На 19 февруари 2016 година, на 89 годишна возраст, овој свет го напушти Харпер Ли, една од највлијателните американски писателки. И покрај тоа што таа немаше богато книжевно резиме зад себе, нејзиниот роман „Да се убие птицата подбивница“ е еден од највлијателните и најдобрите американски романи на 20-тиот век.

Приказната за храброста, прашањата за расизмот, филозофијата за животот, односите меѓу луѓето и решеноста на еден човек да застане на страната на правдата е тоа што го прави овој роман еден од најтоплите, најискрените, но и најпредизвикувачките романи на сите времиња. Според овој роман беше снимен истоимениот филм со Грегори Пек, кој доби и три Оскари, меѓу кои доби Оскар и за најдобра главна машка улога.
Харпер Ли со години живееше во изолација во нејзината родна држава Алабама и одбиваше каков било контакт со јавноста. Заради тоа светот беше шокиран кога летово излезе нејзината втора книга „Оди, постави стражар!“, која е еден вид на продолжение на „Да се убие птицата подбивница“. Книгата доби огромен публицитет и продаваност, но и крена прашина заради тоа што одредени ликови добија сосема друга димензија, шокантна димензија споредено со првата книга.
Харпер Ли ќе ја помниме и по нејзиното искрено и длабоко пријателство со секогаш контровезниот Труман Капоти. Тие двајца се вистински претставници на југот на Америка. Харпер Ли секогаш била поддршка и столб на Труман Капоти, помагајќи му да го заврши делото што ќе му донесе највеќе признанија, а тоа е „Ладнокрвно убиство“, книга која реконструира вистинско убиство и го следи целиот случај и судењето кое следува. Книгата е репортажа и запис на сè што се случувало. Но, се зборува дека тие двајца подоцна ги оладиле односите, бидејќи според Харпер Ли, не ѝ дал доволно заслуги за нејзината помош за книгата.

(Труман Капоти и Харпер Ли, додека Труман Капоти потпишувал примероци од „Ладнокрвно убиство“)
Во секој случај, Харпер Ли е доказ и дека со една книга, писателот може да стане легенда. Една книга е доволно за да се разбуди светот, да се растресат постоечките вредности и да се наметне вистинска дискусија за тоа што значи да се биде човек. Атикус како лик стана вистински модел за татко и за човек кој знае како да го воспита своето дете.
Во чест на Харпер Ли, денес собрав неколку мисли од „Да се убие птицата подбивница“ кои навистина мене ми имаат оставено голем впечаток. Уживајте во дел од магичните зборови на Ли.
~ „Никогаш не можеш навистина да разбереш некој човек, сè додека не ги погледнеш работите од негова гледна точка. Сè додека не влезеш во неговата кожа и прошеташ наоколу во неа.“
~ „Сè додека не се плашев дека ќе го изгубам тоа, не бев заљубена во читањето. Човек не може да се заљуби во дишењето.“
~ „Сакав да видиш што е вистинска храброст, наместо да ја добиеш идејата дека храброста е човек со пушка во своите раце. Храброст е кога знаеш дека си победен уште пред да започнеш, но сепак започнуваш и одиш до крај, без оглед на сè.“

(Сцена од филмот „Да се убие подбивната птица“)
~ „Луѓето генерално го гледаат тоа што го бараат и го слушаат тоа што сакаат да го чујат.“
~ „Атикус ми рече да ги избришам придавките и ќе ги имам фактите.“
~ „Мислам дека постои само еден вид на луѓе. Луѓе.“
~ „Тие секако имаат право да го мислат тоа и тие заслужуваат целосна почит за нивните ставови. Но, пред да можам да живеам со другите луѓе, треба да живеам сам со себеси. Единствената работа која не се води според мнозинството е совеста на човекот.“
~ „ – Но, Атикус, тој беше навистина фин.
– Повеќето луѓе се, кога навистина ќе ги погледнеш.“
~ „Постојат луѓе кои… кои се толку зафатени со грижа за наредниот свет, никогаш нема да научат да живеат во овој. Можеш да погледнеш на улиците и да ги видиш резултатите од тоа.“
~ „Со него, животот беше рутина; без него, животот беше неподнослив.“
~ „Никогаш не е навреда да бидеш наречен со име за кое некој друг мисли дека е навредливо и лошо. Тоа само покажува колку е сиромашна таа личност, а не те повредува тебе.“
