Кога писателите не можат да ги поднесат делата на други писатели…

Писателите понекогаш се познати како суетни личности кои со тешко срце ги фалат книгите и делата на своите колеги. Во филмот „Полноќ во Париз“ на Вуди Ален, има една многу интересна сцена токму на оваа тема.

Имено, филмот зборува за Џил, кој е заљубен во минатото и во Париз и по игра на судбината, токму на полноќ секоја вечер се враќа во минатото и во Париз од 20-тите години на 20-тиот век.

hemingway-and-gil-midnight-in-paris1
(сцена од „Полноќ во Париз“)

Тој таму се запознава со Ернест Хемингвеј и во една прилика, тие имаат еден разговор кој се одвива вака:

Џ: Дали би сакал да ја прочиташ?
Е.Х: Твојата книга?
Џ: Да, има околу 400 страни. Само барам мислење.
Е.Х: Моето мислење е дека ја мразам.
Џ: Ама сè уште не си ја прочитал.
Е.Х: Ако е лоша, ќе ја мразам затоа што мразам лошо пишување, а ако е добра, ќе бидам завидлив и ќе ја мразам уште повеќе. Не го сакаш мислењето од друг писател.

Сепак, нормално е и писателите да имаат свои субјективни мислења и процени за делата на другите писатели. Има многу примери, каде писателите пишуваат и зборуваат со многу почит и љубов за други книги и писатели, но има и огромен број на писатели кои ги исмеваат и мразат делата на другите писатели.

Денес ќе се задржам на критиките, бидејќи сметам дека е навистина забавно да се видат саркастичните, боцкави и контроверзни мислења на писателите за делата на своите колеги.

Х.Џ. Велс за „Пигмалион“ од Џорџ Бернард Шо: „Идиотско дете кое вреска во болница.“

Владимир Набоков за „За кого бијат камбаните“ од Ернест Хемингвеј: „Што се однесува до Хемингвеј, првпат го читав во раните 40-ти, нешто за камбани, мадиња и бикови – и не можев да го смислам тоа.“

Марк Твен за „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин: „Секогаш кога ја читам „Гордост и предрасуди“, ми доаѓа да ја откопам и да ја удирам по черепот со нејзиното сопствено колено.“

Вилијам Фокнер за „Авантурите на Хаклбери Фин“ од Марк Твен: „Неквалитетен писател, кој не би бил сметан ни за писател од четврта класа во Европа, кој обоил некои од старите, проверени книжевни костури со доволна локална боја за да го покрие површното и мрзливото.“

Повторно Вилијам Фокнер, овој пат со коментар за „Старецот и морето од Ернест Хемингвеј: „Тој никогаш не бил познат по тоа да искористи збор кој ќе го натера читателот да погледне во речник.“

Но, Ернест Хемингвеј не му останал должен, па така дал свој коментар за книгата на Фокнер, „Врева и бес“: „Кутриот Фокнер. Зарем навистина мисли дека големи емоции доаѓаат од големи зборови?“

Д.Х.Лоренс за „Моби Дик“ од Херман Мелвил: „Никој не може да изгледа толку кловновски, смотано и полно со ужасен вкус како Херман Мелвил, дури и во одлична книга како „Моби Дик“. Човек се уморува од огромната сериозност. А тоа е Мелвил. O, Боже драги, кога сериозното магаре рика! Рика! Рика!“

Коментарот на Лоренс е прилично чуден, од една страна вели дека „Моби Дик“ е добра книга, но очигледно е дека не може да го поднесе Херман Мелвил, па може да се каже дека дава некое признание на самата книга, можеби заради приказната, но сака да потенцира дека и тоа успеал Мелвил да го уништи.

old-books-32

Одиме понатаму:

Вирџинија Вулф за „Улис“ на Џејмс Џојс: „„Улис“ е дело на несигурен студент кој си ги чеша мозолчињата.“

Џорџ Бернард Шо исто така имал свое мислење за „Улис“ од Џејмс Џојс: „„Улис“ е одвратен запис за една одвратна фаза на цивилизацијата, но е вистинит запис. Би сакал да составам еден кордон околу Даблин, да го соберам секое машко помеѓу 15 и 30 години и да ги натерам да ја прочитаат книгата, а потоа да ги прашам дали додека размислуваат за книгата, можат да пронајдат нешто забавно во таа погана уста и погано умствен потсмев и вулгарност.“

Фридрих Ниче за „Пеколот“ на Данте Алигиери: „Хиена којашто пишувала поезија на гробови.“

Труман Капоти за „На пат“ 0д Џек Керуак: „Тоа не е пишување, тоа е куцање.“

Стивен Кинг за „Самрак“ на Стефани Мајер: „И Роулинг и Мајер се обраќаат директно до младите луѓе… Вистинската разлика е во тоа што Роулинг е неверојатна писателка, а Стефани Мајер не може да напише ништо вредно. Таа не е баш многу добра.“

Иако „Хари Потер“ на Џ. Роулинг денес се смета за еден од најомилените серијали во поновата историја, Харолд Блум не се согласува со тоа: „Како да ја прочитате „Хари Потер и каменот на мудроста“? Па како за почеток, а можеби и за крај  – многу, многу брзо. Зошто да ја прочитате? Под претпоставка дека не може да бидете убедени да читате нешто подобро, Роулинг може да пројде.“

old-books-glasses-2-for-blog

Мартин Амис за „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес: „Читањето на „Дон Кихот“ може да се спореди со бескрајните посети од вашиот невозможен постар роднина, со сите негови шеги, чудни навики, незапирливи навраќања во минатото и ужасните ортаци. Кога ќе заврши искуството и старото момче конечно се одјавува (на 846 страна, прозата е збиена и нема паузи за дијалог), да, дефинитивно ќе пролеете солзи, не солзи од олеснување или каење, туку солзи од гордост. Конечно успеавте и покрај сè што “Дон Кихот“ може да направи.“

Елизабет Бишоп за „Игра во ‘ржта“ од Џ.Д. Селинџер: „Ја мразев „Игра во ‘ржта“. Ми требаа денови додека ја поминам, претпазливо, по една страна, поцрвенувајќи од срам за секоја негова смешна реченица. Како може да му дозволат да го прави тоа?“

Мери МекКарти за „Френи и Зуи“ од Џ.Д. Селинџер: „„Френи и Зуи“ пати од еден вид на ужасна метрополитска сентименталност и е толку нарцисоидна… толку лажна, толку калкулирана. Комбинирање на едноставниот човек со апсолутен мегаломански егоизам. Едноставно не можам да ја поднесам.“

Норман Мејлер за „Херцог“ од Сол Белоу: „Не е дека нема идеи во „Херцог“ кои вредат да бидат размислувани, но тие идеи не се негови сопствени идеи, туку идеи кои ги собрал додека читал. Неговиот ум е многу интелигентен, многу културен, многу култивиран. Тој има прочитано милион книги и ги има запаметено сите, но тој не е оригинален мислител.“

Оскар Вајлд за поезијата на Александар Поуп: „Има два начини како да не ти се допаѓа поезија: едниот е да не ти се допаѓа, а другиот е да го читаш Александар Поуп.“

*****

Тоа е се за денес, но оваа тема и во друга прилика ќе ја начнам, затоа што има доста материјал за пишување.

Leave a comment