Маргарет Атвуд е овогодинешната добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата!

Маргарет Атвуд е канадска поетеса, романсиерка, книжевна критичарка, есеистка и активистка. Магистрирала на Харвард во САД. Ги има добиено највисоките книжевни награди во Канада.Наградена е со повеќе од 40 престижни признанија, меѓу кои се Букеровата и Гилеровата награда. Добитничка е на францускиот орден Легија на честа, а од годинава ќе биде и добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

photo

Ова беше објавено на веб страната на Струшките вечери на поезијата. Во своето соопштение, тие велат:

„На Свечената седница во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје беше соопштено дека канадската поетеса Маргарет Етвуд е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2016 година.

Наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата ѝ се доделува на Маргарет Етвуд, за исклучителниот придонес во поетската уметност со особениот творечки пристап во третирањето на темите на отуѓувањето и неможноста од комуникација, позицијата на женскиот субјект кој страда, за тегобноста, искористувањето и потчинетоста во модерниот свет.

Отфрлајќи ја идејата за уметноста како самоизразување, нејзиното настојување е да го опише светот и општеството во кое живее и кое го познава, заради што низ моќта на нејзините стихови секогаш ги отсликува различните нијанси на женското искуство, ограничувањата кои го загрозуваат, како и опстанокот за кој неминовно се бори.“

Останатиот дел од соопштението можете да го прочитате на линкот погоре.

Таа самата го потврди своето учество и прифаќањето на наградата. Освен со официјално писмо, таа тоа го направи и на Твитер:

Официјалното обраќање и писмо на Магарет Атвуд можете да го прочитате тука.

Ова е навистина прекрасна вест, најпрво затоа што Маргарет Атвуд дефинитивно ја заслужува оваа престижна награда, а и е значајно што Македонија ќе ја посети една поетска и книжевна големина како Атвуд.

„Златниот венец“ на Етвуд ќе ѝ биде врачен на годинашното, 55. издание на поетскиот фестивал, кој традиционално се одржува на крајот на август во Струга. Етвуд е трета поетеса што ја добива наградата. Двете претходни жени кои имаат добиено „Златен венец“ се Десанка Максимовиќ во 1988 година и Нанси Морехон во 2006 година.

 

 

 

Leave a comment