Сите знаат дека Библијата е првата испечатена книга од машината за печатење на Гутенберг. Оваа машина за печатење направила револуција во начинот на печатење и доставување на информации. Со текот на времето, оваа техника на печатење помогнала при ширење на филозофските, општествените и револуционерните идеи помеѓу мислителите.
Иако денес печатењето книги е сосема поинакво, сепак ние му должиме сѐ на Гутенберг и неговата заложба да создаде машина и техника на печатење која променила сѐ. Во таа чест, собрав неколку интересни информации за првата печатена книга во историјата.
1. Гутенберговата Библија го добива своето име според човекот кој ја испечатил – Јоханес Гутенберг. Гутенберг бил роден на територијата на денешен Мајнц, Германија некаде во 14-тиот век и се верува дека умрел во 1468 година. За човекот има навистина многу малку информации. Не се знае дали некогаш се оженил и дали имал деца. Не се знае ни како изгледал.
Единствено што се знае за него, преку финансиски и правни документи, е дека неговиот партнер Јохан Фуст го тужел затоа што Гутенберг му должел пари, ја изгубил тужбата и морал да му ја даде опремата и половина од веќе испечатените Библии, па така сосема е сигурно дека Гутенберг не заработил речиси ништо од целиот овој процес.
2. Гутенберговата Библија е исто така позната и како Библија во 42 реда, бидејќи секоја страна е отпечатена во две колони со по 42 реда.
3. Гутенберг ја отпечатил Библијата на неговиот нов изум – машина за печатење која користи подвижни типки од метал. Печатењето веќе постоело во Европа кога Гутенберг ја развил новата машина за печатење, но претходните машини користеле резбани дрвени блокови и биле подобри за печатење слики отколку текст.
4. Се верува дека кога Гутенберг ја испечатил Библијата во 1455 година, тој веќе ги имал поминато последните 20 години развивајќи ја новата машина за печатење. Додека работел и создавал, тој се инспирирал од машини за правење вино, хартија и за подврзување книги. Тој исто така развил нова метална легура кога ги создавал буквите, како и црно мастило базирано на масло коешто посебно било мешано за да се залепи за буквите кои ги направил.

5. Се верува дека Гутенберг испечатил 180 Библии кои биле достапни само преку претходна нарачка. Се верува дека просечната цена за една Библија била 30 гулдери, што во тоа време било еднакво на тригодишна плата на еден службеник.
6. Професионалното усовршување на Гутенберг не било во бизнисот со печатење, како што повеќето би очекувале. Тој учел и се усовршувал во работата со метали, а тоа било клучно за развојот на металната легура која се користи за подвижните букви.
7. Библијата на Гутенберг била достапна во две верзии: Едната била поевтиното издание кое било испечатено на хартија, а другата била поскапото издание кое било испечатено на пергамент. Купувачот прво плаќал основна цена за печатењето, а потоа, за дополнителна цена можел да ги нарача и додатоците (рачно боење, подврзување, корица и слично).
8. Една Гутенбергова Библија содржи 1286 страни. 300 уникатни типки биле искористени за принтањето и секоја страна содржи околу 2500 делчиња од типка. Му требале 3 до 5 години за да ги испечати сите 180 Библии и секоја Библија тежела околу 6 килограми. Целиот процес на печатење во целост бил рачно изведен.
9. Од оригиналните 180 Библии, се знае дека се зачувани 49 изданија, а 21 од нив се целосни. Зачуваните изданија можат да се најдат во: Австрија (1), Белгија (1), Данска (1), Франција (4), Германија (13), Јапонија (1), Португалија (1), Полска (1), Русија (2) Шпанија (2), Швајцарија (1), Велика Британија (8), САД (11) и Ватикан (2).
10. За време на Советската окупација на Германија по завршувањето на Втората светска војна, Црвената армија организирала акции во кои запленувала бесценети историски и културни артефакти од музеите и библиотеките во Германија. Русите го сметале ова за одмазда за тоа што Германија го правела за време на војната и успеале да конфискуваат милиони книги и уметнички дела. Меѓу нив биле и две изданија на Гутенберговата Библија.
Советскиот сојуз негирал дека знае за постоењето на овие Библии и ова траело сѐ до 1980 година кога се дознало дека двете Библии се чуваат во библиотека во Москва. Оттогаш, германските власти неколку пати се обидувале да ги вратат изданијата, но неуспешно. Во 2009 година, руски владин агент успеал да украде една Библија и се обидел да ја продаде на црниот пазар за 1.5 милион долари. Сепак руските власти го фатиле и го вратиле изданието назад.
Се надевам дека ви беа интересни овие факти, а во продолжение можете да погледнете и видео како всушност функционира фамозната машина за печатење:
