Како да се чита една книга? Ова некому може да звучи како чудно прашање, но факт е дека секој од нас има различен пристап кон книгите и читањето. Некои луѓе повеќе се посветени кон брзината на читањето, некои кон содржината, некои кон бројката на прочитани книги. Секој човек различно ги доживува книгите и литература.
Вирџинија Вулф е една од најпознатите и најпочитуваните писателки на сите времиња. Таа освен што била феноменална писателка, била почитувана и помеѓу академскиот свет заради својот придонес кон науката, а и била и одличен книжевен критичар.
Вирџинија Вулф има напишано еден есеј „Како човек треба да чита книга?“, кој бил издаден како дел од серија есеи наречени „Обичниот читател“, чиј наслов всушност го носат две збирки, едната издадена во 1925 година, другата во 1932 година. Волф ги напишала овие есеи за лаиците и обичните читатели, не за академици и писатели, а голем дел од нив биле претходно објавени во неколку различни магазини и научни списанија.

Во едно такво издание, таа вели дека нејзините неформални истражувања на делата и стилот на пишување на писателите како Џонатан Свифт, Даниел Дефо и Томас Харди, „не го ставаат писателот во позиција на бранител или откривач на одредени трендови во литературата.“
„Како човек треба да чита книга?“ се појавува на крајот на вториот серијал на „Обичниот читател“. Есејот предупредува колку е опасно создавањето на товар и однапред создадени слики за читањето и се залага за формален и критичен пристап:
„На крајот од краиштата, кои закони можат да бидат напишани за книгите? Битката кај Ватерло секако дека се случила на одреден ден, но дали „Хамлет“ е подобра драма од „Кралот Лир“? Никој не може да го каже тоа. Секој мора сам да го одговори тоа прашање.
Да пуштиме авторитети, колку и да се потковани и дотерани, во нашите библиотеки и да ги оставиме да ни кажуваат како да читаме, што да читаме, која и каква вредност да ставаме на она што го читаме, значи да се уништи духот на слободата кој е воздухот за тие прибрежишта. На секое друго место можеме да бидеме обврзани од закони и правила, но таму сме комплетно ослободени од нив.“
Иако таа самата била исклучителен изучувач и критичар, Вулф не им препорачува на своите читатели на станат како нејзе. Таа вели:„Единственот совет во врска со читањето кој еден човек може да му го даде на друг, е да не прифаќа никаков совет, да ги следи своите инстинкти, да го употребува сопствениот разум и да формира сопствени заклучоци.“
Сепак, таа вели дека си зема за право да даде неколку идеи и предлози кои можат да бидат прифатени или отфрлени. Таа ги нуди нејзините упатства за да ни помогне во зголемувањето на задоволството, а не да го задуши, и да ни помогне да се снајдеме во огромниот хаос со кој се соочуваме кога се сретнуваме со најразлични жанрови, периоди и стилови на пишување.
Вулф се прашува: „Од каде да почнеме?“. Подолу можете да прочитате неколку од нејзините идеи и предози дадени со целата претпазливост искажана погоре:
- „Бидејќи книгите се поделени на различни делови: фикција, биографија, поезија, ние треба да ги раздвоиме и од секоја од нив да го земеме тоа што е најдобро за нас.“
„Најчесто им пристапуваме на книгите со замаглени и поделени умови, барајќи од фикциjата да биде вистинита, поезијата да биде невистината, биографијата да биде ласкава или историјата да ги зголемува нашите сопствени предрасуди. Ако можеме да ги избришеме сите тие предубедувања, тоа би бил одличен почеток.
Немојте да му наредувате на вашиот писател, обидете се да се претворите во него. Бидете негов колега: работник и сојузник. Ако сте воздржани, резервирани и полни со критика уште од самиот почеток, вие самите себе се спречувате да ја добиете целосната можна вредност од тоа што го читате.“

- „Можеби најбрзиот начин да ги сфатиме елементите кои писателот ги употребува не е да читаме, туку да пишуваме, да направиме сопствен експеримент со опасностите и тешкотиите на зборовите.“
„Присетете се на некој настан кој оставил силен впечаток на вас. На пример: На аголот од улицата сте поминале двајца луѓе кои зборувале нешто. Дрвото се тресело, светлината танцувала, тонот на разговорот бил комичен, но истовремено и трагичен. Целосна визија, целосна концепција изгледала содржана во тој момент…
Кога се обидувате да го реконструирате во зборови, ќе видите дека тој се крши на 1000 конфликтни впечатоци….Потоа од вашите сопствените замаглени и ишкртани страници свртете се кон страниците на некои од најголемите писатели како Дефо, Џејн Остин, Харди. Тогаш повеќе ќе можете да ја цените нивното мајсторство.“
- „Можеме да читаме биографии и мемоари со друга цел, не за да ја расветлиме литературата, не за подобро да се запознаеме со животите на познатите луѓе, туку за да се освежиме и да ги вежбаме нашите сопствени креативни моќи.“
„Најголемиот дел од која било библиотека не е ништо повеќе од запис на минливите моменти во животите на мажите, жените и магарињата. Секоја литература, како што старее, има свое наталожено ѓубре, записи на изгубени моменти и заборавени животи напишани со сомнежи и изнемоштени акценти кои сосема исчезнале.
Но, ако си го пружите себеси задоволството да го читате тоа наталожено ѓубре ќе останете изненадени, ќе бидете совладани од реликвиите на човековиот живот кој бил оставен да изгние. Можеби тоа ќе биде само едно писмо, но каква визија може да ви даде! Може да содржи само неколку реченици, но какви пејсажи може да предложи!“
За да добиете целосна слика за погледите на Вулф за читањето, прочитајте го целосниот есеј. Таа го заклучува својот есеј со уште еден нежен удар кон литературната критика и препорачува скромност во присуството на литературата:
„Ако книгата се чита како што треба да се чита, тоа значи повикување на најретките квалитети на фантазијата, увидот, судот. И можеби ќе заклучите дека литературата е многу комплексна уметност и дека не е многу веројатно дека ќе бидеме способни, дури ни по живот поминат во читање, да дадеме било каков придонес за нејзината критика. Ние мора да останеме читатели.“
Вулф, меѓу останатото, поставува и свои прашања: „Зарем не постојат одредени потраги кои ги спроведуваме само затоа што се добри самите по себе, а некои задоволства затоа што се конечни? И зарем не е ова едно од нив?“
