирот, наспроти среќата, напроти сето обесхрабрување кое можеше да постои.“
Едно од најпознатите дела на Дикенс за сирачето Пип кое сонува да избега од сиромаштијата, да стане богат за да го освои срцето на Естела. По случаен склоп на околности, Пип доаѓа до наследство и пари. Ова е книга за одмаздата и наградата, за криминалот и вината и носи со себе плејада на интересни ликови кои ја збогатуваат книгата. Ова е една од најголемите британски книги на сите времиња без никакво двоумење, но и една од книгите за кои луѓето најчесто лажат дека ги прочитале.
3. „Госпоѓа Деловеј“ – Вирџинија Вулф (1925)

~ „Госпоѓа Деловеј организираше забави за да ја покрие тишината.“ ~
„Госпоѓа Деловеј“ е едно од највоспеваните дела во историјата на британската книжевност, ова е најпознатиот роман на Вирџинија Вулф, а некои сметаат и дека е нејзиниот најдобар роман. Главниот лик во романот е Клариса Деловеј, дама која припаѓа на повисоката класа на Британија. Дејството се случува во периодот по завршување на Првата светска војна. Романот зборува за еден навидум обичен ден во нејзиниот живот, додека таа се подготвува за една забава. Сепак, денот со себе носи нови ликови и нови случки. Роман кој длабоко навлегува во умот и психологијата на човекот.
2. „Кон светилникот“ – Вирџинија Вулф (1927)

~ „Тој се смееше со исклучителна насмевка, прекриена со спомени и обоена од соништа.“
Две книги од Вирџинија Вулф се во топ три британски книги. Едната е „Госпоѓа Деловеј“, а другата е „Кон светилникот“. „Кон светилникот“ е книга која вклучува три моќни визии во животот на едно семејство кое живее во една летна куќа во Шкотска. Како што времето проаѓа тие се соочуваат (и индивидуално и заеднички) со најголемиот предизвик и најголемиот триумф на човекот – капацитетот на човекот за промена. Оваа книга дава еден интимен портрет на едно семејство, но и воедно дава универзални пораки за животот и му дава јазик на тивкиот простор кој ги одвојува луѓето и просторот каде тие се наоѓаат едни со други.
1 . „Мидлмарч“ – Џорџ Елиот (1874)

~ „Тесен е умот кој не може да разгледа една тема од повеќе гледни точки.“
И полека дојдовме до првото место на листата, а титулата најдобра британска книга ја доби книгата „Мидлмарч“ на Џорџ Елиот. Книгата која се смета за вистинско ремек дело, книгата за која влијателниот „Гардијан“ рече дека е „единствениот викторијански роман чија големина никој не може да ја оспори.“
Ова е книга која е преполна со ликови, богата со иронија и очекување, а уште повеќе е богата со содржина, книга која длабоко навлага во различни теми, книга која покажува како индивидуалните судбини се обликувани и учествуваат во обликување на заедницата на која припаѓаат и е вистинско дело на уметност во смисла на тоа како ја поттикнува фантазијата и емпатијата кај читателот.
Главното дејство се врти околу младата жена Доротеа Брук и нејзиниот однос со тројца мажи: Казабон, службеник двојно постар од неа, Лидгејт, амбициозен млад лекар кој го споделува ентузијазмот на Доротеа за реформи и Вил Ладислав, млад човек со таинствено потекло, романтичен темперамент и уметнички склоности.
****
Тука завршува листата на Би-Би-Си. Колку од овие дела имате прочитано и дали би додале некоја книга во листата?
