Живееме во време кога модерната технологија од ден на ден се развива сè повеќе и повеќе. Покрај сите социјални мрежи, постојат и милион други апликации кои имаат за цел да ни го олеснат животот. Се разбира, дебатата околу тоа дали социјалните мрежи и апликациите ни помагаат или одмагаат нема никогаш да изумре, но овој текст се фокусира на една апликација која верувам дека ако ништо друго ќе им биде забавна на љубителите на книги.

Се работи за апликацијата Литси (Litsy), која многумина ја опишуваат како комбинација од Гудридс и Инстаграм. За жал, апликацијата моментално е достапна само за уредите кои поддржуваат iOS, но луѓето кои ја создадоа апликацијата потврдија дека забрзано се работи на тоа да се направи достапна и за уредите кои имаат Андроид. Имено, ако не можете да ја симнете на вашиот телефон, можете да ја погледнете веб-страната и да видите за што се работи.
Како функционира апликацијата?
Апликацијата има строги правила. Можете да правите само три работи. Да споделите цитат од книгата којашто ја читате, да зборувате за книгата којашто ја читате и да дадете оцена за книгата којашто ја читате.
Задолжително е во секоjа објава која ја објавувате да вметнете наслов на книгата која моментално ја читате. Објавата може да биде слика, текст или пак комбинација од двете.

Кога ја отворате главната страна каде што другите објавуваат, имате три избори: да додадете книга во некоја од вашите папки (прочитана, сакам да ја прочитам, во моментов ја читам), да искоментирате или да стиснете „лајк“ на цитатот/коментарот/оцената од читател кој го следите. Како што додавате содржини и комуницирате со другите читатели, така добивате и повеќе поени.
Оцените од оние коишто веќе почнале да ја користат апликација се навистина позитивни и со нетрпение чекам да излезе верзијата за Андроид за да ја инсталирам и на мојот телефон! Доколку имате уред на iOS, пробајте ја оваа апликација, верувам дека ќе ви биде и забавна, но и корисна! Ние останатите, ќе почекаме уште малку…
