Претходниот месец започнав практика да ги запишувам книгите што ги читам во тековниот месец и потоа да ја објавам листата со краток коментар и оцена. Како што е редот, практиката започна со новата година, односно со јануари. Денес ја објавувам листата за февруари. Морам да признаам дека февруари беше месец во кој не прочитав лоша книга. Секоја од книгите што ги прочитав имаше своја убавина. Секоја од нив беше различна, но интересна на свој начин. Секако, јас не сум експерт, ниту критичар, овие оцени и осврти се само начин на којшто јас сум ги доживеала овие книги, па се надевам дека некој од овие предлози ќе ве инспирира за да го пронајдете вашето следно четиво.
„Источно од рајот“ – Џон Штајнбек
Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт: И покрај тоа што февруари беше исполнет со навистина квалитетни четива, „Источно од рајот“ ми е апсолутен фаворит. Не само за овој месец, веројатно можеби и за многу подолг период од тоа. Не паметам кога последен пат ме обземала книга на еден ваков начин. Џон Штајнбек самиот има изјавено дека ова му е најдраго чедо и дека се чувствува како сите претходни дела да биле само припрема за оваа книга. И целосно го разбирам. Тој навлегува толку длабоко во човековата природа, но на еден прекрасен и ненаметлив начин кој дава една прекрасна топлина.
Во оваа книга, центарот на внимание се три генерации на две семејства и го истражува нивниот однос, особено односот помеѓу браќата. Всушност, преку нив тој ја истражува една од најстарите приказни на сите времиња, приказната за Каин и Авел. Меѓутоа, ова би било само преголемо поедноставување на работите. Штајнбек отвора толку многу интересни филозофски теми, кои ќе направат со нетрпение да очекувате да видите што се крие на следната страница.
Имаше моменти кога едвај се воздржував да не прескокнам некоја целина, едноставно сакав да знам што ќе биде следно и следно и следно… Ликовите се напишани така што ќе се приврзете за нив на одреден начин и ќе се грижите за тоа што ќе се случи со нив. Некои ликови, како Кејти, ќе ви предизвикаат гадење и одвратност. Толку реално ги опишува ликовите, што на моменти и заборавав дека се работи за измислени ликови. Дури и малите, незначајни ликови делуваат како да се вистински ликови. Описите, дијалозите, сè е тоа толку реално, а истовремено полно со мудрост и топлина. Во оваа книга многу од темите се познати, но ништо не е клише. Кога заврши книгата, на одреден начин ми беше жал што заврши, сакав да трае уште. И покрај тоа што се работи за пообемна книга, времето и страниците самите летаат кога ја читате.
Оваа книга влегува во мојата листа на топ пет омилени книги на сите времиња, и дефинитивно без конкуренција е најдобрата книга што ја прочитав во февруари и со цело срце ја препорачувам на секој човек.
„Марина“ – Карос Руиз Зафон

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Не помнам кога последен пат сум пролеала солзи за книга, како што пролеав за ова дело. Обично луѓето ми зборувале многу за „Сенката на ветрот“ од Зафон, додека за „Марина“ искрено немав ништо слушнато и затоа бев уште пољубопитна да ја прочитам, затоа што ја почнав без очекувања и без никакви надежи. На крајот завршив со насолзени очи и молк. Не знаев што да кажам и како да се чувствувам. Ова е една од книгите кои ве оставаат без текст, но ви се врежуваат во спомените и кога ќе се присетите на неа, секогаш точно знаете како сте се чувствувале кога сте ја завршиле книгата. А такви книги се ретки и затоа се и многу вредни.
Самиот Зафон вели дека навистина е тешко да се определи жанрот на оваа книга. И навистина е во право. Има од сè по нешто. Љубов, пријателство, интриги, научна фантастика, трилер, мистерија… Меѓутоа сè е толку добро склопено, што едноставно не можете да ја пуштите книгата без да ја прочитате до крај. Приказната се врти околу Оскар и неговата необична средба со Марина која ќе води до толку прекрасни моменти, но и некои страшни откритија кои ќе ги стави и двајцата во опасност. Нивните животи никогаш повеќе нема да бидат исти.
„Ништо“ – Кармен Лафорет

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Сите оние кои се по малку заљубени во меланхолијата, дефинитивно треба да ја прочитаат оваа книга. Стилот на пишување е прилично богат, така што ќе уживате во прекрасните описи на Барселона и небото над Барселона. Дури и за момент можеби ќе се чувствувате дека се наоѓате во Барселона, а не во удобноста на вашиот дом.
Интересна приказна за повоена Барселона, за растењето и созревањето на една млада девојка која доаѓа во големиот град за да го живее животот со полни гради. Но, во процесот сфаќа дека ништо не може да се случи онака како што замислуваме и приморана е да се соочи со непријатните услови за живеење, особено со тешката, негативна, мрачна и тензична атмофера во домот на своите роднини. Приказна за растењето на една девојка, лекциите кои ги учи и нејзиниот вовед во светот на возрасните. Воедно учи и лекција за семејството, за односите меѓу членовите на семејството и сите тешкотии кои доаѓаат со тоа. Книга исполнета со многу емоции, позитивни, негативни и меланхолични, но заедно се претопуваат во една топла и прекрасна приказна, каква што само младоста може да ја опише.
„Малите животни иронии“ – Томас Харди

Издавачка куќа: Wordsworth Editions (може да се најде во Академска книга)
Оцена: 4/5
Осврт: Од она малку што го имав читано од Харди, имав впечаток дека не ми лежи неговиот стил на пишување, иако ми се допаѓаше неговата тематика. Но, оваа збирка раскази навистина ми легна на срце и со задоволство ја читав. На многу суптилен, интересен и живописен начин Харди ни ги доловуваа ирониите кои животот ни ги приредува и како животот и судбината си подигруваат со човекот и со сè она што му е драго. Понекогаш за убаво, понекогаш за лошо.
Во секој случај, уживав во оваа книга и би ја препорачала на сите оние кои ја сакаат британската книжевност од 19 век, како и оние кои се љубители на раскази.
Секој расказ носи своја убавина и е навистина многу добро исткаен, ќе уживате во интересните ликови и приказни и со сигурност ќе најдете неколку што ќе ви остават впечаток и ќе ги помните уште долго откако ќе ја завршите книгата.
Харди е многу интересен писател, можеби понекогаш делува дека е малку подзаборавен од светската книжевност, но поседува надареност за пишување кои дефинитивно ги освојува читателите.
„Последниот воз за Истанбул“ – Ајше Кулин

Издавачка куќа: ТОПЕР
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга е одлична и за оние кои обожаваат љубовни приказни, но и за оние кои сакаат историски драми. За мене беше навистина интересно искуство да прочитам приказна за Турција и турскиот народ за време на Втора светска војна, со оглед на тоа дека претходно знаев сосема малку за оваа тема. Навистина, има многу приказни за Втората светска војна, но сепак оваа книга дава нова и многу интересна перспектива. Во неа има сè: љубов, трагедија, сурова борба за опстанок и уште еден доказ дека луѓето можат да бидат исклучително сурови, но и исклучително човечни и полни со љубов и разбирање за другите.
Книгата ни го опишува животот на Сабиха и Селва, две сестри кои растат и живеат во Истанбул. Но, нивните животи драстично се менуваат кога Сабиха се мажи со Маџит, кој е ценет функционер во Министерството за надворешни работи, а Селва се заљубува во Рафо кој е Евреин. Селва се соочува со гневот на општеството и својот татко, за кого е неприфатливо Селва да се омажи со човек од друга вера. Селва и Рафо се преселуваат во Франција, надевајќи се на подобар живот, каде слободно ќе уживаат во својата љубов. Но, нивната љубов се соочува со уште една закана – нацизмот и нацистите!
Сабиха живее во постојан страв за својата сестра која е толку далеку од неа. Сабиха е несреќна и се чувствува заробена во својот живот и се чини дека нејзиниот брак е во криза, делумно и заради тоа што Маџит е постојано на работа. Од друга страна, дознаваме за тоа што се случува во Франција која е под окупација и како луѓето бараат најразлични начини како да се спасат. Како последна надеж го гледаат возот за Истанбул кој можеби е и единствениот начин да се спасат себеси и своите најблиски.
Оваа е книга која се чита во еден здив и која не можете да ја пуштите од раце. Единствена забелешка имам на преводот, кој очигледно е полн со грешки. Некои фрази се премногу буквално преведени, се користат погрешни наводници (“” наместо „“), потоа „сè уште“ постојано е напишано како „сеуште“ и други грешки кои не би смеело да бидат дел од книга.

