Што читаше Кафе и книги во април?

Април си замина, а мај дојде во нашиот живот. Нов месец, нови книги и нови уживања. Како што е и редот, ги објавувам книгите што ги прочитав во април, со мал осврт и мое лично мислење за тоа како ги доживеав и кои приказни ми оставија впечаток.

Можеби некој од моите избори ќе ви се допадне, па ќе ве инспирира да си го пронајдете следното четиво за читање.

Атлас на облаците“ – Дејвид Мичел

Издавачка куќаИЛИ-ИЛИ
Оцена:5/5
Осврт: Ова е дефинитивно најдобрата книга што ја прочитав во април. Дејвид Мичел ќе ве однесе во целосно друга димензија и ќе ви го преврти светот и чувството за време. Оваа книга е доста необична во својот формат, но тоа ја прави уште поуникатна. Се работи за шест различни приказни, кои се случуваат во сосема различни периоди, но секоја од нив на одреден начин се вклопува или поврзува со другата.

Токму во моментот кога сте помислиле дека сте се задлабочиле во едната приказна, одеднаш започнува наредната, без никакво објаснување. Но, како што книгата доживува кулминација со шестата приказна, потоа книгата полека почнува да се навраќа назад на приказните и клопчето полека почнува да се отплеткува. Прекрасна книга, која освен тоа што е оригинална и уникатна, воедно отвора и разработува и длабоки, филозофски теми за животот и навистина ќе ве замисли и ќе ве натера и самите да поставите неколку прашања.

Фаренхајт 451“ – Реј Бредбери

45_28_6_16__28__2_2017farenhajt451

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Доколку сте љубител на дистописки романи како „1984“ или „Храбар нов свет“, навистина многу ќе ви се допадне оваа книга. Реј Бредбери нè внесува во едно општество во кое сите се навлечени на огромни тв-екрани кои се простираат по целите ѕидови (книгата е издадена 1953 година), а книгите се апсолутно забранети. Пожарникарите повеќе ја немаат улогата да ги гаснат, туку напротив, да ги започнуваат пожарите, односно да ги горат библиотеките и куќите на оние кои поседуваат „забранети книги“.

Гај Монтаг е еден од тие пожарникари и целиот живот ја работи оваа работа без да размисли што има во книгите и зошто тие имаат толкава моќ. Но, ова полека започнува да се менува кога запознава една млада, но навистина чудна девојка, која влијае врз него на начин кој ќе води до тоа целосно да му се измени животот. Оваа книга ќе ве натера да си поставите многу прашања, но и да размислите подлабоко на одредени теми на кои можеби претходно и не сте обрнувале толкаво внимание. Зарем би можеле да си замислите свет во кој речиси и воопшто не постојат книги? Хорор!

Дневникот на Бриџит Џонс“ – Хелен Филдинг

Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена: 5/5
Осврт: Ако не сте слушнале за книгата, речиси е сигурно дека го имате гледано истоимениот филм со Рене Зелвегер, Хју Грант и Колин Фирт во главните улоги. Оваа книга е исклучително забавна, лесна и интересна. На многу интересен и досетлив начин ги опишува маките на сите девојки кои се во потрага во сродната душа, но тоа не им оди баш од рака.

Книгата се чита за еден ден, заразна е, смешна и ве тера да ја читате до самиот крај и тоа без да престанете. Доколку ви е потребна книга која ќе ве одвои од секојдневието и ќе ве релаксира по напорниот ден, ова е одлична книга за таа намена. Јас навистина се забавував додека ја читав и со нетрпение чекам да ги прочитам и останатите делови. За оние што го гледале филмот и кои се обожаватели на екранизираната Бриџит, треба да имаат на ум дека има прилично големи разлики меѓу книгата и филмот. Секако Марк, Бриџит и Даниел се тука, но има значителни отстапки.

Детство, лето, град“ – Влада Урошевиќ

15747224

Издавачка куќаТЕМПЛУМ
Оцена: 4/5
Осврт: Ви недостига детството? Ви недостига мирисот на јорговани од дворовите на соседот? Тогаш ова е дефинитивно книга за вас. Се работи за книга која е збирка од разговори, раскази, песни и сеќавања на Влада Урошевиќ поврзани со неговото Скопје и неговите најпрекрасни детски спомени и денови кои ги поминал во Скопје.

Книга која ќе ви го стопли срцето, книга што ни дава приказ на едно далечно Скопје, Скопје од времето на нашите дедовци и баби. Но, освен тоа, ни го прикажува тоа далечно Скопје видено низ очите на едно дете, книга каде што боите, мирисите, вкусот и сите останати сетила се компас за спомените, чувствата и обликот на градот. Одлична книга, ќе направи да почувствувате носталгија и за детството, но и за едно Скопје во кое ние не сме имале прилика да живееме…

„Разум и чувства“ – Џејн Остин

234_53_24_13__26__4_20149780007350797

Издавачка куќа: HARPER COLLINS (Може да се најде во Икона, но и во Академска Книга, но од издавачката куќа WORDSWORTH CLASSICS)
Оцена: 4/5
Осврт: Џејн Остин е навистина маестрална писателка. Нејзиниот стил на пишување секогаш е интересен и во нејзините приказни секогаш има доза хумор и оптимизам кој ве остава со позитивна енергија по читањето. Приказната се врти околу Елинор и Мериен Дашвуд, кои заедно со нивната мајка и најмала сестра Маргарет се преселуваат од нивниот имот по смртта на нивниот татко и се преселуваат на имотот на еден далечен роднина.

Елинор и Мериен се два сосема различни карактери и со тоа Остин се обидува да прикаже два различни концепти. Елинор не ги покажува своите чувства, секогаш е прибрана и има совршена самоконтрола, додека пак Мериен е целосно спротивна од Елинор. Импулсивна, топла, секогаш се води според срцето и моменталниот порив. Кога љубовта се појавува на нивната врата, разликите во нивниот карактер уште повеќе доаѓаат до израз. Сестринската љубов, љубовта на семејството, како и секогаш во книгите на Џејн Остин, зазема главно место, покрај романтичната љубов.

Книга на спомените“ („Казна за гревот“ II) – Јелена Бачиќ Алимпиќ

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 3/5
Осврт: Во едно од претходните изданија, веќе зборував за првиот дел од книгата, „Ноќта кога дојдоа сватовите“. Според мене, оваа книга е значително подобра од првиот дел. Има повеќе шарм, дури и повеќе оптимизам. И покрај тоа што се обработувва една тешка и мрачна тема како што е нацизмот и Втората светска војна, сепак има и ведри, интересни и меланхолични моменти.

0ткако Емилија го напушта имотот на Ерцегови, оди да ја бара својата среќа во Виена каде ќе му стане асистентка на еден од највидните универзитетски професори во Австрија. Се разбира, се појавуваат и останатите ликови од првиот дел од книгата, секој оди по својот пат, а нечии патишта се вкрстуваат. Сепак, иако значително беше поголемо уживањето при читањето на оваа книга, останувам на тоа дека г-ѓата Алимипиќ се има прикажано и во многу подобро светло од ова и имала многу поубави и подобро разработени приказни.

Leave a comment