Нема ниту една поубава комбинација од добра книга и добро кафе или вкусен чај. Со тоа се сложува и издавачката куќа „Феникс“ која организира Фестивал на чајот и читањето.
Фестивалот свечено ќе биде отворен вечерва, во 19 часот во Порта Македонија, со промоција на книгата „Патникот“ од Борче Грозданов. Се работи за збирка раскази којашто е посветена на Васил Шишков, македонскиот писател кој прерано не’ напушти. На промоцијата посетителите ќе имаат можност и да ја купат книгата по промотивна цена.
Ќе има и читање на делови од книгата и музички дел. За читањето ќе бидат задолжени актерите Арна Шијак и Александар Микиќ, додека пак за музиката ќе бидат одговорни солистките од Чалгија саунд систем.

Фестивалот на чајот и книгата ќе продолжи во Културниот центар „Феникс“, каде што истовремено до 8 март ќе се одржува Саем на книга. Овој Саем на книга ќе биде доста раскошен, со 10.000 изданија, попусти од 50-80%, промоции, средби со писатели и уште многу други активности.
Она што е исто важно да се спомене е и доделувањето на наградите „Прозни мајстори“ на Венко Андоновски и „Гоцева мисла“ на Тања Попова од Бугарија и Звонко Танески од Словачка. Овие две награди исто така се доделуваат во рамките на фестивалот.
Освен „Феникс“, годинава со своја програма и активности ќе бидат вклучени и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ и Здружението за лица со посебни потреби „Интеракција плус“.
Љубители на книги, месецов има на што да се радувате!
