Не мора да сте голем љубител на книжевноста за да знаете за „Лолита“, една од најконтроверзните и најозогласените книги на сите времиња, напишана од Владимир Набоков и е приказна која не престанува да крева прашина и по 60 години од нејзиното објавување.
Моралните прашања и дилеми што произлегуваат од книгата длабоко го имаат поделено читателскиот свет, но во едно нешто сите се сложуваат: Набоков ја изнесува приказната нудејќи го својот неизмерен талент за да напише добра приказна. Сепак, малкумина луѓе знаат дека „Лолита“ е инспирирана од вистинска случка.
На 13 јули 1948 година, Сали Хорнер украла тетратка од 5 центи од една локална продавница. Ова било чин на храброст со кој докажала дека може да влезе во друштвото на популарни девојки. Нешто слично на денешните сестринства. Но, ова мало прекршочно дело ја фрлило во деструктивна спирала, поради која ќе стане инспирацијата за едно од најголемите книжевни достигнувања на 20-ти век.
(Сали Хорнер и нејзиниот киднапер Френк Лесал)
Кога Сали ја напуштила продавницата со тетратката во нејзината торба, еден човек по име Френк Лесал ја грабнал за раката. Тој ѝ рекол дека е агент на ФБИ и ѝ кажал на Сали дека мора да биде уапсена. Ѝ рекол дека ќе биде поднесено обвинение против неа и дека ќе ја однесат во реформистичко училиште освен ако одвреме-навреме не му поднесува извештај. Уплакана и исплашена, таа се согласила.
Но, наредниот ден, тој повторно ѝ пришол и ѝ рекол дека правилата се промениле и дека таа веднаш мора да тргне со него за Атлантик Сити и дека законот го бара тоа од неа. Тој ја натерал да ѝ каже на мајка ѝ дека ќе оди на одмор, а дека тој е татко на една од нејзините училишни другарки.
Сали и Лесал, кој го употребувал псевдонимот Франк Варнер, се преселиле во една куќа во Атлантик Сити. Таа неколку пати ѝ се јавила на својата мајка, секогаш од некоја говорница, велејќи дека се чувствува одлично и дека си поминува супер. Нејзината мајка Ела Хорнер не забележала ништо во наредните шест недели. Таа навистина верувала дека нејзината ќерка е на одмор со другарките.
Најпрво Сали ѝ се јавила на мајка ѝ да ѝ каже дека ќе остане малку подолго. Потоа нејзините изговори почнале да стануваат сè побледи и на крај телефонските повици сосема замреле. Писмата на Ела се враќале. И последниот знак кој ја освестил нејзината мајка било кога Сали ѝ рекла дека со Вaрнер ќе одат за Балтимор. Тогаш сфатила дека нејзината ќерка не е киднапирана со насилство, туку со слаткоречивост. Последното писмо од својата ќерка го добила на 31 јули 1948 година, а уште наредниот ден Ела се јавила во полиција.
Полицајците во Атлантик Сити веднаш отишле во куќата и дознале дека еден човек кој се нарекувал себеси Варнер се претставувал како таткото на Сали. Тие нашле доволно докази за да го уапсат, но било предоцна, бидејќи и двајцата исчезнале. Два куфери полни со облека биле најдени во нивната соба, заедно со неколку непратени разгледници кои Сали сакала да ѝ ги прати на својата мајка.
Таму ја пронашле и оваа фотографија која претходно никој ја немал видено:

Не било доволно лошо тоа што полицијата не можела да ја најде Сали. Уште полоша вест било тоа што дознале дека човекот кој се нарекувал Варнер е всушност Френк Ласел и дека само шест месеци пред да ја грабне Сали, тој бил во затвор за силување на пет малолетнички на возраст од 12-14 години.
Во меѓувреме, Сали и Френк отишле во Балтимор, каде што за малку повторно ќе бил фатен. На крај се укотвиле во Далас и таму Сали одела во католичко училиште. Имала добри оценки и била добра ученичка. Тој ѝ давал голем џепарлак, ѝ купувал секакви алишта и за своите соседи изгледал како прекрасен татко. Една од сосетките потоа изјавила: „Сали секогаш добиваше сè што ќе посака. Секогаш велев дека не знам кој е поразгален: Сали или кучето.“
(Оцените на Сали во училиштето во Далас)
Никој не се сомневал во ништо. Освен Рут Џаниш. Таа со својот сопруг се преселиле во истото соседство. Речиси уште од првиот момент таа се посомневала дека нешто не е во ред. Подоцна изјавила: „Никогаш не ја испушташе од вид, освен кога беше во училиште. Немаше пријатели на нејзина возраст. Никогаш не одеше никаде, само седеше со него во приколката. Делуваше ненормално опседнат со неа.“
Рут се обидела да ја дознае вистината, но Сали не сакала да каже ништо и не признавала ништо. Подоцна Рут и сопругот отишле во Сан Хозе и им пишале на Сали и Френк да дојдат кај нив и повторно да бидат соседи. И за чудо, Френк прифатил.
Започнале да живеат во Сан Хозе и Сали повторно почнала да оди во училиште. Таму стекнала една другарка на која конечно ѝ кажала сè. Другарката ѝ кажала дека тоа е ужасно и дека мора некако да најде начин како да се спаси. Рут почувствувала дека Сали се опушта и ја викнала кај неа дома. Тогаш Сали конечно признала сè и рекла дека сака да си оди дома, и дека сака да им се јави на мајка си и сестра ѝ.
Рут ѝ дала телефон и таа веднаш ѕвонела кај мајка ѝ. Но, бидејќи мајката ја изгубила работата и немала пари за да ја плати сметката, телефонот бил исклучен. Потоа, таа се јавила кај сестра ѝ и го добила нејзиниот зет кому му рекла: „Ал, овде е Сал.“ Нејзиниот зет се возбудил и веднаш прашал каде се наоѓа. Таа му рекла: „Јас сум со пријателка во Калифорнија. Те молам прати ги ФБИ да ме спасат! Кажи ѝ на мајка ми дека сум добро и да не се грижи. Сакам да си дојдам дома, претходно се плашев да се јавам.“ Нејзиниот зет ѝ рекол да не се грижи и дека одма ќе ги контактира ФБИ.

Откако биле контактирани сите надлежни агенции и институции, Сали конечно била на слобода. Таа се плашела дека тој ќе се врати, но полицијата го уапсила во моментот кога го здогледале. Тој бил толку уверен во својата приказна, што и по апсењето тврдел дека е нејзин татко и дека само ја спасил од мајка ѝ која постојано спиела со други мажи.
На крајот бил осуден на 35 години затвор. Но, починал на 22 март 1966 година, по 16 години во затвор. Сали за жал умрела во сообраќајна несреќа на 15 години.
Набоков и приказната
Во есеј на Набоков од 1956 година, „За книгата која се вика „Лолита““, Набоков го објаснува контекстот на неговата книга и вели дека книгата не е реконструкција на споменатото злосторство:
„За мене, фиктивното дело постои за да ми дозволи да имам естетска среќа, а тоа е чувство дека некако, некаде сум поврзан со други состојби на постоење каде што уметноста (љубопитноста, нежноста, љубезноста и екстазата) е правило.“
Набоков не сакал да става вистински шаблони во измислени приказни, ниту пак бил обожавател на потрагата по морални поуки во неговата работа. За него, фантастиката била креативен каприц и таа го водела низ неговите различни книжевни потраги и „Лолита“ во ниту еден случај не е сензационална реконструкција на случајот на Сали Хорнер. Но, кој вели дека фантастиката и реалноста меѓусебно се исклучуваат? Фантазијата сепак влече корени од реалноста.
Во самиот текст, Набоков сепак ја споменува трагедијата. Хамберт по толку години повторно доаѓа во родниот град на Лолита и се прашува себеси: „Зарем ѝ го направив на Доли тоа што Франк Лесал, 50-годишниот механичар, и го направи на 11-годишната Сали Хорнер во 1948 година“? Ова е прилично експлицитно споменување на тој настан. Дури и физичката сличност и потеклото на Лолита и Сали се неверојатни и белешките на писателот сугерираат дека Набоков размислувал за уште поексплицитни референци за киднапирањето. Има еден дел каде Хамберт вели дека самиот би си дал 35 години затвор, што соодветствува на казната која Френк ја добил.
(Сали со нејзината мајка по ослободувањето)
Нема ни трошка сомнеж во тоа дека „Лолита“ е книга со повеќе слоеви, но со тоа што ја дознаваме приказната за Сали Хорнер, добиваме една нова светлина и нов поглед кон книгата и нејзината комплексност. Лесно е да се отфрли Лолита и да се фокусираме само на Хамберт, но тоа не може да се направи доколку ја имаме предвид и вистинската приказна.
Кога ќе се направи паралела помеѓу книгата и реалноста, тешко е човек да не се фокусира на Лолита, затоа што читателот ќе се труди да ја пронајде секоја трошка вистина во приказната. Приказната на Сали е една приказна која прогонува и живее преку присуството на Лолита и сенката која таа ја фрла врз Хамберт и читателот. Дали книгата ја прави Сали бесмртна или едноставно само ја поместува од Ласал во страните на Набоков, тоа е веќе одлука на читателот.
