Пред одреден период, пишував за писателите кои не можеле да ги поднесат делата на своите колеги. Писателите навистина знаат да бидат суетни, а понекогаш едноставно и тие се само читатели, па формираат сопствени мислења за делата на другите писатели.
Вилијам Шекспир се смета за „најголемиот помеѓу најголемите“. За него не се потребни ниту најави, ниту претставување. Неговите драми и ден денес се најизведувани низ театрите ширум светот, а и неговите дела се инспирација за други драми, за филмски екранизации, итн.
Денес се фокусираме на писателите кои не го сакале Шекспир и неговите дела и тоа го искажувале прилично гласно.

На 29 септември 1662 година, англискиот записничар Семјуел Пепис присуствувал на изведбата на Шекспировата „Сон на летната ноќ“ во Лондон и си дошол дома разочаран. Тој напишал:
„…ја гледавме „Сон на летната ноќ“, којашто ја немав гледано претходно и со сигурност ќе кажам дека нема пак да ја гледам, затоа што е најбезвкусната будалеста претстава која ја имам гледано во животот. Иако, морам да признаам, видов добро танцување и згодни жени и тоа беше единственото мое задоволство.“
Пепис не бил сам во своите критики и негодувања за делата на Шекспир. Иако Шекспир се смета за доајенот на драматургијата и најголемиот генијалец во книжевноста, сепак има голем број литературни легенди кои навистина не можеле да го поднесат.
Еве кои писатели биле најгласни во своите негодувања за Шекспир:
1. Лав Толстој

Еден од најголемите критичари на Шекспир бил легендарниот Лав Толстој. Меѓу неговите легендарни дела како „Војна и мир“ и „Ана Каренина“, тој бил познат и по неговата опсежна критика на претставите и репутацијата на Шекспир, која имала 100 страни.
Во овој есеј, објавен во 1906 година, кој бил насловен како „За Шекспир и драмата“, Толстој ги нарекол делата на Шекспир „тривијални и лоши“, а неговата репутација ја именувал како „погубна“. За Шекспир како човек рекол дека бил „незначаен, неталентиран писател“ кој „не само што не бил морален, туку бил неморален.“
Тој исто така спомнал дека прв пат ги прочитал „Кралот Лир“, „Ромео и Јулија“, „Хамлет“ и „Магбет“ кога бил млад, но дека се сеќава дека не чувствувал ништо повеќе од „неодолива одбојност и досада“.
Во воведот на „За Шекспир и драмата“, 75-годишниот Толстој рекол дека тој повторно ги препрочитал сите дела на Шекспир, за да види дали оттогаш се промениле неговите мислења и вкусови.
Тој потоа напишал: „Ги почувствував, со уште поголема сила, истите чувства – овој пат не беше чувство на збунетост, туку чувство на силно, непроменливо убедување дека неспорната слава на голем генијалец, која ја ужива Шекспир, и која ги тера писателите на нашето време да го имитираат и читателите и гледачите во него да откриваат непостоечки заслуги (и на тој начин искривувајќи ги своите естетски и етички уверувања) е огромно зло, како што е и секоја невистина.“
~ Репликата на Џорџ Орвел на критиката на Лав Толстој
Она што е многу интересно e што Џорџ Орвел, откако ја прочитал критиката на Толстој, седнал и напишал есеј „Лир, Толстој и будалата“, во кој го анализира критичкиот осврт на Толстој и се труди да ја побие неговата критика. Тој дава детална анализа за да покаже дека поголемиот дел од аргументите на Толстој се лажни, нечесни и злонамерни. Орвел смета дека главнот проблем на Толстој со Шекспир е „кавгата помеѓу религиозниот и хуманстичкиот став кон животот.“
Изобилството со живот кој е карактеристичен за Шекспир, неговиот интерес за сè, неговата поетска брилијантност – се квалитетите поради кои луѓето имаат склоност да му се восхитуваат на Шекспир, а истовремено тоа се истите квалитети кои го прават неподнослив за Толстој, кој проповедал штедење и чија „главна цел, во неговите подоцнежни години, беше да се намали опсегот на човековата свест. Според Толстој, интересите на поединецот, работите за кои се приврзува тука на физичкиот свет и дневните борби, треба да бидат што е помали во опсег.“
Бидејќи ставот на Шекспир кон животот директно му се заканувал на оној на Толстој, Толстој е неспособен да ужива во Шекспир и планира напад врз него, со цел да се обиде да се осигура дека и другите нема да можат да уживаат во него.
Орвел продолжува да го истражува Толстој и забележува дека специјалната омраза која Толстој ја резервирал за „Кралот Лир“ можно е да постои затоа што има чудна сличност помеѓу животот на Толстој и приказната на Лир и фактот дека и тој претрпел слични страдања откако се откажал од својот имот, аристократската титула и неговите авторски права.
2. Џорџ Бернард Шо

Некаде при крајот на 90-тите години на 19 век, Џорџ Бернард Шо работел како театарски критичар за лондонскиот весник „Сатрдеј ривју“. За време на неговиот професионален ангажман, тој оценил 19 дела на Шекспир и на многу јасен и гласен начин ги изразил своите мислења: „Со исклучок на Хомер, не постои еминентен писател (дури ни сер Валтер Скот), кој го презирам како што го презирам Шекспир, особено кога ќе го споредам мојот и неговиот ум.“
Иако понекогаш во своите осврти ги фалел игрите со зборови и лингвистичката креативност на Шекспир, Шо ги нарекол „Ноќ спроти Водици“ и „Многу врева за ништо“ дела напишани само за да и се додвори на публиката и дела кои се напишани само за пари. За „Отело“ рекол дека е мелодраматична и рекол дека повеќе му се допаѓа операта на Верди, „Фалстаф“ од „Веселите жени од Виндзор“, претстава која послужила како инспирација за операта.
Иако мислењето за Шекспир сепак му омекнало со текот на времето, особено кога неговата репутација како драматург почнала да расте, сепак никогаш не успеал да изгради почит кон Шекспир. Подоцнежните изданија на есејот на Толстој за кој пишував погоре, дури содржеле и писмо напишано од Шо, кое било наменето за издавачите, во коешто напишал:
„Навистина многу се борев за да им ги отворам очите на Англичаните за празнината на Шекспировата филозофија, за неговата површност и неговиот половен морал, неговата слабост и неповрзаност како мислител, за неговиот снобизам, неговите вулгарни предрасуди, неговото незнаење, неговите дисквалификации од најразличен вид за философската возвишеност која му е припишана.
3. Волтер

Писмото на Шо продолжува со тоа што го споменува и францускиот писател и философ Волтер, чии критики за Шекспир имаат уште поголема тежина, „затоа што Волтер најпрво екстравагантно му се восхитувал на Шекспир и потоа како стареел така станувал се поогорчен и настроен против Шекспир и се помалку сакал да му даде уметнички заслуги како покритие за философските недостатоци.“
Вистина е дека додека бил во прогонство во Велика Британија во 20-тите години на 18 век, Волтер негувал искрен интерес и почитување за Шекспир (кој тогаш се уште бил релативно непознат во останатиот дел на Европа) и кога се вратил во Франција во 1728 година, тој сакал да го имитира и повтори неговиот стил и делови од драмите. Тој дури превел и адаптирал голем број дела на Шекспир за француската театарска сцена, како што се „Смртта на Цезар“ (1731 година, базирана на „Јулиј Цезар“), „Заир“ (1733 година, базирана на „Отело“) и „Семирамис“ (1748 година, базирана на „Хамлет“).
Мислењето на Волтер за Шекспир се влошувало правопропорционално со зголемувањето на популарноста на Шекспир во останатиот дел на Европа и одеднаш Шекспир бил воспеван повеќе од модерните француски писатели. Во едно писмо до неговиот пријател, адвокатот Бернард Жосеф Саурин, во 1765 година, тој напишал: „Тој беше дивјак… со малку фантазија. Тој има напишано многу среќни реплики, но неговите дела можат да бидат добри само во Лондон и Канада. Лош показател за вкусот на една нација е кога тоа што го сака добива пофалби само по дома.“
И како што минувало времето, неговото мислење станувало се полошо:
„Франција нема доволно навреди, хартија и осуди за таков никаквец. Крвта во вените ми врие додека ти зборувам за него… И најлошата работа е што… јас бев тој кој прв зборуваше за овој Шекспир во Франција. Јас бев првиот кој им покажа на Французите неколку бисери кои ги најдов во ова огромно буниште.“
4. Џ.Р.Р Толкин

Според биографот на Толкин, Хамфри Карпентер, уште додека бил член на дебатниот клуб во неговото училиште на самиот почеток на 20 век, Толкин одржал долг говор во кој „истурил ненадеен наплив на неквалификувани навреди кон Шекспир, кон неговото валкано родно место, неговата бедна околина и неговиот гаден карактер.“
Денес поделени се мислењата околу тоа дали Толкин останал на истите мислења и кога бил возрасен, но неговите писма нудат неколку докази: Во едно писмо кое датира од 1944 година, тој го отфрла читањето и анализирањето на делата на Шекспир, нарекувајќи ги „будалаштини“, додека пак во друго писмо од 1955 години, тој се сеќава дека „срдечно не можел да поднесе“ да ги проучува неговите дела на училиште.
Како професор по англо-саксонски и англиски јазик, се чини дека Толкин не го сакал Шекспир поради тоа што сметал дека премногу време се посветува на учењето и лекциите за Шекспир на сметка на постари и повредни текстови, како и долгорочното влијание кое Шекспир го имал врз англискиот јазик, особено неговото преземање на зборот „џуџе“ во „Сон на летната ноќ“.
Во едно писмо од 1951 година, адресирано до неговиот уредник Милтон Балдман, Толкин напишал дека тој неодамна измислил два јазици кои ќе ги зборуваат џуџињата во неговите романи и во футнота додал дека „сака зборот „џуџиња“ да биде разбран во постариот контекст кој оди далеку во минатото дури до Спенсер – зараза за Вил Шекспир и неговите проклети пајажини.“
