Ѕирнете во долгоочекуваната автобиографија на Брус Спрингстин!

Нема доволно зборови кои можат да го опишат Брус Спрингстин. Музичка и човечка легенда во секоја смисла на зборот. Па затоа и големи се очекувањата за неговата автобиографија „Роден за да трчам“ (Born to run) којашто ќе излезе на 27 септември. Книгата ќе биде пропратена и со музички албум „Chapter and Verse“ кој ќе има 18 песни кои биле избрани од Спрингстин и кои ги доловуваат темите обработени во книгата, како и деловите во книгата. Албумот ќе содржи 5 песни кои не биле претходно објавени.

Целата музичка јавност, како и љубителите на музиката на Спрингстин, со нетрпение го чека 27 септември, а во меѓувреме Брус одлучи да ги почести своите обожаватели со тоа што го објави предговорот на својата веб-страна.

Предговорот е краток, но ве воведува во магијата на Брус:

„Јас доаѓам од прашлив град во кој речиси сè е обоено со малку измама. Исто како и јас. На мои 20 години, не бев бунтовник кој вози тркачки автомобил, туку бев гитарист на улиците на Асбери парк и веќе бев почитуван член помеѓу оние кои стојат на браникот на вистината… уметниците, со мало „у“. Но, во себе држев 4 чисти асови. Бев млад, имав речиси децениско тврдокорно искуство во група, фина група на домашни музичари кои го сакаат мојот стил на изведување и приказна за раскажување.

Оваа книга истовремено е продолжување на таа приказна и истражување на нејзините корени. Како параметри ги земав сите настани во мојот живот кои сметам дека ја обликуваа таа приказна и моите изведби. Едно од прашањата кои обожавателите постојано ми го поставуваат е „Како ти успева?“ Во страниците коишто следуваат ќе се обидам да дадам светлина на тоа како, и уште поважно, зошто.“

brucespringsteen_84

Откако го дава тој вовед, Спрингстин во продолжение дава „прирачник за преживување на рокенролот“. Тоа оди некако вака:

Прирачник за преживување на рокенролот:

ДНК, природна способност, учење на занаетот, развивање и посветеност кон естетска филозофија, гола желба за…слава?…љубов?…воодушевување?…внимание?… жени?… секс?… и да….по некоја пара. Тогаш… ако сакате да одите сосема до крајот на вечерта, фуриозен оган во дупката кој…едноставно…не…престанува…да гори.

Ова се само некои од елементите кои ќе ви бидат полезни ако бидете во ситуација да се соочите лице во лице со 8000 (или 80000) рокенрол обожаватели кои врескаат и чекаат на вас да го направите магичниот трик. Чекаат да извадите нешто од вашата шапка, да извадите нешто од никаде, нешто што е надвор од овој свет, нешто што пред овие верници да се соберат било само озборување подгреано со песна. 

Јас сум тука за да обезбедам доказ за тоа неостварливо, никогаш комплетно верно „ние“. Тоа е мојот магиен трик. И како секој добар магичен трик, започнува со поставување на сцената. Па… 

27 септември е блиску, а дотогаш можеме само да чекаме и да се потсетуваме на прекрасните хитови и магични песни на Брус Спрингстин. Истовремено може да се потсетиме и на омилените книги на Бруст Спрингстин кои влијаеле на неговиот ум и музика.

Leave a comment