Луѓето кои толку многу го сакаа Толстој што создадоа култ!

Лав Толстој е еден од најголемите книжевни умови на сите времиња. За тоа веќе нема ниту расправа, ниту дилема. „Ана Каренина“ и „Војна и мир“ се меѓу делата коишто постојано се препорачуваат дека морате да ги прочитате барем еднаш во животот.

Во последно време, особено во Велика Британија, популарноста на Лав Толстој добива само уште поголема димензија, благодарејќи на мини-серијата на Би-Би-Си. Толстој добива сосема нови обожаватели кои се внесуваат во ликовите, приказната и филозофијата на Толстој.

Но, едно е да се вложите во ликовите и приказната, но сосема друго е да се преселите на изолирана фарма за да можете да живеете во совршена хармонија со религозните уверувања на Толстој. Во 1882 година, Толстој го завршил своето дело „Исповед и други религиски списи“ што довело до оддалечување од руската православна црква.

osgood-englands-last-tolstoyan-communes-1-1200x630-1452021055

Овој контроверзен мемоар многу детално ја прикажува и опишува неговата морална криза со којашто се соочувал. Зошто ова кренало толкава прашина? Затоа што тој ја отфрлил догмата на Православието и се посветил на првобитната верзија на христијанството која е целосно заснована на учењето на Исус Христос:

„Во денешно време, исто како и порано, јавната декларација и признание на Православието обично е пресретнато од досадните, сурови и неморални луѓе кои сакаат да си замислуваат дека се многу важни. Додека пак интелигенцијата, искреноста, директноста, добрината и моралноста се квалитети кои најчесто се наоѓаат помеѓу луѓе кои тврдат дека се неверници.“

Толстој ги образложил своите христијански уверувања во неговото дело од 1884 година, „Во што верувам“. Книгата била под огромно влијание на „Проповед на планината“ (учењето на Исус Христос во Новиот Завет). Се разбира, Светиот Синод воопшто не бил среќен поради тоа. Сепак, тоа не го спречило неговото учење да добие огромен број приврзаници. Во денешно време, рускиот писател највеќе го знаеме по неговата белетристика но ова не било случај додека бил жив:

„Неговата популарност во 1910 година повеќе се должела на неговите политички и етички кампањи, како и неговиот статус на визионер, реформист, моралист и филозофски гуру, отколку на неговиот талент како писател на белетристика. Вегетаријанец, пацифист и непријател на приватната сопственост, тој бил, особено во последните декади на неговиот долг живот, постојан критичар на рускиот цар и руската православна црква.“

Со оглед на тоа дека пацифистичките и религиски писанија на Толстој биле цензурирани во Русија, голем дел од неговите најверни следбеници и поддржувачи доаѓале однадвор. Во 1894 година, една група на посветени обожаватели познати како „Братството Кројдон“ ја основале Пурлеј, првата заедница во Велика Британија која целосно била водена и владеена според принципите на Толстој. Или во превод: Овие луѓе толку многу го сакале Толстој, што започнале и култ во негова чест. Реноминираниот весник „Њујоркер“ пред извесно време  објави артикл од Келси Озгуд посветен на Пурлеј:

„Неговите најжестоки следбеници биле во Англија, каде неговиот најголем приврзаник и некогашен уредник Владимир Григоријевич Чертков живеел за време на прогон. Чертков го посетил Пурлеј, но одлучил да постави музеј посветен на делата на Толстој и големи нефункционални фонтани во близина, наместо да го прилагоди своето прилично робусно его на волјата на братството на еднаквите. Највлијателен член на заедницата бил Џон Колман Кенворти, поранешен бизнисмен чиј економски трактат „Анатомија на мизеријата“ бил фален од страна на Толстој, кој се заложил книгата да биде преведена на руски јазик.

Како се чувствувал Толстој во врска со ова движење? Тој бил претпазлив оптимист. Во едно писмо од 1895 година, Толстој изразил „големо задоволство“ што група на луѓе „се организираат, не само во Русија, туку и во различни делови на Европа и кои потполно се сложуваат со нашите ставови.“

mahatma20gandhi20and20residents20of20tolstoy20farm-preview
(Махатма Ганди (петти од десно во средниот ред) и други членови сликани пред „Фармата на Толстој“ во Јоханесбург)

Иако Толстој им го дал својот благослов на движењето, сепак имал свои сомнежи и стравови за правецот во кој се движело и можноста да се издигне на ранг на божество.

Во однос на едно писмо коешто го добил од свој приврзаник, тој напишал:

„Да се зборува за „Толстоизам“, да се бара насока, да се прашува за моите решенија за некои прашања е голема и ужасна грешка. Никогаш не постоело, ниту пак постои некакво мое „учење“. Постои само едно универзално учење на Вистината, која за мене, за нас, е особено јасно изразена во Госпелите… Ја советувам оваа млада дама да не живее според мојата совест, како што таа посака, туку според својата.“

Сепак, целиот проект на Пурлеј не траел долго. До 1904 година, местото било речиси целосно напуштено. Кенворти завршил во лудница. Уште поинтересната работа во приказнава е тоа што Пурлеј не било само чудо за три дена. Толстоевските заедници продолжиле да дејствуваат и да се прошируваат на меѓународно ниво по смртта на писателот.

Се прашувате колку било влијателно движењето? Одговор на тоа може да ви даде фактот дека и Ганди во 1910 година во Јоханесбург основал ко-оперативна колонија наречена „Фармата на Толстој“. (Претставено на сликата погоре)

Leave a comment