Денес е вистински празник за сите љубители на книги: Започнува Саемот на книга! Од утре, 12.04., до 18.04., Скопскиот саем, односно „Метрополис арената“ ќе биде местото коешто ќе ги обедини сите љубители на пишаниот збор. Освен големи попусти, читателите ќе имаат можност да дознаат повеќе информации за најновите изданија на издавачките куќи, а некои ќе имаат можност и да се запознаат со неколку големи имиња од областа на литературата.

Околу 70 издавачки куќи ќе имаат можност да ги претстават своите изданија на 28-от Меѓународен саем на книгата, каде што секој ќе има можност да избере изданија од областа на белетристиката, стручната литература, класици и модерна белетристика, дела од македонски и странски писатели и уште многу, многу други области.
Годинава се очекуваат околу 40.000 посетители, што укажува на тоа дека Саемот на книгата станува се поатрактивен и поголем и нуди радост и огромен избор за сите оние кои сакаат да ја збогатат својата домашна библиотека.
Се очекуваат 30 промоции на нови изданија и еден куп други активности, како дружење со писатели, литературни читања, трибини, а ќе има и наградни игри и конкурси. Издавачката куќа „Антолог“ ги повикува сите заинтересирани да споделат некоја случка од минатото, да ја претворат во расказ и да ја остават во „Кутијата на спомени“ којашто ќе биде на нивниот штанд или да ја испратат на мејл адресата: kutijanaspomeni@gmail.com. Најинтересните творби ќе бидат објавени во списанието за култура и уметност „Репер“ (www.reper.net.mk).
Освен тоа, оваа година е возбудлива и во поглед на гостувањата.
„Антолог“ ја нудат уникатната можност на 14 април, во периодот од 17:00 до 18:30 часот, македонската јавност лично да го запознае Гилјермо Мартинес, најпреведуваниот аргетински писател на 21 век, кој ќе ја промовира неговата нова книга „Бавната смрт на Лусијана Б.“
„Феникс“ како гости на својот штанд на 12 април во 12 часот ќе ги имаат српските писатели Сунчица Дениќ и Мирослав Михаиловиќ.
Од „Просветно дело“ ги најавуваат своите специјални гости Исидора Бјелица, која на 15 април во 13 часот ќе ја презентира својата нова книга „Да се љуби и да се умре на Карибите“ и Кристина Ковач, која ќе ја промовира книгата „Дрво на животот“ на 14 април во 13 часот. Покрај нив, македонските писатели Киро Донев, Стојан Тарапуза и Горјан Петрески ќе бидат гости на „Просветно дело“ во текот на Саемот на книга.
На штандот на „Македоника литера“ гости ќе бидат Волф Ошлис од Германија и Ана Багрјана од Украина која на 16 април ќе ја промовира својата книга „Приказни од скопскиот парк“, која е напишана како резултат на нејзиното привремено живеење во Македонија.
На штандот на „Македоника“ ќе имате можност да се дружите со македонските писатели Киро Донев и Владимир Плавевски.
На штандот на издавачката куќа „Готен“ ќе гостуваат Виктор Хорват од Унгарија и Пјер Џ. Мејлак од Малта, добитници на Европската награда за литература.
Издавачката куќа „Култура“ низ текот на целиот саем ќе организира дружење со Фросина Пармаковска, Виктор Петрески, Лејла Сабит и други писатели.
На 14 април, Скопски саем организира предавање на хрватскиот писател, социолог и мотивациски говорник Бруно Шимлеша, кој е меѓу најчитаните хрватски автори на книги од областа на популарната психологија и книгите за само-помош.
Ова е само дел од гостите кои се најавувани, а издавачките куќи ќе нудат уште изненадувања за своите читатели.
Во прилог можете да ја видите и општата програма на Саемот на книга за оваа година:


Љубителите на книги ќе можат да го посетат Саемот на книгата во периодот од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 30 денари, додека пак за организирани посети е 20 денари.
И како за крај, подолу можете да најдете линкови до каталозите на некои од издавачките куќи, кои можеби ќе ви помогнат при избирањето на книги или разгледувањето на генералната понуда. Се обидов да ги соберам сите коишто ги најдов, а доколку најдам повеќе ќе го надополнувам постот. Таму каде што не успеав да најдам каталог, оставив линк до фејбук страната на издавачката куќа, каде што ќе можете да ги следите новостите или да ја видите нивната понуда.
ТРИ
Антолог
Арс Ламина
Бегемот
Просветно дело
Култура
Сакам книги
Матица
Македоника литера и Македонска реч
Или-Или
Ѓурѓа
ПНВ Публикации
Темплум
Магор
Табернакул
Академска книга
Икона
Блесок
Готен
На здравје читање!
Се гледаме онаму каде што се случува магијата – на Саемот на книгата!
