Зошто луѓето купуваат книги?

Зошто луѓето купуваат книги? Ова изгледа како многу едноставно прашање: Затоа што уживаат во нив! Пред некое време налетав на многу интересна статија во која Ејндру Ромберг прави една многу интересна анализа за тоа зошто луѓето купуваат книги.

Во продолжение прочитајте ја статијата на македонски јазик.

book-books-library-photo-favim-com-1748833

8 причини поради кои луѓето купуваат книги

Во изминатите неколку недели, зборував за податоците на Jellybooks за читателите на книги кои беа собрани преку добивање информации за тоа како, каде и кога читаат книги. Дали читателите зборуваат за книгите? Дали читаат брзо или бавно? Дали ги завршуваат книгите?

Еден од најинтересните феномени кои ги забележавме беше фактот дека книгите чија продажба оди добро, најчесто не се читаат до крај или барем мнозинството луѓе не ги чита до крај.

Нашата прва реакција беше: Дали можеме да им веруваме на информациите? Потоа дојдовме до заклучокот дека можеме. Откако се убедивме дека податоците се вистински и точни, почнавме да се прашуваме за причините и започнавме подлабоко да размислуваме за мотивацијата на читателите при купување на одредени книги.

Во продолжение изнесуваме дел од нашите размислувања на оваа тема, што е солидна основа за понатамошни истражувања. Причините поради кои луѓето купуваат книги се:

1. Забавувај ме сега
2. Забавувај ме во иднина
3. Информирај ме
4. Обврска да се прочита
5. Општествен притисок да се прочите
6. Прави да изгледам паметно
7. За подарок
8. Импулс

Прва причина – Забавувај ме сега

Ова е многу очигледна причина. Купуваме книги, особено фикција, па и одредени книги кои не се фикција, со цел да се забавуваме. Ова значи дека посветуваме неколку часови на лесно или длабоко забавување.

Бегаме во измислениот свет на нашите умови. Ова се книгите кои ги купуваме и кои започнуваме да ги читаме по неколку денови или часови откако ќе ги купиме. Ако ни се допаднат ги читаме до крај, ако многу ни се допаднат ги препорачуваме на пријатели и познаници. Според статистиките, книгите во оваа категорија имаат висок процент на прочитаност, висок фактор на препорачување и се читаат со голема брзина.

Некои од книгите во оваа категорија се книги кои се нарекуваат „скриени задоволства“, книги кои не сакаме да признаеме дека ги читаме и како резултат на тоа, тоа се книги кои најверојатно нема да ги препорачаме на непознати луѓе или познаници со кои не сме толку блиски. Овие книги се  книги со голем процент на прочитаност, но со мал фактор на препорачување.

Некои жанрови (но не сите) припаѓаат во оваа категорија. На пример, книгата „Марсовецот“ од Енди Вир сигурно не страдаше од недостаток на препорачувања. Таа не беше „скриено задоволство“, туку „навистина мораш да ја прочиташ оваа книга, мене ме маѓепса“ тип на книга.

books-bookstore-hipster-indie-favim-com-2107428

Втора причина – Забавувај ме во иднина

Постои изненадувачки голем број книги кои не се купени за моментално задоволство, туку се купени како алтернативи за идно забавување. Ова е  категорија во којашто имате поголем избор. Нашите инстинкти доаѓаат до израз, посебно кога ќе начекаме промоции или попусти.

Најмногу се купуваат книги од оваа категорија, но и ова се книги кои најчесто остануваат непрочитани. Ова најчесто се забележува кај е-книгите кои лесно можат да станат „невидливи“ во длабочините на нашите дигитални библиотеки (далеку од очи, далеку од ум), собирајќи „електронска прашина“ и можеби никогаш нема да бидат прочитани.

Овој тип на книги собираат приходи за писателите и издавачите, но најчесто остануваат непрочитани, многу бавно се читаат и тоа е причината поради којашто нивниот фактор на препорачливост најчесто е негативен, затоа што книги кои не се прочитани, не можат да бидат препорачани.

Трета причина – Информирај ме

Често купуваме книги за да не информираат или за да не научат нешто. Ова најчесто се книги од типот на мемоари, стручна литература и слично. Во зависност од нивниот квалитет и дали се во согласност со нашите потреби, тие можат да имаат и високо ниво на прочитаност, но и доста ниско. Покрај тоа, можно е да не се читаат директно од почеток до крај, туку да се прескокнуваат делови или да се чита произволно и тие најверојатно најбавно се читаат и факторот на препорачливост може да биде или екстремно висок или екстремно низок. Се чини дека нема средина.

Неможноста да се прочитаат овие книги најчсто е резултат на нивниот квалитет. Сепак, постојат посебни случаеви, како што се на пример, книгите за бизнис. Многу од нив остануваат непрочитани, за разлика од високиот процент на продадени книги, затоа што повеќето луѓе кои ги купуваат овие книги, обично ги читаат само првите неколку поглавја. Читателите само протрчуваат и гледаат што е главната поента на книгата, а потоа продолжуваат на некоја друга книга, оставајќи ги овие книги непрочитани.

Четврта причина – Обврска да се прочита

Ова се книги кои не ги читаме сосема по наша волја, а ни се зададени за читање. Овие може да бидат книги од вашиот локален книжевен клуб, но најчесто се книги кои ни се задолжителни во училиште или факултет и се сметаат за легендарни книги во литературата.

Тука припаѓаат и учебниците, книгите кои мора да ги прочитаме од професионални причини и книги кои ги читаме за подобрување на вештини.

Овие книги не ги следат вообичаените шаблони на читање кај читателите и за нив е посебна посебна анализа во однос на читањето.

Петта причина – Општествен притисок да се прочита

Понекогаш чувствуваме општествен притисок за да прочитаме некоја книга, ако ништо друго заради фактот дека сите околу вас зборуваат за неа. Без разлика на тоа за која книга се работи, се чувствуваме обврзани да ги купиме овие книги, затоа што ни се чини дека сите луѓе на планетава ги читаат. Понекогаш ги читаме до крај, но понекогаш навистина не ни се допаѓаат.

Ова најчесто се книги кои се најпрескокнувани. Тие што ги читаат овие книги најчесто прескокнуваат страни, па и поглавја, но не ги оставаат, ниту се откажуваат од книгата, затоа што чувствуваат притисок да ја завршат книгата и да знаат за што се работи. Овие книги се златен рудник за писателите и издавачите, но не припаѓаат во категоријата на најзавршени книги.

Книгата којашто е купена заради општествен притисок не е книга која луѓето би ја препорачале со драго срце или книга во која навистина би уживале. Овие последниве се книги кои имаат високо ниво на прочитаност и висок фактор на препорачливост, кои ги нема кај книгите кои се читаат заради општествен притисок.  На пример, „50 нијанси на сиво“ не е истиот тип на книга како „Проектот Роузи“ која е бестселер, но е омилена книга помеѓу луѓето.

books-girl-reading-favim-com-162262

Шеста причина – Прави да изгледам паметно

Книгите на одреден начин се и симболи за статусот на човекот, како што еднаш ми посочија Бен Еванс и Андерсен Хоровиц. Книгите во оваа категорија се книги кои луѓето ги ставаат на видно место на полиците во својата дневна соба, за да кажат нешто за нив. Ова се книги, кои луѓето не ги прочитале, но сакаат светот да мисли дека ги прочитале.

Сега доаѓаме до сржта на претходниот разговор, а тоа е дека некои книги се купуваат во големи количини, но не се прочитани.

Овие книги се како литературни трофеи, книги кои добиле награди од типот Мен Букер, Пулицер или книги од автори кои добиле Нобелова награда. Книги кои општеството ги смета за изворедни и се специјално обележани. Во одредени случаеви, овој тип на книги се поклопува со оној тип на книги кои се читаат заради општествен притисок.

Предвидувањето кои книги ќе го добијат овој специјален статус е многу тешко и анализите не можат да ни кажат ништо во однос на оваа тема. Но, едно е сигурно: има книги кои се купуваат како статусен симбол, не толку за да се покаже богатство и луксуз, туку како фалење со својот образовен и општествен статус.

Обично ова се печатени книги, особено со тврд повез. Ова не може да бидат е-книги, бидејќи, освен ако не одите на секој посебно да му покажувате, никој не може да види што имате на вашите електронски читачи.

Анализата покажала дека овој тип на книги најчесто се недовршени, но затоа пак имаат висок фактор на препорачување (помеѓу тие кои навистина ги прочитале), додека пак, се читаат прилично бавно. На просечниот читател кој навистина ги чита овие книги, му се потребни неколку недели или неколку викенди за да ги прочита. Ова се книги кои не претставуваат лесна забава, туку повеќе се како само-наметната обврска да се прочитаат.

Седма причина – За подарок

Многу луѓе отсекогаш ги сметале книгите за совршен подарок, а Божиќ и останатите празници се совршен повод за подарок, односно за подарување книги.

Но, не секоја книга е добар подарок. Печатените книги се многу, многу подобри подароци од е-книгите, но насловите исто така се избираат во зависност од претпоставката дали истите ќе им се допаднат на тие што ќе ги читаат, во зависност од тоа дали мислиме дека тој што ќе ја добие книгата треба да ја прочита и секако, што кажува изборот на книгата за нас. Со други зборови, постои многу силна општествена и статусна компонента во подарувањето книги и  не секоја книга е добар подарок.

Ова е поле кое се уште активно го истражуваме. Дали може да се откријат главните фактори кои прават една книга да е подобар подарок од друга книга? На крајот на краиштата, подарувањето книги е огромен двигател на профит во издаваштвото.

Осма причина – Импулс

Уште во втората причина споменав како купуваме книги кои се на големи попусти, но понекогаш, причината што ќе ја купиме книгата не е заради идно задоволство, туку заради стравот да не пропуштиме некоја можност. Денешниот попуст можеби нема да постои утре, а ниските цени дополнително не мотивираат импулсивно да купуваме книги.

Уште една форма на импулсивно купување на книги се случува кога купуваме книги со одредена причина, како на пример, книги за кога патуваме или слични настани. Одредени поттикнувања од околината може да направат да се заинтересираме за некој писател, тема или кога сме во одредена умствена состојба, импулсивно купуваме одредена книга.

Тоа беа моите осум причини поради кои луѓето купуваат книги и зошто понекогаш не ги читаме книгите кои ги купуваме. Исто така треба да нагласам дека голем дел од причините се поклопуваат за некои луѓе и не се исклучуваат една со друга.

***

Целосната и оригиналната анализа може да ја прочитате тука.

Leave a comment