Само неколку часа не’ делат од почетокот на најгламурозната, најпопуларната и најпрестижната манифестација кога станува збор за филмот и филмската уметност. Оваа година имаше навистина интересни филмови и трката беше исполнета со голема конкуренција, а се разбира едно од најголемите очекувања е дали конечно ќе го видиме Леонардо ДиКаприо на големата сцена со златната статуетка во своите раце.
Најпопуларниот сајт за книги goodreads.com напиша една интересна статија со информации околу годинешната поврзаност на Оскарите, односно филмовите номинирани за Оскар, со литературата и книжевноста. Тие се прашуваат дали можат да предвидат кој ќе ги освои статуетките за најдобар актер и актерка врз основа на информации базирани врз книгите од кои е црпена инспирацијата.

И врапчињата на гранките знаат дека оваа година „Повратникот“ и „Соба“ се меѓу главните фаворити за собирање на златните статуетки.
Не е нов фактот дека литературата и книгите се инспирација за создавање филмови и дека Оскарите често и го наградуваат тоа. Тоа се случува секоја година и секогаш има некоја филмска екранизација која едноставно ги одушевува сите: од критичарите до публиката и до Академијата која ги изгласува победниците.
Но, оваа година е ова уште позабележително, особено во категориите за најдобар актер и актерка.

Според графиконот погоре, можете да забележите дека 90% од филмовите, односно речиси сите со исклучок на „Џој“, се базирани на книга, додека распределбата помеѓу тоа дали се инспирирани од вистинска приказна или не е точно 50-50.

Статистиката покажува драстично зголемување на процентите на номинирани актери и актерки, кога станува збор за нивното учество во екранизацијата на книга или земањето инспирација од книга. На пример, во 2011 година, 70% од номинираните во овие две категории биле дел од филм кој бил инспириран или базиран на книга. Во 2012 и 2013 година овој процент драстично опаѓа на 40%, односно 30%. Во 2014 година овој процент повторно расте и достигнува 70%, за во 2015 година овој процент да биде дури 90%.
Што се однесува до тоа дали номинираните актери учествувале во филм којшто е инспириран од вистинска приказна, процентите се движат од 50% во 2011 година, за истите да опаднат во 2012 и 2013 година на 30% и потоа забележуваме зголемување на процентите до 60% во 2014 година и во 2015 година повторно забележуваат пад, односно се застапени со 50%.

Уште поголем показател за предвидување за тоа кој ќе ја однесе годинава златната статуетка е да се погледнат минатите победници. Во 2012 година, во машката категорија победува Даниел Деј Луис за неговата улога во „Линколн“, филм којшто е базиран и на вистинска приказна, но и на книга.
Во 2013 година, Метју Меконахи ја добива златната статуетка за „Далас Бајерс Клаб“, филм којшто не е базиран на книга, но е базиран на вистинска приказна. Во 2014 година, победува Еди Редмејн (кој и годинава е номиниран за неговата улога во „Девојката од Данска”) за неговиот портет на Стив Хокинг во филмот „Теоријата на се“, филм којшто е базиран на книга и на вистинска приказна во исто време.
Годинава, сите номинирани глумеле во филмови кои се снимени и според книга, но и според вистинска приказна, освен Мет Дејмон, кој глумеше во „Марсовецот“, книга којашто спаѓа во научно-фантастичниот жанр.
Она што е интересно е дека оние кои гласаат на Оскарите, не ги вреднуваат толку вистинските приказни кога станува збор за главните женски улоги. Имено, иако две од последните три добитнички на Оскар имаат добиено Оскар за нивната глума во филм којшто е базиран на книга (Џенифер Лоренс и Џулиен Мур), треба да одите до 2011 година за да најдете актерка која е наградена за филм инспириран од вистинска приказна.


Она што е интересно за номинираните филмови е тоа што тие се делат во две екстремно различни групи: Едните се снимени според филмови кои биле тотални хитови, а другите се снимени според филмови за кои речиси никој и не слушнал. Погоре во двата графикони можете и да ја забележите екстремната разлика.
Се разбира дека популарноста на книгите не е секогаш пресудна, но во категоријата Најдобра актерка ова се покажало како огромен плус, а пример за тоа се Џенифер Лоренс со „Прирачник за оптимисти” и Џулијан Мур со „Се уште Алис“, два филмови кои се базирани на книги со огромна популарност.
Кај мажите пак е малку обратно – Треба да се вратите до 2003 година кога Шон Пен доби Оскар за „Мистична река“, затоа што тоа е последен пат кога некој актер добил Оскар за глумење во филм базиран на популарна книга.
Базирано врз податоците со кои располага Goodreads и досегашните практики и трендови за добивање Оскар, нивното предвидување е следното:
Најдобар актер: Леонардо ДиКаприо за „Повратникот“
– Улога во филм базиран на непопуларна книга и вистинска приказна.
Најдобра актерка: Бри Ларсон во „Соба“
– Улога во филм базиран на многу популарна книга и измислена приказна.

Ова оди во рака под рака со останатите предвидувања, кои речиси сите го потврдуваат истото. Вечерва конечно ќе се решат сите дилеми за тоа кој ќе го однесе Оскарот дома.
