Ф.Скот Фицџералд се смета за еден од најлегендарните американски писатели. Неговата книга „Големиот Гетсби“ можете да ја видите во секоја листа на книги кои морате да ги прочитате во животот. Неговиот стил на пишување, меланхоличен, длабок, на моменти тежок, може веднаш да ве пренесе во ерата на џезот.
Тој бил лудо заљубен во својата сопруга Зелда Фицџералд (моминско презиме: Сајр), која исто така била писателка и популарна личност во високите општествени кругови. Тие заедно го обожавале сјајот на гламурозноста, забавите и популарноста.

Се вели дека карактерот на Зелда бил инспирација на Фицџералд за создавање на ликовите како Дејзи Бјукенен од „Големиот Гетсби“ и Никол Дајвер од „Нежна е ноќта“, чија борба со психичките болести е многу слична со таа на Зелда. Фицџералд користел многу од фразите на Зелда во своите дела.
Таа се запознала со Скот слично како што Дејзи Бјукенен го сретнала Џеј Гетсби. Во јули 1918 година, тој волонтирал во војската на САД и бил сместен надвор од нејзиниот роден град во Монтгомери, Алабама. Иако имала многу додворувачи, Зелда се заљубила во Скот и тие станале неразделни. Писмото што ќе го прочитате во прилог е напишано од Зелда во 1919 година, годината кога Фицџералд се преселил и етаблирал во Њујорк.
„Драги,
Те молам, ама те молам немој да бидеш толку депресивен. Наскоро ќе се венчаме и тогаш овие осамени ноќи ќе заминат во неповрат. И додека се случи тоа, јас сум заљубена во секоја минутка од денот и ноќта. Можеби нема да го разбереш ова, но понекогаш, кога најмногу ми недостигаш, тогаш ми е најтешко да пишувам. И ти секогаш знаеш кога се терам себеси, целата таа болка… и не можам да ти кажам.
Ако бевме заедно, ќе почувствуваше колку е силно… толку си сладок кога си меланхоличен. Ја сакам таа твоја тажна нежност, особено кога ќе те повредам. Тоа е една од причините зошто никогаш не може да ми биде жал за нашите расправии, кои толку многу те мачат. Тие драги, мали проблеми, по кои секогаш толку силно се трудев да те бакнам и да направам да исчезнат.
Скот, не постои ништо на светов што го сакам, освен тебе и твојата скапоцена љубов. Сите материјални нешта не се ништо во споредба со тоа. Јас не би можела да поднесам да водам безличен и безбоен живот, затоа што ти набргу би почнал помалку да ме сакаш. И јас би направила се, ама баш се, за да го задржам твоето срце за себе. Не сакам да живеам, јас најпрво сакам да љубам, да живеам случајно.
Зошто не чувствуваш дека јас чекам и дека ќе дојдам кај тебе, љубовнику, кога ќе бидеш подготвен за тоа? Немој ни да помислуваш на работите кои не можеш да ми ги дадеш, бидејќи ти веќе ми го довери најдрагото срце на светот и тоа е проклето многу повеќе отколку што некој на светот некогаш имал.
Како можеш намерно да мислиш на живот без мене? Ако умреш, о драги, мој најдраг Скот, тоа ќе биде како да сум ослепела. Знам дека повеќе нема да имам никаква цел во животот и ќе остане само една убава декорација. Зарем не мислиш дека јас сум создадена за тебе? Чувствувам како ти да си ме нарачал и јас сум ти испорачана за да ме носиш… Сакам да ме носиш како часовник, како амајлија или копче и тоа пред целиот свет. И тогаш, кога ќе останаме сами, сакам да помогнам, сакам да знам дека не можеш да направиш ништо без мене.
Со сето мое срце…
Те сакам.“
По објавувањето на првата книга на Фицџералд, „Оваа страна од рајот“, парот се венчал на 3 април 1920 година. Тие имале една ќерка која ја крстиле Скоти. Креативниот талент на Зелда бил прилично игнориран за време на нејзиниот живот и нејзиниот сопруг бил бесен кога таа се претворила од муза во создавател, пишувајќи ја книгата „Сочувај ми го валцот“, која ја напишала додека била во санаториум. Книгата содржела автобиографски делови кои самиот Фицџералд сакал да ги искористи во „Нежна е ноќта“.

На Зелда по некое време и била дијагностицирана шизофренија (иако сега се претпоставува дека страдала од биполарно нарушување). Како што болеста и напредувала, таа постојано се преместувала од еден во друг санаториум и со текот на времето Фицџералд се впуштил во љубовна врска со Шејла Грахам, која била колумнистка за филмови.
Фицџералд починал од срцев удар на 21 декември 1940 година. Зелда починала на 10 март 1948 година во пожар кој избувнал во болницата во којашто била сместена.
Гробницата на Скот и Зелда Фицџералд се наоѓа во Роквил, Мериленд и на неа е запишана легендарната последна реченица од „Големиот Гетсби“:
„И така пловиме понатаму, како бродови наспроти струјата, непрестајно враќајќи се кон минатото.“

