Франц Кафка напиша многу моќни приказни за немоќните. И за да ги направи страшни, тој ги направи смешни. Голем број од неговите најмрачни комедии, вклучувајќи ја онаа за продавачот кој се преобрази во бубачка, оставаат впечаток дека влечат корени од згрчениот, но длабоко смешен однос кој го имал со својот доминантен татко, Херман.
Но, ако има еден светкав момчешки спомен кој му бил многу драг на Кафка и на кој се присеќавал дури и кога лежел болен, умирајќи од турбелколоза во санаториум во близина на Виена, тоа бил споменот кој го вклучувал оној првобитен ритуал за поврзувањето на татко и син: заедничко пиење пиво.
Во книгата „Дали е тоа Кафка? 99 откритија“, еминентниот проучувач на Кафка, господинот Рајнер Стах, го потенцира задоволството на Кафка додека пиел пиво и вино.
Навистина е освежувачки да се замисли сликата како Кафка ужива во пивска градина осветлена од сонцето во Прага, но за Кафка, дури и пивото доаѓало со товар.
Неговите најсреќни и најзначајни спомени поврзани со пивото се оние коишто ги споделувал со својот татко. Но, овие спомени биле неизбежно поврзано со местата каде што ги доживеал своите детски понижувања: трпезариската маса и базенот.

Неговиот татко бил бучен силеџија. Но поголемиот проблем бил во тоа што таткото и синот имале толку различни карактери, што изгледале како смешни антагонисти. Херман самоуверениот наспроти срамежливиот Франц кој работел со осигурување, (работа која Херман ја презирал), кој пишувал приказни во својата соба, кој станал вегетаријанец и кој не покажувал никаков интерес за семејната продавница.
Херман по цел ден бил во продавницата и доаѓал да ги види својот син и своите три ќерки за време на ручекот.
Треперливиот, млад Франц, со текот на времето започнал да се ужаснува од овие средби на трпезариската маса. На свои 36 години, Кафка напишал емотивно писмо од 47 страни, кое го адресирал до својот татко („Писмо до мојот татко“), во кое на површина излегуваат сите поттиснати слики од тие измачувачки ручеци:
„Секогаш постоеше едно мрачно молчење на масата, прекинато со предупредувања и прекори: „Јадете прво, а потоа разговарајте“ или „Побрзо, побрзо, побрзо“ или „Ете, гледаш, јас одамна завршив.“ Не смеевме да ги кршиме коските со заби, но ти смееше да го правиш тоа. Оцетот не смееше да се пие гласно, но ти смееше да го правиш тоа. Главното нешто беше дека лебот мора да биде строго и право исечен. Но, не беше важно тоа што ти го правеше тоа со нож кој се цедеше од сосот.
Мораше да внимаваме да не паѓаат трошки на подот. На крајот, под твојот стол имаше највеќе трошки. На масата никој не смееше да прави ништо друго освен да јаде, но затоа ти ги чистеше и сечеше твоите нокти, ги остреше моливите, ги чистеше ушите со чепкалица. Те молам татко, сфати ме како што треба: самите по себе, овие би биле тотално неважни детали, но тие за мене станаа депресивни само заради тоа што ти, страшно авторитативен човек, не се држеше до правилата кои ми ги наметнуваше.“

(родителите на Кафка)
Кафка напишал дека единствениот пат кога неговиот татко имал по некој пофален збор за него било кога јадел од срце и дури и кога пиел пиво за време на оброците. Кафка го предал ова писмо до неговата мајка, која му го вратила без да му го покаже на својот сопруг.
Пивото изгледало дека ги поправа сите работи. Според Стах, кој има напишано биографија за Кафка во три тома, таткото и синот немале заеднички интереси, не наоѓале заеднички јазик и речиси никогаш не правеле ништо заедно.
Тој вели: „Заедничкото пиење станало утешителен симбол, симбол за блискоста која секогаш му недостасувала.“
Одењето на пливање со својот татко исто така претставувало слична комбинација на срам и задоволство. Срам заради тоа што требал да го покаже своето „исушено, слабо, мало“, покрај „силното, високото и широко“ тело на својот татко и задоволство затоа што знаел дека сето тоа ќе биде пропратено со пријателска сесија на пиење пиво.
Во Бохемија, со секој оброк било обичај да се пие чаша пиво или вино, па затоа и Кафка со задоволство се приклучил на овој обичај. Стах вели: „Кафка не пиел којзнае колку, но, како што тој иронично велел, тој „страствено пиел“, односно тој пиел пиво и вино со интензивно задоволство, како гурман, а за тоа не му биле потребни огромни количини. Не верувам дека тој некогаш навистина бил пијан, затоа што губењето на самоконтрола правело да се чувствува екстремно непријатно. Како и да е, тој имал многу силна општествена емпатија, такашто за него било задоволство да ги набљудува другите луѓе додека пијат.“

А какво пиво пиел? Стах има одговор и на тоа прашање: „Се разбира, чешко пиво, бидејќи тогаш било најдоброто пиво на светот, како и денес. Но, кога патувал, секогаш ги пробувал локалните пива.“
Мнозинството од луѓето го гледаат Кафка како тажна фигура, а тоа е нешто што Стах сака да го промени. Тој не сака да го гледаме Кафка како невротик кој трча наоколу во лавиринтот на нелогичното, туку како гениј кој исто така бил обично момче со добар вкус за пиво.
Тој најверојатно нема да успее во тоа. Ако го изоставиме песимизмот во неговите приказни, дури и краткиот живот на Кафка бил исполнет со трагедии. Неговите двајца браќа умреле кога бил мал и сите три сестри умреле во Холокаустот. Неговата смрт, на 40 години, предизвикана од туберкулоза, била исклучително болна.
Во биографијата за Кафка, Стах пишува: „Во оваа состојба, дури и пиењето било возможно само преку мали голтки. Кафка постојано бил жеден, тој сонувал за најразлични пијалоци и се насладувал од самата глетка на луѓето кои пиеле чаша вода пред него. Тој со големи маки пиел по една мала чаша вино на ден, понекогаш пиел мало пиво, а дури и водата морало да биде загреана пред да може да се напие.“
Неговите нервозни родители, кои го немале видено цела година, му пишале дека сакале да го посетат и „заедно да се напијат една чаша добро пиво“. Исушен и способен да зборува само со шепотење, Кафка не сакал да дојдат. Но, тој исто така сакал конечно да се смири со неговиот отуѓен татко.
На 2 јуни 1924 година, ден пред да почине, тој им пишал на своите родители, приспомнувајќи си за среќниот спомен, за тоа како „среде жештините, пред многу години, кога татко ме носеше на граѓанскиот базен, заедно пиевме пиво и тоа често.“
Тој бил преслаб за да го заврши писмото и затоа никогаш не било пратено. Но, неговите родители на крај сепак го прочитале писмото откога им биле врачени неговите листови и предмети.
Но, писмото сепак не успеало во целост да го долови горчливо-слаткиот вкус на момчешкиот спомен. Она што го доловило, е описот кој Кафка и го раскажал на неговата љубовница Дора Дијамант, која го негувала до самиот крај:
„Кога бев мало момче, пред да научам да пливам, понекогаш заедно со мојот татко, кој исто така не знаеше да плива, одев во делот за непливачи. Тогаш ќе седневме голи и ќе јадевме колбасица и пиеме половина литро пиво… Мораш да го замислиш тој огромен човек како за рака држи една нервозна мала вреќа со коски или начинот на кој се соблекувавме во темницата во малата соблекувална, па начинот на кој потоа ме извлекуваше оттаму затоа што се срамев, начинот на кој се обидуваше да ме научи на неговото таканаречено пливање, итн… Но, сепак… ПИВОТО!
