Има книги на кои постојано им се навраќаме, како на стар пријател, како стар фото-албум во кој се сместени сликите од нашето детство. Тоа обично се нашите омилени книги, книгите со кои сме пораснале, книгите кои оставиле силен печат врз нас и нашиот живот. Сигурно има книги кои ги имате прочитано повеќе од еднаш. Мислата која му се припишува на Џон Бартон вели: „Никогаш не може да ја прочитате истата книга два пати, затоа што сте различна личност секојпат кога ја почнувате одново.“
Додека размислував одново да почнам да читам една книга која ми е многу драга, налетав на еден текст од Хуан Видал кој е книжевен критичар и пишува за издавачката куќа „НПР Букс“ и други списанија. Во текстот тој зборува токму за убавината на препрочитувањето на книгите и решив да го споделам и со вас тој текст кој верувам ќе побуди носталгија и желба повторно да ја препрочитате вашата омилена книга.
Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик.

Да се вратиш на книга којашто си ја прочитал неколку пати е исто како да пиеш пијалок со стар пријател. Постои добредојдена блискост, но истовремено и мала сомничавост дека времето ве изменило и двајцата, а со тоа се изменил и вашиот однос. Но, книгите не се менуваат, луѓето се менуваат. И тоа е она што го прави чинот на препрочитување толку богат и трансформативен.
Ако сте биле страствен читател барем во некој период од животот, големи се шансите дека повторно сте ја земале во рака книгата што ја сакате. Книгата со интересни ликови, онаа збирка со приказни која ве потсеќа на домот или збирка со поеми која ви била дадена кога сте биле деца. Прашањето дали се работи за носталгија или едноставно за задоволство, зависи од личност до личност. Но, една работа е сигурна: Секоја книга е причина по и за себе.
Бројката на книги која ја добивам секој месец може да биде гламурозна и застрашувачка. Може да се работи за бројка од 5, а може да се работи и за бројка од 20 книги. И сите тие изгледаат толку проклето прекрасни, со нивните уникатни дизајни, истакнати препораки и свежо исушено мастило.
Приказни кои се полни со убиства, тајни и политички интриги, книги кои изгледаат како да ја носат сета тежина на овој свет. Секако дека сакам да ги прочитам сите, но тоа не е возможно. Имам деца и жена, вечера и плус толку долго го одложував менувањето на масло во автомобилот. Но, не можам да ги прочитам сите книги и заради тоа што, покрај одбраните нови изданија, навистина сакам да го имам тој пијалок со стариот пријател.

Има три книги кои ги препрочитувам секоја година. Ова се сигурни избраници, книги за кои одвојувам посебно време во текот на годината. Првата книга која ја читам секоја пролет е „Подвижен празник“ од Ернест Хемингвеј. Оваа книга е постхумно издадена во 1964 година и е легендарен мемоар за животот во Париз во 20-тите години на 20-тиот век.Стилот на пишување е речиси опоен, книга во која остарениот писател си приспомнува за некои амбициозни, но поедноставни времиња.
Втората книга е „Цврстата светост“ од Ени Дилард, нејзиното поетско дрдорење за се и за ништо во исто време: Молец фатен во оган, крштевање, малечко девојче кое изгорело во авионска несреќа. Книгата почнува вака: „Секој ден е Бог, секој ден е Бог и светоста ја држи тврдината на времето. Му се поклонувам на секој Бог, го фалам секој ден кој е поделен и обвиен во времето како сеќавање, сеќавање од многу раширени бои во зората над поделените планини.“
Јас не би рекол дека тука има заплет, но можеби заплетот е распарчувањето на седумгодишната Џули Норвич во таа несреќа. Како и да е, ако ви е потребен ептен уреден заплет за да уживате во книга, има големи шанси дека сте социопат.
Третата книга е „Зачувај го самракот“ од Хулио Кортасар, од едноставна причина: се работи за поезија. И Кортасар.
Иако имам навика да купувам многу книги, овие три ми беа дадени како подарок, веројатно и на тоа може да се даде потсвесно значење зошто сум толку приврзан за нив. Но, верувам дека иако парите се прекрасни и неопходни, препрочитувањето на делото на некој писател е највисоката валута со која еден читател може да им плати на писателите. Особено ако писателот веќе не е тука за да може да ги троши парите.

Незаситниот читател е постојан конзумер на светови. Но, интерпретацијата на овие светови се обликува и менува во зависност од личното искуство кое човекот го носи во себе додека чита. Се идентификуваме со болката на ликот затоа што и ние имаме искусено болка, итн.
Убавината на препрочитувањето книги лежи во идејата дека нашата ангажираност околу книгата се базира на нашето моментално умствено, емотивно, дури и духовно ниво. Вистина е дека како што стареам, се повеќе чувствувам дека времето има крилја. Но, кога читам, се се врти околу сегашноста.
Се работи за сегашниот момент и што човекот придонесува за сегашниот момент, затоа што читањето е на некој начин на размена на давање и земање меѓу писателот и читателот. Секој мора да си ја донесе и извлече сопствената тежина. Има книги кои ги мразев кога бев во моите 20-ти, но сега ги гледам како моќни и откровенички.
Најдобрите книги се книгите кои продолжуваат и понатаму да откриваат како што помнува времето. Но, запаметете: Не е затоа што се промениле. Секоја буква и секој интерпукциски знак е баш таму каде што отсекогаш бил и каде што ќе остане засекогаш. Вие сте тие кои сте различни и вие сте тие на кои длабочината на постоењето имала влијание . И вие сте оние кои треба да пораснат и да читаат и да препрочитуваат со цел подобро да ги разберат своите пријатели.
Текстот во оригинална форма можете да го прочитате тука.
