Кога човек е љубител на книги, нему не му се доволни само зборовите напишани во книгата. Кога човек ќе се заљуби во книжевноста, сака да знае што е можно повеќе за писателите и писателките, за поетите и сите оние важни ликови од историјата на книжевноста. Секој од нас сака барем на момент на ѕирне во светот на писателите, да види какви луѓе биле, што им се случувало, какви им биле навиките и што ги инспирирало и мотивирало.
За огромна среќа на љубителите на книгите, голем дел од домовите и предметите на книжевните генијалци се зачувани и се претворени во музеи што се отворени се за јавноста и секој може да ги посети во било кое време.
За денес одвоив десет музеи и спомен-куќи (и една библиотека) кои се од исклучителна важност за сите љубители на книжевноста. Меѓу нив има и три спомен-куќи од наши книжевни и јазични дејци, затоа што и тие заслужуваат подеднакво внимание со оглед на нивното влијание врз македонскиот јазик и книжевност.
1. Библиотеката „Фолгер-Шекспир“

Ова е првата и најважна дестинација за секој љубител на драмите на Шекспир. Во оваа библиотека се наоѓа најголемата збирка од издадени дела од Вилијам Шекспир. Библиотеката исто така организира изведби и предавања, како и бесплатни изложби кои нудат редок материјал кој бил користен од познатиот драматург. Библиотеката се наоѓа во Вашингтон, САД.
2. Куќата – музеј на Џејн Остин

Куќата на Џејн Остин во Хемпшир, местото каде живеела и творела во последните осум години од нејзиниот живот, е единствената куќа во која таа живеела, а е отворена за посетители и која е претворена во музеј во нејзина чест. Во неа, освен пишани документи и писма, зачувани се и делови од мебелот и накитот што таа го поседувала.
3. Спомен-куќата на браќата Миладиновци

(Извор на сликата: Република)
Мислев дека не би било коректно кога не би вклучила и некое вакво обележје и од македонски дејци, особено што овие места секој од нас може многу лесно да ги посети. На местото на поранешната семејна куќа на славните браќа во родната Струга е изградена спомен-куќа во која воедно се изложени и сите добитниците на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
Репрезентативниот објект личи на автентичната струшка и македонска староградска архитектура. Просторот е облагороден со рачно изработен мебел во стилот од втората половина на 19 век, но и со автентичниот мебел, експонати од семејната куќа на Миладиновци и оригинални документи и факсимили. Спомен-куќата се наоѓа во Струшката чаршија.
4. Музејот на Едгар Алан По во Ричмонд

Уште од 1922 година, овој музеј во Ричмонд, Вирџинија е местото каде можете да ја најдете најимпресивната збирка на сите работи поврзани со По, од првични верзии на своите дела, до лични работи. Овој музеј се наоѓа во близина на домот на По во Ричмонд и неговото прво работно место. Од особено значење е дворот позади музејот каде човек може да помине еден ден во градината, инспириран од поемата на По, „За една во природата.“
5. Јаснаја Полјана (Музејот на Толстој)

Музејот на Лав Толстој се наоѓа точно во куќата во која тој творел и живеел. Се работи и за куќата во која бил роден и куќата каде ги напишал легендарните „Војна и мир“ и „Ана Каренина“. Самиот Толстој за оваа куќа рекол дека е „недопирливо книжевно прибежиште“. Денес ова е куќа која е претворена во добро воден музеј воден од потомците на Толстој. Ако некогаш се наоѓате во гратчето Тула, не пропуштајте го овој музеј!
6. Спомен- куќата на Кочо Рацин

(Извор: Народен музеј)
Зарем се потребни зборови за значењето на Кочо Рацин за македонската поезија? Кочо Рацин и неговата збирка „Бели мугри“ прават револуција во поглед на македонската поезија. Куќата на еден од најголемите поети во периодот помеѓу двете светски војни Коста Солев – Рацин е целосно реставрирана во 1962 година. Двокрилна порта од дрво води во тремот решен како мал простор кој ги спојува катот, фурната, чардаците и грнчарската работилница. Работилницата има голема површина, а во нејзинот под има мала скривница. Чардакот на куќата е споен со фурната. На спротивниот крај, чардакот со скали води кон повисок чардак. Во спомен куќата на Рацин денес се наоѓаат негови оригинални ракописи и голем број други спомени за неговиот живот и дело.

Доколку навистина сакате да погледнете внатре во животот и наследството на Франц Кафка, ова е најдоброто место за тоа. Музејот на Кафка се наоѓа во Прага. Од 2005 година, музејот одржува долгорочна изложба која се вика „Градот на К.“ во која има делови за Егзистенцијалниот простор и Имагинативната топографија. Секој од нив дава посебен прозорец за тоа како времето и просторот влијаеле врз творештвото на Кафка и воедно на посетителот му нуди посебен приказ и за писателот и за градот кој тој толку го обожавал.

Куќата во Лондон во која некогаш живеел и творел Чарлс Дикенс, уште од 1925 година е претворена во музеј. Овој музеј нуди првокласна збирка на слики, ретки изданија, први изданија, оригиналниот мебел и други предмети кои се поврзани со животот и делото на овој легендарен англиски писател. Ако и тоа не ви е доволно, секогаш можете да отидете во „Светот на Дикенс“, кој е тематски забавен парк посветен на Дикенс и кој се наоѓа во близина на Кент.

Иако Марк Твен го поминал своето детство имајќи авантури околу реката Мисисипи, сепак ова е домот каде што тој ќе ги напише своите најзначајни дела: „Авантурите на Хаклбери Фин“ и „Авантурите на Том Сојер“. Денес оваа куќа е претворена во музеј и е заштитена како Национално историско обележје. Освен турите со водич, овој музеј постојано е домаќин на специјални настани како годишниот бал во чест на Твен, кој има благородна цел, односно финансира центри за заштита на животни. Ова е прилично симболично знаејќи ја љубовта на Твен кон животните.
10. Спомен дом „Блаже Конески“
(Извор: skyscrapercity.com)
Спомен-куќата „Блаже Конески“ се наоѓа во неговата родна куќа во село Небрегово, во прилепскиот крај. Блаже Конески бил роден во оваа куќа и живеел таму до својата десетта година, кога со неговото семејство се преселиле во Прилеп. Оваа куќа долго време беше оставена на забот на времето, сè до 2005 година кога беше претворена во спомен-куќа во чест на великанот на македонската книжевност и неговата заложба за формирањето и збогатувањето на стандардизираниот македонски јазик е од непроценлива вредност за македонскиот идентитет.
