Дојде август, а во полн ек се летните одмори. Луѓето бегаат од летните горештини и сите сакаат плажа и море, а секако една од најубавите работи за опуштање и бегање од летните жеги е читањето книги заедно со ладно кафе кое ќе ве освежи и разбуди.
Стандарно на почеток на месец ја објавувам листата на книги кои сум ги прочитала изминатиот месец, а бидејќи е август, месецот на одмори, оваа листа, заедно со останатите кои можете да ги видите во категоријата „Кафе и книги препорачува“, може да ви послужи како инспирација за да создадете сопствена листа за читање за време на летните одмори.
1. „Си беше една жена која сакаше да го убие детето на сосетката“ – Људмила Петрушевскаја

Оцена: 5/5
Осврт: Оваа книга беше меѓу книгите за кои пишував во статијата за страшните и крвави бајки за возрасни и навистина се израдував кога дознав дека ја има на македонски јазик и веднаш се потрудив да ја најдам и да ја купам. Откако ја прочитав, можам да заклучам дека Људмила Петрушевскаја со право ја сметаат за една од најдобрите и најомилените современи руски писателки.
Книгата е поделена во 4 дела: „Песни на источните Словени“, „Алегории“, „Реквиеми“ и „Бајки“. Во секој дел има кратки раскази кои во себе содржат мистичност, фантазија и натприродни случувања. Но, секоја од нив е ставена во реален или историски контекст и иако се работи за збирка раскази кои се пред се плод на фантазија и кои во себе содржат натприродни и фантастични елементи како духови, магија и слично, сепак имаат и огромна длабочина и од секој од нив може да се извлече голема поука.
Стилот на пишување е прекрасен, ова е книга која може да се прочита за еден ден. Секој расказ е различен и секој еден од нив е забавен, интересен, со тоа што во ниту еден момент не може да се избегне и филозофскиот момент, но и критиката за општествениот и политичкиот систем која не е експлицитно искажана, но е присутна и силно се чувствува.
Прекрасна книга, која со драго срце ви ја препорачувам.
Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
2. „На полковникот нема кој да му пишува“ – Габриел Гарсија Маркес

Оцена: 4/5
Осврт: Маркес е магионичар со зборови. Едноставно е невозможно да започнете негова книга без комплетно да се внесете во приказната. Во оваа многу, ама многу кратка книга (има околу 60-70 странии), Маркес ракажува за судбината на еден полковник кој 15 години ја чека пензијата која никако да стигне. 15 години чека писмо за да ја дознае својата судбина, но како што вели службеникот во поштата, „на полковникот нема кој да му пишува“.
Додека полковникот се надева на таа воена пензија која ја заслужил со пот и труд, читаме за тешките услови во кои живеат тој и неговата жена. Единствено што им е останато е гордоста и петелот на нивниот син, кој бил убиен од страна на полицијата пред неколку месеци.
Петелот од една страна е надеж за подобра иднина (ако успее да победи на борбите со петли), но и драг спомен и потсетник за животот на нивниот син. Полковникот е многу горд човек, но дали можете да ја јадете гордоста? Ова и уште некои интересни прашања се поставуваат во книгата која можете да ја прочитате за неколку часа.
Оваа книга особено ќе им се допадне на љубителите на „Сто години самотија“, бидејќи има неколку референци на Макондо и Аурелијано Буендија. Мене се уште ми се свежи спомените на книгата, бидејќи ја прочитав во јуни, па затоа и сите тие референци ми беа интересни и ми предизвикуваа насмевка.
Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
3. „Оксфордски убиства“ – Гилјермо Мартинес

Оцена: 3/5
Осврт: Гилјермо Мартинес беше во Скопје за време на Скопскиот саем годинава и јас бев пресреќна што ја имав можноста да се запознаам со него и да добијам посвета токму на оваа книга.
Затоа ми беше и големо задоволство кога ја отворив и кога почнав да ја читам. Ова е интересна приказна за сите оние кои се љубители на трилери и крими-мистерии. Ова е одична книга и за обожавателите на математиката.
Кога старицата во чиј дом престојува нараторот е убиена, мистериозни работи почнуваат да се случуваат. Симболизам, броеви, логични низи, мистериозни пораки… Нараторот е докторанд на Институтот за математика во Оксфорд и одеднаш се наоѓа во средината на овие чудни случувања.
Тој заедно со Артур Селдом, познат математичар и писател кој ги истражува токму симболите и симболизмот, започнуваат да ги истражуваат чудните траги. Но, тогаш се случуваат и други сомнитетлни смртни случаи и работите започнуваат да стануваат уште почудни и позаплеткани.
Приказната е интересна, иако можеби е малку предвидлива на моменти и има некои (барем според мене) непотребни описи и раскажувања кои застрануваат од приказната, сепак е одлична книга за да ја читате додека сте на одмор и кога сакате да заборавите на секојдневните грижи. Лесно и брзо се чита и нема да ви одземе многу време. Ако барате лесна книга за на плажа, ова е одлична книга за вас.
Издавачка куќа: АНТОЛОГ
4. „Ќерката на Сиена“ – Марина Фиорато

Оцена: 3/5
Осврт: Ова можеби не е книгата која ќе ви го промени животот, но е одличен избор за на плажа или за да уживате некаде далеку од врелиот асфалт и горештините. Посебно ќе им се допадне на сите оние кои обожаваат историски драми, трилер и и мистерија. Има од се по нешто: убиства, одмазда, љубов, изневерување, разврат и политички преврати.
Книгата не воведува во светот на Пија, која е приморана да се омажи за човек кој не само што не го сака, туку никогаш не го запознала, а назгора за него се зборува дека е одвратен, неморален и ужасно зол човек. На денот на традиционалните коњски трки, тој паѓа и го крши вратот, но маките на Пија не завршуваат тука, бидејќи татко и решава да ја омажи за неговиот помал брат.
Се разбира срцето на Пија ќе припадне на сосема поинаква личност, личност со принципи, морал и интегритет.
Од друга страна дознаваме и повеќе за династијата Медичи, за нивните сплетки, интриги и фамилијарни тајни кои порадо би ги закопале засекогаш.
Издавачка куќа: ТРИ
5. „Сицилијанецот“ – Марио Пузо

Оцена: 4/5
Осврт: Дури и да не сте ја прочитале книгата „Кум“, сигурно сте слушнале за Марио Пузо, бидејќи не е возможно да не сте го гледале филмот „Кум“. Книгата „Кум“ ми е една од најдрагите книги, книга која толку силно ве навлекува, што едноставно живеете во тој свет во тие неколку дена и никако не можете да се откачите од тоа чувство. Постојано се чувствувате присутни на секој настан во книгата, имате чувство дека се наоѓате во некој агол и набљудувате.
Доколку ја имате прочитано книгата, знаете за што зборувам. И затоа, доколку планирате да ја читате оваа книга, моја препорака е да не ја препрочитувате „Кум“. Ако ја немате прочитано „Кум“, а планирате, моја препорака е да не ги читате двете книги една по друга.
Јас решив да ја препрочитам „Кум“ пред да ја прочитам книгата и мислам дека тоа беше грешка. „Кум“ е ремек-дело покрај кое е многу тешко да се прават споредби, а од друга страна ви ги крева очекувањата до максимум.
„Сицилијанецот“ е книга која ни враќа некои од најдрагите ликови од „Кум“: Мајкл Корлеоне, Дон Корлеоне, Клеменза, итн. Но, не запознава и со многу нови ликови како: Салваторе „Тури“ Гиулијано, Дон Кроце, итн.
Марио Пузо не воведува во периодот кога криењето на Мајкл Корлеоне во Сицилија е при крај. Тој се радува што ќе се врати во Америка, но до него стигнуваат вестите од неговиот татко, кој му вели дека со себе треба да го земе Салваторе Гуилијано.
Во текот на книгата дознаваме за приказната на Тури, кој е своевиден Робин Худ во Сицилија. Тој стекнува многу следбеници, но и многу непријатели на многу моќни места.
Ова е одлична книга за бегање од реалноста. Марио Пузо има навистина прекрасен стил на пишување, само моја препорака е да избегнувате споредби со „Кум“, бидејќи на тој начин навистина ќе уживате во книгата.
Издавачка куќа: ARROW (може да се најде во ИКОНА) или BALLANTINE BOOKS (може да се најде во АКАДЕМСКА КНИГА)
