Џ.Р.Р. Толкин е еден од најпознатите писатели на сите времиња. Неговата епска фантазија „Господар на прстените“ е миленик на многу генерации. „Хобитот“ исто така си го најде своето место меѓу љубителите на фантазијата. Но, освен тоа што пишувал фантазија, тој исто така пишувал и поезија – вклучувајќи и две поеми кои тукушто беа откриени по 80 години релативна анонимност.

Овие две поеми вклучуваат една поема за Божиќ и една поема која се вика „Човекот во сенка“. Втората поема е од посебен интерес за истражувачите затоа што изгледа дека е рана верзија на поема која подоцна ќе се појави во збирката „Авантурите на Том Бомбадил“ од 1962 година. Сите обожаватели на трилогијата „Господар на прстените“ ќе го препознаат ова име кое првично се појавува во „Дружината на прстенот“.
Според весникот „Гардијан“, академикот Вејн Хемонд кој го проучува животот и делото на Толкин е човекот што прв забележил дека овие поеми на Толкин поминале незабележано. Во текот на неговото истражување, тој пронашол белешка од писателот во која зборувал за објавувањето на поемите во „Абингдон Кроникл“. Потоа тој навлегол подлабоко во истражувањето и го нашол ова списание како дел од издаваштвото на „Училиштето на нашата дама“ во Оксфордшир, Англија. Хемонд потоа го контактирал директорот на уличиштето, Стивен Оливер.
Најпрво не можеле да го пронајдат оригиналното издание од ова ученичко списание. Но, како што тоа обично бидува во животот, наскоро тој сосема случајно и на среќа пронашол еден примерок кога се подготвувал за некој настан. Училиштето сега планира да ги изложи поемите на изложба што ќе се фокусира на историјата на училиштето.
Ова не е прв пат дело на Толкин да се појави после многу време. Минатата година исто така беше пронајден изгубен расказ на Толкин.
