На 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, засекогаш исчезнало драгото Скопје коешто сите го сакале и обожавале. Катастрофалниот земјотрес уништил 80% од инфраструктурата на Скопје, но за среќа тогаш на дело се покажала солидарноста на луѓето и нивната хуманост, па помошта започнала да пристигнува од сите страни на светот. Катастрофалниот земјотрес одекнувал низ целиот свет, оставајќи воздишки и потресени луѓе кои решиле дека нешто мора да се стори.
Скопје со бебешки чекори ги лечеше своите рани, а луѓето со љубов и поддршка изградија нов живот за себе и своите сограѓани. Скопје е град на солидарноста, затоа што на Скопје не му е туѓа несреќата, болката и тагата. На Скопје не му се непознати раните и загубите на животите.
Тоа кобно утро, луѓето мирно си спиеле во своите кревети, некои започнале да се подготвуваат за работа. Никој од нив не ни претчувствувал што може да се случи. И тогаш, нивните животи се урнале. Нечии животи згаснале. Животот на сите жители на Скопје неповратно се променил. Засекогаш. За само 20 секунди.

Само 20 секунди биле доволни за човек повеќе да не ја види светлината на денот, некои луѓе никогаш повторно да не ја видат насмевката на своите најмили. Стравот за себе, за своите најмили бил суров владетел. Со солзи во очите ги барале своите роднини, пријатели, соседи под урнатините на Скопје. И со секој пронајден жив човек, малку од малку се враќала утехата и надежта дека се ќе се надмине.
Но, владеела љубовта, како и желбата да се помогне. Љубовта кон Скопје преовладала. И затоа, Скопје не е само град. Скопје е дух. Скопје е идеја. Скопје е романтика и човечност. Скопје е радост. И во темните мигови во нашите животи, Скопје знае да даде утеха и да биде утеха.
Затоа Скопје е љубов. И кога беше уништено и срамнето до земја, успеа да се издигне и гордо да застане на нозе. Како феникс, повторно се роди од својата пепел. И затоа сме горди на него. И секогаш ќе бидеме. Затоа што без разлика на тоа каква катастрофа или непогода ќе го снајде, Скопје ќе најде начин да ги заштити своите жители и да им подари надеж и утеха за подобро утре. И секогаш ќе ни биде најмило, најдраго и најсакано!
И покрај тоа што „Кафе и книги“ е блог за книжевност и книги, си земав дозвола денешниот пост да го посветам на Скопје и скопскиот земјотрес, како тема која лично многу ме допира. Верувам дека нема нема да замерите што денес нема да има ниту една информација за книжевноста, туку само неколку едноставни зборови од срце за Скопје.
И како за крај, при пребарувањето низ интернетот, пронајдов една македонска народна песна посветена на скопскиот земјотрес, која за мене дотогаш беше непозната. Се работи за песната „Песна за Скопје“ од легендите на македонската народна музика, Никола Бадев и Васка Илиева. Песната има прекрасен текст и затоа решив да ја споделам и со вас.
Песна за Скопје
Додек’ Сонце Земјата ќе грее
ќе се помни шееситрета,
кога Вардар крвав ми протекол
и жал пронел по целиот свет.
Од земјата громови згрмеа,
стана пискот, трескање и страв.
Со илјади години ѕидано
мило Скопје се стори во прав.
Ми заплака сиот ле ми народ
од болки им душите плачат.
Сонцето се зад облаци скрило,
да не гледа жални настани.
Тогај рипна сиот ле ми народ,
грмна песна, младост прозбори.
Над урнатини палати да дига,
место жалој, живот да гори.
СКОПЈЕ СЕ СЕЌАВА, СКОПЈЕ НЕ ЗАБОРАВА!
