Иако веќе одамна нема Мекдоналдс во Македонија, сепак повеќето се сеќаваат на овој популарен ресторан за брза храна. Сигурно се сеќавате и на Happy Meal оброците, кои секогаш одеа со некоја интересна играчка наменета за најмалите, а понекогаш и за оние кои се чувствуваа деца во душа. 😀
Овој пат, Мекдоналдс рестораните во САД со нова акција и иницијатива која наиде на огромна поддршка. Во периодот до 15 февруари, со секој Happy Meal оброк следува по една детска книга. Секој кој ќе купи Happy Meal, ќе добие можност да добие една од овие книги: „Кларк ајкулата го зема срцето“, „Среќен св.Валентајн, глувче!“, „Мачката Пит: Денот на вљубените е кул“ и „Мечката која се вика Падингтон“.
Акцијата е организирана во партнерство со организацијата „Читањето е фундаментално“, која е посветена на зголемување на свесноста, писменоста и пристапноста до книги за децата.

Комбинацијата на книги и хамбургери не е сосема новина. Мекдоналд го започна овој тренд со давање и споделување книги уште во 2013 година, а минатата есен, подружницата во Велика Британија имаше слична ваква акција, во која 14 милиони книги од Роалд Дал беа дадени како дел од Happy Meal оброците.
Мекдоналдс се труди да биде општествено одговорна компанија и изјавија дека до крајот на годината очекуваат околу 50 милиони книги да бидат дистрибуирани на децата во САД, што според процените би значело дека секое дете под 12 години би добило книга.
