Македонска поезија: „Како здив“ од Игор Исаковски!

Како што веќе знаете, одвреме-навреме постирам прекрасна македонска поезија и поеми кои навистина го одземаат здивот, а се на македонски јазик. Една од нив е поемата „Како здив“ од Игор Исаковски, кој за жал прерано го напушти овој свет, а имаше уште толку во себе да даде.

„Како здив“ е една од најубавите поеми кои сум ги прочитала, на кој и да било јазик. Едноставно се работи за магија! Ви посакувам преубав ден!

Како здив – Игор Исаковски

кога се раѓаме, прво нѐ плескаат
по газот: за низ плачот да го грабнеме
првиот здив. И, често така понатаму
нешто нѐ плеска, изнудувајќи ги од нас
плачот и скриената издишка.

храбро се справуваме со сѐ
што ќе наиде: и погреби и свадби
на минати љубови. Храбри сме
сѐ додека издишките ни се скриени.
сѐ додека мислиме дека во себе сме безбедни.

драги мои, тукушто посакав да ви кажам:
безбедни сме само ако потполно слободни
се соочиме со светот. Онакви какви што сме,
кога навистина сме.

и, посакав да кажам: кога мојата љубов
ме праша како сум ја засакал, останав нем,
цела една минута или две и го кажав првото
што ми дојде: те засакав како здив, те засакав
како нешто без кое не се живее.
како неопходност од слобода.

a852a523-57ef-41d9-9dcd-52e5a836736e

Leave a comment