Иран: Наместо затворска казна,читање книги!

Во септември 2015 година, Би-Би-Си објави дека иранскиот судија Казим Накизадех од северно-источниот град Гонбади Кавус почнал да спроведува нова форма на казнување на осудените криминалци. Неговата казна ги приморува криминалците да купат и да прочитаат пет книги, вклучувајќи и извадоци од хадисите (записи за животот, размислувањата и изреките, односно кажувањата на пророкот Мухамед), да напишат осврт и потоа да му ја дадат книгата на судијата, кој потоа ги донира книгите на локалниот затвор. Ова поинакво казнување станало можно откако се донел нов закон во државата, кој им овозможува на судиите во одредени случаеви да дадат поинаква казна која ќе ја замени затворската казна.

judge-gavel-1-100410855-primary-idge

Според иранската новинска агенција ИРНА, државата се обидува да ја намали бројката на затвореници и повеќето од овие „алтернативни казни“ се користат за тинејџери кои направиле некој прекршок, за оние кои немаат претходно криминално досие и за оние кои се осудени за полесни прекршоци.

Судијата Казим Накизадех ја давал оваа „неотповиклива казна“ на криминалците, но и на нивните семејства. Судијата и неговите поддржувачи веруваат дека ваквото казнување со читање ќе донесе позитивни промени. Тоа има за цел да ги спречи криминалците од понатамошни криминални дејствија, да ја намали бројката на затвореници со тоа што ќе обезбеди образование и подигање на свеста и генерално да има позитивно влијание на животите на криминалците. Во продолжение, од новинската агенција велат дека читањето во затвор го намалува и ублажува степенот на насилство помеѓу затворениците.

Оваа форма на казнување сè уште постои и се чини како многу ефективна и барем засега носи резултати. Што мислите за оваа идеја?

Leave a comment