Отворено писмо до луѓето кои ги оштетуваат книгите кои ги зајмуваат од другите…

Како човек кој освен тоа што сака да чита, ужива и во собирањето книги и создавањето на домашна библиотека на која секогаш сака да ѝ се навраќа, една од најслабите точки ми се позајмените книги (кои сум ги препорачала и позајмила со драго срце) кои никогаш не ми биле вратени. А во случај да бидат вратени, често се уништени од една или друга причина.

Од моите разговори со луѓе кои исто така сакаат да читаат и собираат книги, мислам дека можам да заклучам дека ова е една од работите кои навистина најмногу ги иритираат љубителите на книги.

Пред некој ден налетав на една многу интересна статија која е во форма на отворено писмо до сите луѓе кои ги оштетуваат книгите кои ги земале од друг. Навистина ми се допадна статијата, па решив да ја споделам со вас, а и верувам дека повеќето од вас ќе се согласат со секој збор! Иако ова писмо е насочено кон конкретна личност, сепак можеме да го прогласиме и за општ проглас, бидејќи секој од нас ќе се препознае во него и сака да го каже на „оштетувачите на книги“.

Books-Feature

Во продолжение прочитајте го искреното и духовито писмо на македонски јазик:

Драга личност на која ѝ позајмив книга,

Ти го пишувам ова писмо за да ти дадам до знаење колку сум длабоко разочарана во тебе. Пред три месеци, ти ми пријде, веројатно затоа што знаеш колку многу сакам книги, за да ме прашаш за таа книгата која оваа година ќе биде екранизирана.

Јас апсолутно ја обожавам таа книга и навистина бев пресреќна што и ти изразуваш интерес за неа, па затоа ти дозволив да го земеш мојот примерок, под услов бргу да ми ја вратиш, се разбира во истата состојба во која ти ја дадов. Види, јас не обожавам многу да се разделувам од моите книги, дури и кога не ги читам во моментот – те молам не ме осудувај – но, ти си ми пријателка, па затоа ти верував и ти ја позајмив.

И каков прекрасен начин да ја изгубиш мојата доверба. Прво, три месеци не е „бргу“. Секако дека разбирам дека си зафатена личност и дека имаш вистински одговорности на кои треба да се посветиш и секако ги приоретизираш пред читањето книги, за разлика од други луѓе кои ги знам (како на пример: јас). Затоа, те разбирам. Можам да ти простам што не ми ја врати книгата во разумен временски период. Тоа е во ред, не е голема работа. АМА…

Постои еден непишан, но свет, договор помеѓу оној којшто дава нешто на заем и оној кој зајмува. Оној којшто зема нешто на заем, никогаш, ама баш никогаш не смее да го оштети предметот кој е земен на заем. Нема ништо пострашно од тоа да се прекрши овој пакт.

Како и да е, мојата поента е следнава: Ако ти дозволам да земеш нешто мое, очекувам тој предмет, без разлика дали е книга или не, да ми биде вратен во рацете во истата состојба во која сум го дала тој предмет.

Па така, ако сум ти дала неизвиткана, неискината книга, на која немало дамки, не треба да те изненадува фактот дека би сакала да ми ја вратиш книгата во истата состојба, а не во таа ужасна состојба во која ми беше дадена ова утро.

Она што сега го држам во моите раце е само сенка од прекрасното издание кое го поседував. Што ли се случило, побогу? Целиот „’рбет“ на книгата е скршен, повеќето од страниците се свиткани, има дамки од кафе на корицата и имаше трошки внатре во книгата (Дали навистина ја читаше или само јадеше врз неа?).

Види, повеќе не сум ни лута. Всушност, сѐ уште сум, малкуцка. Затоа, во име на нашето пријателство и твојот статус на прилично пристојно човечко суштество, те молам, немој повеќе да си го направила ова. Научи да ја почитуваш туѓата сопственост, особено ако тоа е нешто што е многу вредно за таа личност. И можеби, само можеби, некогаш ќе заборавам на овој несреќен инцидент и некогаш повторно ќе ти позајмам книга. Ако го направам тоа, се надевам дека ќе си ја имаш научено лекцијата и дека никогаш повторно нема да ја направиш оваа одвратна работа на мене, или на кој било друг. Ако не, ќе ти ја земам книгата од твоите деструктивни раце и ќе те удрам со неа.

Искрено,

Личноста која  навистина сака книги

****

Оригиналниот текст можете да го прочитате тука.

Leave a comment