Продолжува контроверзијата околу „Мојата борба“ на Адолф Хитлер!

Озогласената автобиографија на Адолф Хитлер, насловена како „Мојата борба“, во која тој ги изнесува неговите екстремни политички ставови и радикалните планови за Германија, од оваа година повторно ќе биде издадена во Германија.

Повторното печатење на оваа книга беше забрането низ цела Германија во период од 70 години, но авторските права за оваа книга истекоа на 31 декември 2015 година. Ова го отвори патот за печатење и издавање на „Мојата борба“ во малку поинаков формат. Според „Њујорк Тајмс“, цел тим од академици и историчари ја подготвувале оваа верзија, која всушност ќе биде разобличување на идеологијата на Хитлер, односно ќе содржи коментари и анализи на сè она што е напишано во неа.

Оваа верзија на книгата, која има 2000 страници, е повторно испечатена од Институтот за современа историја од Минхен и има за цел да ги открие сите „лаги, полувистини и злобни тиради“ на Хитлер и неговата Нацистичка партија. Од Институтот велат дека поентата на нивното издание е да се даде придонес кон политичкото, историското и општественото образование и „детално да се деконструира пропагандата на Хитлер на начин кој ќе остави печат и со тоа да се поткопа симболичката моќ на книгата која се уште е ефективна“.

Додека Институтот за современа историја работел на „борбата против идеолошко-пропагандна и комерцијална злоупотреба“ на „Мојата борба“, повторното печатење на оваа книга е сè уште екстремно контроверзна тема во Германија.

kampf2_small
(Новата и надополнета верзија на „Мојата борба“)

Владата во Баварија му дозволи на Институтот за современа историја да го испечати дополнетото, академско издание на „Мојата борба“, но тие имаат проблем со издавањето на оригиналната верзија на книгата која не содржи никакви надополнувања, а чиј издавач е „Дер Шелм“, десничарска издавачка куќа со седиште во Лајпциг.

Тие не нудат ниту забелешки, ниту пак објаснување за идеологијата на Хитлер, туку едноставно ја издаваат и продаваат книгата во нејзината оригинална форма, а тоа ги поттикна германските обвинители да се прашуваат и да испитуваат дали оваа форма на повторно издавање го крши германскиот закон против ширење на нацистичка пропаганда. „Дер Шелм“ воедно им се обраќа на читателите со зборовите: „Имајте храброст да донесувате сопствени заклучоци и судови.“

Кристофер Росенбух, портпаролот на обвинителството во Бамберг, каде една книжарница е под истрага заради продавање на оваа верзија на книгата, вели дека „промовирањето на изданието без забелешки се смета за кривично дело“. Весникот „Њујорк Тајмс“ посочува дека Алтернатива за Германија, политичка партија во Германија која припаѓа на екстремната десница и која е цврста во своите ставови против мигрантите и Муслиманите, добива сè поголема популарност.

Ако се прикаже „Мојата борба“ во погрешното светло, тоа може да претставува огромна опасност за враќање на вредностите против кои Германија ужасно се бори уште од крајот на Втората светска војна. За издавачите, многу е тенка линијата помеѓу историско-политичкото образување и кршење на законот.

Leave a comment