Еден од најубавите настани за Скопје, настан кој барем мене секогаш ми бил меѓу омилените, е мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Годинава ќе се одржи деветтото издание кое ќе биде посветено на Дејвид Боуви, еден од најголемите музичари и уметници во нашата историја, човек кој беше вистински камелеон во светот на музиката.
За жал, тој прерано го напушти овој свет. Иако водеше жестока битка со подмолната болест, сепак на крајот не можеше да го победи ракот и почина во јануари, на 69-годишна возраст, само неколку дена по неговиот роденден и објавувањето на новиот албум. Тој беше вистински уметник, кој ја обожаваше музиката, уметноста, животот, но и книгите.
Затоа е сосема соодветно и прекрасно тоа што Скопје преку „Види музика, слушни слика, добиј книга“ ќе го слави ликот и делото на Боуви. Официјалниот слоган на настанот е „Скопје за Боуви“.
Настанот ќе се одржи на 23 јуни 2016 година, со почеток во 21:00 часот, во Градскиот парк.

(Извор: Официјалниот ФБ настан)
За музичкиот дел ќе биде задолжен оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на Емин Џијан, придружен од Женскиот хор при МКЦ. Публиката ќе има можност да ги слушне најголемите хитови на Боуви и да се забавува на неговите незаборавни песни.
Своите сликарски вештини на платно ќе ги претстават уметниците Агрон Абдули и Ивана Младеновска, чии дела ќе бидат исто така во насока на чествување на делото на Боуви.
Љубителите на книги, кои воедно се и љубители на музичката легенда, ќе имаат можност да ја добијат книгата „Психоделија во предградието“, автобиографска книга на неговата некогашна љубовница Мери Финиган, книга која беше објавена на почетокот на 2016 година. Испечатени се 20.000 примероци кои бесплатно ќе им бидат поделени на сите посетители на настанот.
Оваа книга дава интересен и поинаков поглед на почетоците на кариерата на Боуви, но и за него како личност, па дури и ако не сте преголем љубител на неговата музика, сигурно ќе ви биде интересна, а можеби и ќе ве поттикне повеќе да го истражувате неговото лик и дел.
Организатори на овој настан се Македонска филхармонија и Младински културен центар.
