Џон Штајнбек за заљубувањето…

Џон Штајнбек е еден од најдобрите и најценетите писатели во американската литература. Неговиот прекрасен стил на пишување е навистина магичен и кога еднаш ќе навлезете во светот кој тој го создава, многу тешко ќе можете да излезете од него.

john-steinbeck-2

Тој има напишано прекрасни дела како „Плодови на гневот“ (книга за која ја има добиено Пулицеровата награда), „Глувци и луѓе“, „Источно од рајот“, „Патувањата со Чарли“ и уште многу, многу други прекрасни дела.

Во текот на својот живот има објавено 25 книги од различни жанрови. Во 1962 година ја добива Нобеловата награда за литература.

Освен тоа што бил магионичар кога станува збор за пишаниот збор, Џон Штајнбек обожавал да пишува писма и да се допишува. Тој мразел да зборува по телефон и секогаш одбирал да напише писмо за да каже што му лежи на душа и да остане во контакт со луѓето. Во своите писма тој пишувал за се што му паѓало на памет.

850 од тие писма се содржани во книгата „Штајнбек: Живот во писма“, во кои можеме да ги прочитаме сите длабоки, интересни, смешни, ранливи, мудри писма кои тој ги праќал до неговото семејство, пријатели, уредник и одреден круг на познати и влијателни јавни личности.

Меѓу сите тие писма може да се најде неговото прекрасно писмо од 1958 година, кое е адресирано до неговиот најстар син Том. Писмото е одговор на претходното писмо кое Том му го испратил на Штајнбек и во кое тинејџерот признава дека додека биле во интернат, лудо се заљубил во некоја девојка која се викала Сузан .

Мудрите зборови на Штајнбек, пропратени со нежност, оптимизам, безвременост, треба да допрат до срцето и умот на сите луѓе ширум планетава. Прочитајте го прекрасното писмо на Штајнбек, уживајте во секој напишан збор, верувам дека овие зборови ќе ве замислат, допрат и дефинитивно ќе ви го разубават денот!

tumblr-couple-romance-wanderlust

Њујорк,
10 ноември 1958 година

Драг Том,

Изутринава го добивме твоето писмо. Јас ќе го одговорам од моја гледна точка, а Елејн секако ќе го одговори од нејзина гледна точка.

Прво, ако си заљубен, тоа е добра работа. Тоа е најдобрата работа која може да се случи некому. Не дозволувај некој да го намали или да го омаловажи нејзиното значење за тебе.

Второ, постојат неколку видови љубов. Едната е себична, злобна, лакома, егоистична работа која ја употребува љубовта за сопствената важност. Тоа е грдиот и осакатен вид. Другиот вид придонесува да се излее се што е добро во тебе, почнувајќи од љубезност до внимателност и почит.

Тука не станува збор само за онаа општествена почит која вклучува имање манири, туку почит од повисок вид кој вклучува признавање на друга личност како уникатна и вредна. Првиот вид љубов може те направи болен, мал и слаб, но вториот вид може во тебе да ослободи сила, храброст, добрина и дури и мудрост за која не си ни знаел дека ја имаш.

Велиш дека не се работи за детска љубов. Ако ја чувствуваш толку длабоко, се разбира дека не е детска љубов.

Но, не мислам дека ме прашуваш за тоа што чувствуваш. Ти тоа го знаеш подобро од кој било. Ти сакаше да ти помогнам околу тоа што да направиш во врска со тоа, а тоа можам да ти го кажам.

Па како за почеток, уживај во неа и биди среќен и благодарен за тоа.

Објектот на љубовта е секогаш најдобар и најубав. Обиди се да ги исполниш тие очекувања.

Ако сакаш некого, не постои можност за повредување или нанесување зло со тоа што ќе ја искажеш таа љубов. Но, имај на ум дека некои луѓе се многу срамежливи и некогаш мораш да ја земеш предвид таа срамежливост.

Девојките имаат начин со кој знаат или претчувствуваат што чувствуваш, но обично сакаат и да го чујат тоа.

Понекогаш, од најразлични причини, се случува да не ти бидат возвратени чувствата, но тоа не ги прави твоите чувства помалку вредни или добри.

И последно, знам како се чувствуваш, затоа што јас се чувствувам така и драго ми е што го искусуваш тоа.

Навистина би сакале да ја запознаеме Сузан. Таа ќе биде добродојдена. Но, Елејн ќе ги направи сите подготовки, затоа што тоа е нејзино поле и ќе и биде многу драго да го организира сето тоа. И таа знае доста работи за љубовта и можеби може и повеќе да ти помогне од мене.

И не се грижи за загубата: Ако е вистинско, ќе се случи. Најважната работа е да не брзаш. Добрите работи не можат да избегаат.

Со љубов,

Тато

One comment

  1. […] Ова писмо е дел од збирката „Штајнбек: Живот во писма“, која ни дава многу интересни увиди во умот на Штајнбек, а на блогот веќе еднаш имавте можност да го прочитате писмото до неговиот син, на тема заљубување и љубов. […]

    Like

Leave a comment