Ново истражување тврди дека луѓето кои читаат живеат подолго!

Драги љубители на книги, науката има одлични вести за вас! Досега неколку пати сме зборувале за поволностите од читањето како што е добро расположение, зголемена емпатија, намален стрес, намален ризик од добивање Алцхајмерова болест, итн.

Сега науката ни дава уште една причина за да читаме повеќе (ако досега некому и му беше потребна причина за тоа): Сосема е можно дека читањето придонесува да живееме подолго.

За потребите на истражувањето кое е објавено онлајн во списанието „Општествена наука и медицина“, истражувачите од Јејл сакале да видат како читањето книги влијае на животниот век. Претходните истражувања веќе сугерирале дека читањето или ги намалува стапките на смртност или воопшто не влијае на нивен раст.

Истражувачите испитале околку 3600 луѓе над 50 години и им поставувале прашања за нивните читачки навики. Откако го добиле сите информации, тие ги поделиле субјектите во три категории:
1) Поединци кои воопшто не читаат
2) Поединци кои читаат 3.5 часа неделно
3) Поединци кои читаат повеќе од 3.5 часа неделно.

books-floral-flowers-photography-pink-favim_com-138126

Откако земале предвид и други фактори како образование, приходи и здравје, се покажало дека во просек ризикот од смрт кај оние кои читаат редовно е за цели 20% помал во споредба со ризикот кај оние кои воопшто не читаат книги. Истражувањето го добило овој процент во период од 12-годишно следење на испитаниците.

Деталните наоди на истражувањето се уште поинтересни. Поедниците кои читале повеќе од 3.5 часа неделно имале намален ризик од смрт од цели 23% во следните 12 години. Додека пак оние кои читале до 3.5 часа неделно, имале намален ризик од смрт за цели 17%.

Уште еден интересен факт е дека и оние кои не читаат книги, но читаат весници и списанија исто така имаат намален ризик од смрт за цели 11% во споредба со оние коишто ништо не читаат, но само доколку  читаат весници или списанија повеќе од седум часа неделно.

Водачот на истражувањето, Авни Бавиши, изјавил: „Дознавме дека читањето дава уште повеќе поволности за разлика од читањето само весници и списанија. Сметаме дека ова е така поради тоа што книгите нудат посилна когнитивна вклученост, бидејќи се подолги и во нив има повеќе ликови, повеќе заплети и повеќе логични точки кои треба да се поврзат.“

Истражувањето заклучило дека во просек, читателите на книги живеат 23 месеци подолго од оние коишто не читаат. Сепак, се уште не е јасно дали и каква улога имаат е-книгите или аудио-книгите врз долговечноста и кои жанрови би можеле да имаат најголемо позитивно влијание врз здравјето.

И како за крај, истражувачите од Јејл предупредуваат дека тие нашле само поврзаност помеѓу читањето и долговечноста, но и дека постојат и многу други фактори кои придонесуваат кон долговечност и дека читањето книги секако не е единствен и најважен фактор.

Како и да е, поуката е дека треба да фатиме книгите во рака и да продолжиме да уживаме во прекрасните приказни со кои не маѓепсуваат!

 

Leave a comment