За љубителите на книги, нема лош период за читање. Секој период е совршен период. Секоја положба на читање е легитимна сѐ додека може да се чита. Дури и местоположбата не е важна. Се чита во авион, автобус, клупа, кафуле, кревет, под… секаде. Сепак, има начини како читањето да се направи уште попријатна активност. Прочитајте ги овие неколку мали совети кои можат да ви го подобрат целото искуство.
1. Удобноста е клучот
За читањето, удобноста е најважна. Седењето на тврдо столче најверојатно нема да ви предизвика удобно чувство, па и нема да имате премногу концентрација за читањето, затоа што постојано ќе се поместувате, наоѓајќи удобна позиција. Има многу начини како да создадете удобност. Можете на подот од собата да постелете кебенце и да ставите неколку перници кои ќе направат да се чувствувате како да сте во сопствена тврдина резервирана за читање. Можете ова да го направите и на вашиот кревет. Во секој случај, пронајдете го катчето каде ви е најудобно и веќе сте чекор кон совршената атмосфера за читање.

(извор: Clay Banks on Unsplash)
2. Создадете го совршениот амбиент
Откако ќе ја приспособите околината за ваша удобност, следен чекор е амбиентот. Значи тука сѐ е довозволено. Најважно е да ја прилагодите светлината. Не треба да читате на премногу светло, ниту на премногу темно, затоа што во тој случај премногу ќе ги напрегнувате очите и читањето нема да ви е толку пријатно и постојано ќе треба да паузирате за да ги одморите очите. Покрај светлината, можете да работите и на другите работи. Мој предлог е да запалите миризливи свеќи и да пуштите некоја тивка, мирна музика која ќе оди во позадина. Ова ќе придонесе да се опуштите уште повеќе и целосно да се внесете во читањето.
3. Кафе (и други соодветни пијалоци)
Зарем мислевте дека ова ќе го заборавам? Се разбира дека за поубаво читање морате да имате и соодветен пијалок. Моја препорака е кафе, но секако дека можете да си изберете пијалок кој вам повеќе ви одговара и ви е попријатен, како на пример: чај, топло чоколадо и слично. Избегнувајте алкохол додека читате или ако веќе толку сакате немојте да пиете повеќе од една чаша, затоа што ќе ви се приспие или едноставно ќе ви се заврти во глава и нема да бидете способни да читате.
4. Грицки
Грицките се одлични во моментите на возбуда, додека ги читате неизвесните сцени, кога стигнувате до моментот кога не знаете што се случува и едвај чекате да видите што ќе се случи следно. Пуканки, чипс, смоки или пак можеби можете самите да испечете фурнаринки или да направите тако-чипс со кашкавал. Не се чита на празен стомак, а и дефинитивно храната е многу убава поддршка која влијае на нашата удобност и среќа додека читаме.
5. Логистика
Под логистика се подразбира сѐ она што ви е потребно за подобро читање. На пример, доколку ви е жал да чкртате во книгите, а сакате да фаќате белешки или да си ги забележувате мислите кои ви фатиле око и се многу моќни, тогаш морате и соодветно да се опремите. Земете некои пригодни нотеси или тетратки кои ќе ви служат само за вашите белешки од книгите кои ги читате. Набавете и фломастери, самолепливи ливчиња и сѐ она што мислите дека ќе придонесе да можете да забележите што читате.
Би можеле и да си земете и посебна тетратка во која ќе водите сметка за датумите кога сте ги почнале книгите и за датумите кога сте ги завршиле. Можете во некоја од тетратките да пишувате кратки рецензии. На некој начин, можете да водите дневник за книги кој со сигурност ќе ви го направи читањето уште поубаво, а и ќе ви остане како спомен на кој секогаш ќе можете да се навраќате.
