Што читаше Кафе и книги во мај?

Јуни доаѓа, а со него полека доаѓаат и најавите за летото. Како и изминатите месеци и овој пат давам краток опис на книгите коишто ги читав изминатиов месец. Се надевам дека препораките и описите ќе ви бидат од корист и ќе ве инспирираат да ја изберете следната книга којашто сакате да ја прочитате.

via-prettybooks-tumblr

Во продолжение прочитајте ја листата на книги кои ги прочитав во мај:

Никогаш не оставај ме“ – Казуо Ишигуро

953_46_11_15__28__10_2013ne20ostavaj20me20nikogas

Издавачки куќи: КОНГРЕСЕН СЕРВИСЕН ЦЕНТАР, МИКЕНА, МАКАВЕЈ
Оцена: 5/5
Осврт: Прекрасна книга! Ако сте меланхоличари по природа, топло ви ја препорачувам оваа книга! Мрачна, на моменти дистописка книга, приказна која може да ви предизвика морници, особено кога ќе откриете за што всушност се работи.

Книгата е раскажана од перспективата на Кети, која работи како негувателка и преку навраќање назад во минатото дознаваме за нејзината историја и за нејзиниот живот. Таа започнува да раскажува за нејзиното детство во интернатот „Хејлшам“ и нејзините згоди и незгоди со нејзините пријатели Рут и Томи. Таа потоа продолжува со сеќавање на нејзините младешки денови, сè додека не се врати повторно во сегашноста.

Книгата ќе направи да бидете постојано во исчекување и невозможно е да ве остави рамнодушни. Што и да кажам повеќе може само да ви го расипе искуството додека ја читате книгата, такашто ќе застанам тука. 🙂

Бриџит Џонс: На работ на разумот“ – Хелен Филдинг 

906_43_18_11__21__4_201658_37_13_15__12__4_2016screen20shot202016-04-0920at2013-26-47

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Бриџит се враќа назад! Овој пат таа има дечко, Марк изгледа како да е мажот од нејзините соништа. Но, работите не се такви какви што изгледаат.

За кратко време бајката почнува да се разнишува и Бриџит се наоѓа себеси заглавена во безизлезна ситуација. Се разбира, назад се враќаат и сите останати ликови, како и маките на Бриџит на нејзиното работно место.

Книгата е исклучително забавна, ќе ве насмее и ќе ја прочитате за многу кратко време. Одлична книга за да заборавите на напорното секојдневие и обврските кои ви се наталожиле

Појадок кај Тифани“ – Труман Капоти

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Се работи за кратко, но лесно четиво, кое е проткаено со длабочина и меланхолија. Сите љубители на филмот, кои сакаат да ја прочитаат оваа книга, треба да имаат предвид дека има работи кои се поприлично променети и кога ја читате книгата треба да се ослободите од сликата на романтичната љубов помеѓу главните ликови, иако знам дека можеби ќе ви биде тешко.

Сепак, навистина е убаво да се прочита оваа книга, Холи Голајтли е еден многу интересен лик за анализирање и има една мрачна, меланхолична страна која верувам дека ќе ви го привлече вниманието.

Приказната на робинката“ – Маргарет Атвуд

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 4/5
Осврт
: Се работи за навистина мрачна и тешка книга која ни зборува за едно тоталитарно општество, свет во кој владее христијанска теократија, чии лидери ја наметнале со тоа што направиле државен удар и ја преземале контролата над Америка и нејзините граѓани.

Приказната е раскажана од главниот лик во книгата. Таа е робинка во една куќа, но не онаква робинка каква што замислувате. Таа живеела сосема нормален живот додека не се случиле сите тие промени и никако не може да се помири дека изгубила сè и дека можеби никогаш нема да може да води нормален живот.

Во книгата често гледаме и навраќања на минатото, кои ни покажуваат каков живот водела и што се случило за да стигне дотука. Истовремено оваа книга отвора и многу важни општествени и политички прашања, но и прашања кои се однесуваат на жените и нивните права. Многу често ќе можете да ја најдете и на книжевни листи препорачани за феминистки. Во секој случај, ова е е книга која вреди да се прочита и која ќе ве натера да размислувате на различни теми. Мене особено ми се допадна крајот. Има нешто навистина моќно…

Франкенштајн“ – Мери Шели

Издавачка куќа: Изданието што го читав јас може да се најде во АКАДЕМСКА КНИГА и истото е на англиски јазик, а македонското издание е во издание на МАГОР.
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Ова е книга која навистина морате да ја прочитате. Кои се последиците од желбата да се биде Бог? Колку далеку може да нè однесе желбата и потрагата да бидеме запаметени во историјата?

Виктор Франкенштајн е млад, амбициозен студент кој ја обожава науката и сака да биде најдобриот можен научник. Сака да го постигне тоа што никој не го постигнал. Од куп месо и коски сака да склопи човек и потоа да го оживее. И успева во тоа. Само што тоа не е човек, туку е чудовиште.

Чудовиштето на Франкенштајн излегува од негова контрола и прави незамисливи штети и хорор. Во една прилика, Франкенштајн и чудовиштето имаат искрен разговор за тоа зошто тој се однесува така како што се однесува.

Многу ми се допадна како е прикажана трансформацијата на чудовиштето од мирно суштество до одмаздољубив ѕвер и пораката којашто стои позади тоа. На моменти книгата ми беше малку бавна, особено кога беа опишувани патувањата. Но, сепак ова е книга која дефинитивно треба да ја прочитате.

„Соба“ – Ема Данахју

982_16_35_10__20__6_20129100240

Издавачка куќа: ДЕТСКА РАДОСТ
Оцена: 3/5
Осврт: Интересно четиво. Оние кои не слушнале за книгата, насловот можеби ќе им биде познат поради истоимениот филм кој беше навистина голем хит, а и главната актерка Бри Ларсон освои Оскар за нејзината улога во филмот.

Книгата започнува кога малиот Џејк полни 5 години. Тој и неговата мајка живеат во една соба. Неговата мајка била киднапирана од еден човек кој со години да држи заробена во таа соба и постојано ја злоставува: и физички и психички. Во таа иста соба таа го раѓа Џејк и се грижи за него, додека постојано смислува начини како да избегаат, иако на Џејк не му е јасно зошто би сакале да си одат од Собата.

Планот им успева, но најтешкото допрва доаѓа: Прилагодувањето кон вистинскиот свет. Целата книга е раскажана од гледната точка на петгодишно дете и токму поради тоа оваа книга забележа толкав успех.

Во секој случај, се работи за интересна книга, особено ако барате нешто кое ќе ве отргне од секојдневните рутини.

Leave a comment