„Оркански височини“ на Емили Бронте со сигурност е една од најомилените книги на милион луѓе ширум светот. Книга која постојано ве тера да ја препрочитувате и книга која со сигурност не може да ве остави рамнодушни.
Како и сите останати класици и оваа книга има навистина многубројни екранизации, кои љубителите на оваа книга постојано ги гледаат и на кои им се радуваат. За нив доаѓа уште една добра вест, а тоа дека во подготовка е уште една екранизација на „Оркански височини“.

Продукциската куќа „Три Хеџхогс Филмс“ веќе започна со снимање на најновата екранизација на обожаваната приказна за дивата, страствена и ѓаволеста љубов помеѓу Кетрин и Хитклиф.
Филмот ќе се снима со буџет од 100.000 фунти и во него ќе глумат Шао’ри Морис (Кетрин) и Пол Ерик Атлас (Хитклиф).
Се очекува дека филмот ќе започне да се прикажува по филмските фестивали следната пролет, но пошироката публика ќе мора да биде трпелива и да почека до крајот на 2017 година или почетокот на 2018 година. Планот е филмот да биде пуштен во кината околку периодот на одбележување на 200 години од раѓањето на Емили Бронте.
Режисерката Елисавета Абрахол изјави: „Јас сум голем обожавател на Бронте и навистина посакував да режирам верзија на „Оркански височини“. Оваа книга ја сакам уште од дете. Иако повеќето претходни екранизации се одлични, ниту една од нив не се држи целосно до приказната на Емили и ниеден од нив не ја истражува подлабоката поента на книгата, а тоа е нешто коешто ние се надеваме дека ќе го направиме.“
Таа продолжува: „Прв пат ја прочитав „Оркански височини“ кога имав 6 години и оттогаш ја имам прочитано 20 или 30 пати. Но, уште кога бев многу мала, можев да почувствувам дека во книгата има драматичен подтекст, кој нема врска со приказната на Кети и Хитклиф. „Оркански височини“ оди во толку многу различни насоки и тоа никогаш не било истражено на филмското платно. Кога Емили ја напишала оваа општествено шокантна книга, таа навистина била загрижена дека ќе води до нејзино исклучување од општеството. Би сакала повторно да го воведам тој „шок фактор“ кој ние со нашите очи од 21 век го имаме изгубено.“
На крај, завршува: „Ние едноставно не сфаќаме колку е шокирачка помислата дека жена од прилично висока општествена класа може да се заљуби во некој кој не е од нејзината раса, ниту пак од нејзината општествена класа и да ги напушти сите норми за да биде со него, барем на душевно ниво. Јас сакам да ги истражам овие работи и да ја вратам општествената важност на книгата на филмското платно. Важност којашто никогаш не била истражена. Исто така сакам да се држам до тоа што Емили го имала замислено.“
