Зошто луѓето ја измислиле граматиката? Зошто воопшто читаме? И која е целта на јазикот?
Ова се многу интересни прашања, кои можеби не си ги поставуваме често, но одговорите на нив се прилично интересни. Писателот Џон Грин, кој е познат во своите книги наменети претежно за помладата публика (тинејџери, млади во раните 20-ти години), како „Грешката во нашите ѕвезди“, ни дава објаснувања и одговори токму на ова прашање.
Во видеото поставено на ЈуТуб каналот „Креш Корс“, тој зборува за најразличните аспекти на литературата и за тоа зошто е важна. Ова е прво видео од серијата видеа посветени на литературата. Инаку овој канал е создаден од Хенк и Џон Грин и разработува најразлични тематики. Освен литература, има и курсеви за светска историја, историја на САД, хемија, психологија.
Подолу можете да го погледнете видеото во целост, а најпрво во продолжение можете да го прочитате транскриптот од видеото на македонски јазик. Иако моја препорака е директно да го погледнете видеото, бидејќи тој на многу живописен и интересен начин ги кажува работите и истото не може во целост да се долови вака.

Здраво, јас сум Џон Грин, а ова е „Креш Корс“.
Денес, пред да започнеме со нашата мини-серија за читање и пишување на англиски јазик, ние ќе дискутираме како да читаме и зошто да го правиме тоа.
Ако ја имате гледано нашата серија за светската историја, без сомневање ќе се присетите дека пишувањето, како и можноста да се прочита тоа што е напишано, се нарекуваат „маркери на цивилизацијата“. Тоа е малку проблематична идеја, затоа што, како прво, добрите приказни можат да имаат добри животи во усната традиција. На пример, една од моите омилени книги – „Магариња и луѓе“ од Зора Нил Хурстон е збирка од народни приказни кои се пренесувале од колено на колено, се додека Зора Нил Хурстон не решила да ги запише. Истото може да се каже и за уште една од моите омилени книги – „Одисеја“.
Но, читањето и пишувањето ги ставаме високо на пиедестал, затоа што тие ни дозволуваат директно и отворено да дискутираме со луѓе кои живеат далеку од нас, но исто така ни дозволуваат на одреден начин да ги чуеме гласовите на починатите. Не сакам да навлегувам во уметност, но сакам да кажам дека за мене, приказните се комуникација.
Луѓето не измислиле граматика за да ви го отежнат животот додека сте во основно училиште, трудејќи се да научите што е предлог. Ние сме ја измислиле граматиката, затоа што без неа, нема да можеме да објасниме какво е чувството да се лета низ облаци или да се скокне преку бара или да водиме љубов под ѕвездите.
На пример, моментално, ако јас си ја вршам работата и вие си ја вршите работата, вие не размислувате за тоа дека јас ја извртувам мојата уста, јазик и гласните жици за да создадам звуци кои потоа постојат како идеи во вашиот ум – тоа едноставно се случува. Но, ако мојот јазик стане неразбирлив, aко почнам да зборам на француски или ако користам неправилен ред на зборовите или „хдјхје хјеее геегес“, тогаш јас градам бариера помеѓу тебе и мене.
Пишувањето, или барем доброто пишување, е надоградба на тој нагон да се користи јазикот за да се изразуваат комплексни идеи и искуства меѓу луѓето. И тоа е вистината, без разлика на тоа дали го читате Шекспир или лоша вампирска фантазија – читањето секогаш е чин на емпатија. Тоа секогаш се сведува на замислување и ставање себеси во позиција на некој друг.

Значи, кога Шекспир користи јамбски пентаметар или Селинџер користи црвена ловечка капа, тие не го прават тоа за вашите наставници по англиски јазик да имаат со што да ве мачат. Тие го прават тоа (барем, ако го прават тоа намерно) за приказната да има поголем и подобар живот во вашиот ум. И само да знаете, прашањето дали тие намерно го прават тоа и не е многу интересно прашање!
Уште се пишуваат отворени писма?
Тогаш, во продолжение праќаме едно отворено писмо до намерата на писателот:
Драга намера на писателот,
Како писател, дозволи ми отворено да ти се обратам. Ти воопшто не си важна! Слушај, не би одел толку далеку како постмодернистите и да зборам дека писателот е мртов, затоа што тоа би ме направило многу нервозен. Како и да е, писателот и не е толку важен.
Дали писателот планирал да вметне симболична резонанца во својата книга – ама воопшто не е важно. Се што е важно е дали постои, бидејќи книгата не постои за доброто на писателот – книгата постои за твое добро.
Ако ние како читатели можеме да имаме поголемо и побогато искуство со светот како резултат од пронаоѓање симбол, а писателот не го планирал тој симбол, ние сепак сме победници! Да, на крајот на краиштата, читањето е разговор помеѓу писателот и читателот, но читателу, дај си себеси одредена моќ во тој разговор. Оди и создади свет!
Се најдобро,
Џон Грин.
Еве во што е штосот: Исклучително е тешко да направиме другите луѓе да го чувствуваат тоа што ние го чувствуваме. На пример, можеби и вие го имате искусено ова во вашиот живот. Да речеме дека мојата девојка од факултет раскинала со мене (а раскина). Сакам на мојот најдобар пријател на овој свет да му објаснам како се чувствувам, па затоа велам: „Јас сум комплетно уништен. Моето срце е скршено, всушност, моето срце е искршено на милион парчиња.“
Значи, еве што се случува. Прво, одлични вести: моето срце не е искршено на милион парчиња, напротив тоа пумпа крв исто како и пред раскинувањето. Второ, уште подобри вести: Јас не сум тотално уништен. Тотално уништување би изгледало вака: *експлодира екранот*.
Јас во случајов, кога зборам дека сум уништен користам хипербола, а кога зборувам за моето скршено срце користам метафора. Тоа го правам за да се обидам да ги опишам работите кои се случуваат во мене.

Но, бидејќи не користам баш релевантен или оригинален фигуративен јазик, мојот пријател можеби ќе се помачи за да може да сочувствува со мене. А станува збор за мојот најдобар пријател на целиот свет. Сега замислете си дека се обидувате да искажете многу покомплицирани и подетални искуства и чувства и наместо да се обидувате да му ги објасните на вашиот најдобар пријател, вие се обидувате да им зборувате на непознати луѓе, од кои многумина живеат многу далеку или пак векови по вашата смрт.
И не само тоа, наместо ова да се случува за време на пријатен разговор, тие го читат вашиот сув, мртов текст напишан на страница и тие не можат да ја чујат вашата интонација или да ги видат солзите кои паѓаат на вашите образи, иако на крајот ќе излезе дека ова раскинување е најдоброто нешто што ви се случило.
И тоа е предизвикот со кој се соочува Шекспир и тоа е истиот предизвик со кој вие се соочувате кога пишувате за публика, без разлика дали станува збор за книга или за коментар на Јутуб.
Затоа, ќе ве замолам да читате критички, да се задлабочите во текстот и да обрнете внимание на суптилните начини со кои писателот се труди да ја изрази целосната комплексност на човечкото постоење, но не барам од вас да тргнете во лов на симболи, затоа што читањето треба да биде мапа преку која откривате симболи.
Ве замолувам да читате критички затоа што со разбирање на јазикот, вие подобро ќе ги разбирате туѓите животи, а тоа ќе ви помогне да бидете посочувствителни. Тоа ќе ви помогне да избегнете скршено срце и најважно од се, критичкото и внимателно читање може да ви даде јазични алатки со кои ќе можете попрецизно да ја споделите сопствената приказна.
И тоа ќе им помогне на луѓето да ја разберат вашата радост и вашето скршено срце, но ќе биде корисно и за други работи, како кога се обидувате да ја убедите компанијата да ја прифати вашата стратегија или што и да прават луѓето со вистински работи. Темелното читање ни дава подобри алатки за да ги објасниме корпоративните профити и скршените срца, но исто така и не поврзува едни со други.
Вистинската причина поради која зеленото светло во „Големиот Гетсби“ е толку прекрасен симбол е фактот што сите знаеме како е да стоиме навечер, гледајќи во далечината во иднината која можеби никогаш нема да биде наша. Сите сме ја почувствувале таа комбинација од копнеж и амбиција која Гетсби ја чувствува додека гледа во таа зелена светлина од другата страна на пристаништето. И со тоа што дознаваме како е да се биде Гетсби, ние учиме повеќе за тие околу нас, за тие кои биле тука пред нас и учиме повеќе за самите себе.
***
Во продолжение зборува уште малку за тоа што следува понатаму и за одговорните луѓе за проектот. Погледнете го симпатичното и интересно видео во продолжение.
