Ликовите од книги се како деца. Тие се раѓаат во умот на писателот/писателката. Најпрво се зачнуваат како идеја, а потоа со текот на времето се развиваат во ликови со сопствен идентитет, ликови кои растат и се соочуваат со секакви предизвици.
Исто како и кај родителите, невозможно е писателот/писателката да одбере омилен лик. Секој од нив е свое ремек-дело на свој начин, секој од нив претставува одредена тематика, открива одредени емоции… Но, понекогаш писателите имаат свои миленици помеѓу ликовите. Тоа е случај и со Џ.К. Роулинг, авторката на серијалот „Хари Потер“.

Една од омилените писателки на денешницата, преку Твитер откри дека нејзин омилен лик од целиот серијал (ако се тргне настрана Хари Потер) е Дамблдор. Тоа покрена неколку интересни прашања, а меѓу нив беше прашањето за тоа што и кој ја инспирирал Роулинг да ги создаде култните ликови во Хари Потер.
Во еден од претходните постови, зборував за ликови кои се инспирирани од ликови кои навистина постоеле. Таму малку се начна и инспирацијата позади Северус Снејп, но овој пат целиот пост е посветен само на тоа кои се виновниците што настанале омилените ликови од „Хари Потер“.
Дамблдор
Омилениот лик на Роулинг (покрај Хари Потер) е моделиран врз основа на нејзиниот татко, со кого таа немала баш најблизок однос за време на нејзиното детство. Нејзиниот несовршен однос со нејзиниот татко и овозможил да сонува за поубави нешто и преку нејзиното пишување да го создаде најтатковската фигура во серијалот – Дамблдор.
Хари Потер
Момчето кое преживеа е донекаде слика на нејзиниот сопствен живот. Хари и Џ.К. Роулинг се родени на ист ден (31 јули) и има многу сличности помеѓу домот на Роулинг во којшто живеела како дете и оној на Дурслиеви. Но, тие исто така делат и подлабоки сличности, како што се траумите од детството. За Хари Потер тоа е убиството на родителите и останувањето сирак, за Роулинг е постојаното селење и мајката на која и била дијагностицирана мултипла склероза.
Како инспирација за создавање на ликот на Хари Потер послужил и нејзиниот сосед од детството, Ијан Потер, кој имал обичај да се шета низ локалните улици облечен во волшебничка наметк и постојано правел детски палавиштини.
Хермиона Гренџер
Обично писателите велат дека себеси се гледаат во секој лик по малку, а Хермиона не е исклучок од правилото. Роулинг тврди дека уште како малечка обожавала книги и била страствена исто како и Хермиона.

Рон Визли
Иако Роулинг се нема произнесено околу тоа дали некој од нејзиниот живот ја инспирирал при создавањето на најдобриот другар на Хари Потер, сепак речиси е сигурно дека „виновникот“ позади создавањето на Рон е Шон, другар на Роулинг од детството.
Хагрид
Исто како и кај Дамблдор, таткото на Роулинг бил нејзина голема инспирација за создавање на Хагрид, „џинот со меко срце“. Хагрид е секогаш татковски настроен кон Хари и дружината и повторно Роулинг развива татковска фигура која толку многу и недостасувала во детството. Роулинг во неколку свои интервјуа има кажано дека нејзиниот ладен однос со татко и, е највлијателната сила при нејзиното пишување.
Она што е исто така многу интересно е што надворешниот изглед на Хагрид е инспириран од некој моторџија кој бил многу висок и крупен. Роулинг го запознала овој човек уште пред да почне да ја пишува книгата.
Северус Снејп
За Северус Снејп веќе имам спомнато, но повторувањето е мајка на знаењето. 🙂 Човекот која ја инспирирал Роулинг да го создаде Снејп е професорот Џон Нетлхед, кој бил одговорен за одделот за наука.
Тетка Марџ
Тетка Марџ е се освен симпатичната стара женичка која ве штипе за образот и ви дава домашни колачи. Таква била и бабата на Роулинг. Слично како и тетка Марџ, таа повеќе ги сакала своите кучиња, отколку палавите внуци.
Дементорите
Мачителите на Хари Потер биле мачителите и на Роулинг и откако ќе ги тргнете метафорите и црните качулки, овие црни маки доаѓале во форма на депресија. Откако ја изгубила мајката и распаѓањето на бракот, Роулинг се борела со клиничка депресија. Ова било лична битка која ја инспирирала битката на Хари и Дементорите (и сите останати мрачни сили со кои Хари се бори во серијалот).
Се разбира, иако писателите/писателките секогаш имаат некоја основа за создавање на ликовите кои ја развиваат приказната, сепак тие имаат и сопствен глас и сопствена душа. Како што се задлабочува писателот/писателката во пишувањето, така и ликовите започнуваат да се развиваат и почнуваат да водат сопствен живот. На крајот од денот, тоа е една од причините поради која пишувањето и литературата се толку магични, зарем не?
