Лав Толстој без сомнение е еден од најдобрите писатели на сите времиња. Но, освен тоа што ја напишал „Војна и мир“, тој знаел по нешто за војната и мирот, особено кога станувало збор за приватниот живот. Тој можеби бил одличен писател, но не му одело баш најдобро во брачните води.
Тој самиот бил аристократ и ја сретнал својата идна жена Софија Андреевна Бернс (нагалено Соња), поради тоа што бил пријател од детството на нејзината мајка. Во својата автобиографија, Софија раскажала дека откако поминал прилично многу време со нејзиното семејство, на крајот тој ѝ подал парче хартија во кое ѝ понудил брак, иако бил речиси 20 години постар од неа.
Таа прифатила и тие се венчале во 1862 година, само една недела откако ја побарал. Целата свадба била организирана толку бргу, што многумина не можат да оддолеат на тоа да направат паралела со „Ана Каренина“ во која Левин исто толку бргу ја организира свадбата со Кити (а многумина и сметаат дека Лав го создал ликот на Левин според себе).
Во првите години од бракот, тие живееле повлечен живот во Русија, додека Толстој ги пишувал своите приказни. Софија навистина ги сакала делата на својот сопруг и има кажано: „Не посакував ништо друго освен да живеам со ликовите во „Војна и мир““. Таа му помагала на својот сопруг и била толку многу посветена што со задоволство препишувала делови од таа книга.

Но, убавите денови набргу си заминале. Набргу по нивната веридба, Софија ги прочитала дневниците на Лав од неговите тинејџерски години и тоа на негово инсистирање. Тој сакал таа да ги прочита дневниците од неговите ергенски денови, затоа што не сакал да има тајни меѓу нив. Таа била шокирана и запрепастена од тоа што го прочитала. Тој во нив го опишува прилично слободниот сексуален живот кој го водел, кој меѓудругото вклучувал и редовно одење кај проститутки.
Во својот дневник таа напишала: „Мислам дека никогаш не заздравев од шокот откако ги прочитав неговите дневници. Сè уште ги паметам ужасните болки предизвикани од љубомората и ужасот од првото одвратно искуство со машката изопаченост…“
Развратните приказни на Толстој ја разгореле нејзината љубомора и двајцата имале многу неуспешна комуникација: почнале да си ги читаат дневниците и преку тоа едниот ги откривал најдлабоките мисли и огорченост на другиот и обратно.
Во текот на петнаесет години, таа му родила тринаесет деца, од кои осум го доживеале полнолетството. Иако ги сакала своите деца, сепак била истоштена од тоа што постојано била трудна. Кога го носела своето дванаесетто дете, таа размислувала за абортус, а кога бабицата не сакала да ѝ помогне, таа се обидела самата да ја прекине бременоста со тоа што скокнала од неколку фиоки наредени едни врз други. Ништо од ова не помогнало и таа во одреден период се борела со тешка депресија и за тоа има пишувано во своите дневници.

Со текот на времето, Толстој западнал во средновечна духовна криза, решил да биде во целибат и да живее дисциплиниран живот и се откажал од материјалните работи. Со текот на времето почнал самиот да си ги изработува чевлите, ја донирал сета негова облека на селаните.
Ги отфрлил делата кои го направиле богат и славен и сакал целосно да се откаже од целиот свој имот, како и авторските права на неговите дела за да живее што е можно помирен и поповлечен живот. Но, Софија била решена да го заштити наследството на нејзините деца и како што велела таа, да им даде да јадат „бел леб“. Како што минувало времето, така станувало сè појасно дека тие двајца нема да најдат заеднички јазик.
Бракот станувал сè понестабилен, заедно со здравјето на Лав Толстој. Една студена зимска вечер, мистериозно и без најава си заминал од дома. Тој се качил во воз и по десетдневно патување, починал од пневмонија на железничката станица „Астапово“ во 1910 година.
И покрај тоа што сосема биле далечни во последните години од нивниот брак, Софија сепак останала посветена на својот сопруг и го негувала споменот за него. Починала во 1919 година. Остатокот од семејството ја напуштило Русија по Октомвриската револуција и воспоставувањето на комунистичкиот режим. Повеќето негови потомци живеат во Шведска, Франција и Велика Британија.
Сепак не било лесно да се биде животен сопатник на еден книжевен генијалец. Во еден од своите записи во својот дневник, таа напишала: „Да му се служи на еден гениј е навистина голема несреќа.“
