BBC како телевизиски и радио сервис се навистина посветени на оживување и промовирање на старите, добри класици и во тоа се навистина умешни. Од екранизација на „Гордост и предрасуди“ и „Шерлок Холмс“ до Кафка и Дикенс, се до проект за сестрите Бронте, тие не престануваат неуморно да работат на доближување на книгите кои претставуваат богатство во светот на литературата до помладата публика.
Но, се разбира, нивните екранизации не се само ограничени на помладата публика, туку се за задоволство и уживање на сите оние кои ја сакаат литературата и класиците.
Последниот нивен потфат е екранизацијата на легендарниот и неповторлив класик „Војна и мир“ на Лав Толстој. „Војна и мир“ е една од најзначајните книги во историјата на литература, како и останатите дела на Толстој.

Имено, се работи за мини-серија од шест епизоди во времетрање од еден час, со исклучок на последната, шестата епизода која ќе трае 82 минути. Во САД, на некои канали, „Војна и мир“ ќе биде промовирана како мини-серија со 4 епизоди, во која секоја епизода ќе трае 2 часа.
Досега BBC има прикажано 4 епизоди, кои своите премиери ги имаа на 3, 10, 17 и 24 јануари, а следните две епизоди ќе ги имаат своите премиери на 31 јануари и 7 февруари.
Главните ликови ги толкуваат Пол Дано (Пјер Безуков), Џејмс Нортон (Андреј Болконски) и Лили Џејмс (Наташа Ростова). Се работи претежно за млади, но прилично надежни актери и актерки.
Засега критиките се одлични, сите поголеми и повлијателни весници дадоа добри и позитивни критики, со оглед на тоа дека е навистина огромна одговорност да се оживее ова епохално дело на Толстој.
Доколку сте обожавател на руски класици, Толстој и „Војна и мир“, би било одлично да ја погледнете оваа мини-серија и да направите споредба со книгата и да направите споредба со сензибилитетот кој го даваат актерите и сите вклучени во продукцијата со сензибилитетот кој го дава Толстој со неговото пишување и портретирање.
Тука можете да го погледнете го и трејлерот за серијата.
